XXVIII
За иднината како минато
Ме изненади Дамјан Колумнистот со своето промислување за иднината како минато. Јас очекував да ја наметне темата за сегашноста како иднина, особено поради актуелните состојби и сомнежите за нивно скорашно надминување, а кои, пак, од ден на ден го засилуваат сенародното безнадежие. Велам ме изненади, пред сè затоа што прашањето за иднината како минато отсекогаш сум го поистоветувал со сегашен чекор назад. Кој е сам по себе проблематичен во однос на стоењето во место.
Дамјан Истиноски изнесе свој заклучок: иднината е како минато, дури исто што е тоа секогаш во миг на време во кое се проблематизира сегашноста до степен на лична човечка неизвесност. Со други зборови, тие во таков миг се изедначуваат и според траењето и според содржината, иднината станува минато, а минатото иднина. Па се доведува во прашање самосвесноста, идентитетот и ангажманот на личноста, особено творечата.
Го прашав по малку наивно: зарем е можна иднината како минато, односно да имаат исто траење и содржина, а притоа сегашноста да се проблематизира до степен на лична човечка неизвесност?
Наместо да ми одговори со факти и аргументи, Дамјан од Истин изнесе нов заклучок, во не мала мера противречен на претходниот: сегашноста како миг станува сè понеизвесна со продлабочувањето на различноста меѓу иднината и минатото; а личноста, особено творечката ја зголемува својата ангажираност токму затоа што во него ги губи самосвесноста и идентитетот.
Му реков дека наскоро очекувам да прочитам негова колумна посветена на иднината како минато, во која ќе наведе конкретен пример од стварниот живот.
Ми рече дека тоа нема да биде наскоро, ќе морам да чекам прилично, и додаде: и иднината како минато и сегашноста како минато и иднина, а и минатото како сегашност во иднина се во пресвртен миг на исконски живот.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. Фатете ги крадците!
Логиката вели: крадците мора веднаш да се фатат за да не продолжат да крадат. Крадецот си е крадец, па може да престане да краде само ако биде фатен и казнет за сторената кражба. Потоа врз него да се применат воспитно-поправни мерки, односно како што се вели модерно-да се ресоцијализира.
Ако не биде фатен, или барем да дознае и почувствува дека е бркан за да биде фатен како таков, тогаш тој не е крадец. Напротив, почесен е од оној граѓанин кој не ни помислува да украде нешто.
Крадците, пак, заедно со оние што треба, но не ги гонат и не ги фаќаат, со право му велат:
„Ти си наивен и будала“.
Имаат право бидејќи се покажало и докажало, се покажува и докажува дека украденото од нив не е украдено, што значи природно им припаѓало, а само си дошло времето да си го земат оти сè до нив било неправедно и неправилно кај друг(и).
На пример, шо се случува кога дознаваме дека некој бил и е „и тоа каков крадец“? Ништо особено, освен дека изненадени, стаписани и крајно возбудени успеваме да викнеме заедно со други на сет глас:
Фатете го крадецот!
А што би се случило ако го фатат откако така ќе викнеме? Еве што би било и што е:
Прва реакција-кој е; втора реакција-каде е; трета рекација-невозможно (и) тој да е; последна реакција-пуштете го, тој не е!
Не ви е верно дека би било така? Да, може да има уште една, најпоследна реакција: да ве фатат вас што сте викнале заедно со други, па да бидете обвинети (на суд, ами како!) за клевета, а богами и за викање. Може и со прст покажување на оној што е од чесен почесен затоа што не може, ниту сака, ниту се обидува да го докаже спротивното.
Според моето скромно искуство и знаење, во нашава средина и околина е многу поважно не да викаме „Фатете ги крадците!“ (ако викаме по еден, ништо не сме направиле; ама јас имам впечаток дека биле и се мнозина, дузина, неброени), туку да ги фатиме и прописно да ги казниме оние што не ги казнуваат и кога „случајно“ ќе бидат фатени.
Скромно мислам и од искуство знам дека тоа би имало повратен ефект врз фатените во меѓувреме, а особено врз сè уште нефатените.
Како што стојат сега работите, тие и таквите-што не ги фаќаат, а ако случајно „им се фатат“ не ги казнуваат, бидејќи или делото не може да се докаже или во меѓувреме застарело, се нивни соучесници. Исти како нив! Значи, и тие крадци. Дури ми доаѓа да помислам дека се многу побројни од самите нив.
А ми доаѓа малку и да промислувам за евентуалната спрега помеѓу нив и полит-бизнис олигархијата. Ама веднаш се препнувам, се сепнувам, се протресувам. Ми текнува: ако ја има, ако постои, тогаш се коси со една друга логика.
Имено, иако се знае дека нема мали и големи крадци, излегува дека има. Со таа разлика што малите се големи и многу полесно и побрзо се фаќаат. Големите, пак, се мали и воопшто не се интересни за фаќање, па фаќачите не ни помислуваат на нив и за нив да губат дел од своето драгоцено фаќачко време.
Има и трета логика. Таа вели:
Не треба да се вика „Фатете ги крадците!“, зашто тие ќе слушнат и ќе избегаат односно ќе се сокријат навреме или ќе ги сокријат. Треба конкретно, акциски што се вели, да се помогне независно, непартиски и сл. да се откријат, да се откриваат, па и да се помогне во нивното фаќање.
Ама мене лично ме буни нешто сосема петто (четвртото им го оставам на позиционерските и опозиционерските коалиции за да им користи во предизборните кампањи, на пример):
Кому тоа им викаме или треба да им викаме за да ги фатат?
Се разбира, на органите, знам. Знам и на кои: на внатрешните и надворешните; на политичките и неполитичките; на свеста, потсвестам и совеста; на одговорноста. Или, на пример, на теснопартиските интереси, поточно на функционерите и службениците на партизираната и зависна неправна држава.
Најмногу ме буни нешто како претпоследно:
Во последно време се погласно се вика „Каде се парите-милијардите!“?!
Луѓе мои, па тоа се пари! Навистина, каде се, каде би можеле да бидат?
Да ви кажам најискрено, кога би биле кај мене буквално би умрел од страв кај да ги скријам. Се покажа дека помеѓу независниве ни медиуми имало некои од кои не можеш ни швајцарски сметки да сокриеш! А за под перница или под јорган планина ептен се многу, не ги собира! Знае некој каде се?
И конечно, по ова што сосема на крајов ќе го речам комплетно занемувам до следниот момент, кога ќе бидам предизвикан или изваден од такт:
Народе наш насушен (и пресушен)! Да не дошло конечно времето кога наместо „Фатете ги крадците!“ треба да не викаме, ами да си речеме помеѓу себе, со шепот или само во себе: „Ај да ги фатиме“. А? Мислам дури не ја дувнале, на пример, во туѓина-јабана, па да си останеме секој со својот прст…в уста!
2. Позитивната енергија
Колкумина околу вас, со вас, пред вас и зад вас познавате со позитивна енергија? И колку им ја чувствувате, забележувате, колку ја восприемате?
Мислам дека сум во право кога велам дека таквите се малкумина на број. Големо прашање е дали не сте и вие еден/ една од нив. Исто така, мислам дека многу прашања и проблеми не се решаваат или се несоодветно решени токму поради недостиг од позитивна енергија. Не само кај „решавачите“, туку многу повеќе кај оние што ги трпат, издржуваат, поднесуваат, толерираат, значи ние. Веројатно помеѓу нас и вие.
Можеби грешам, можеби не, ама мислоам дека сè побрзо спласнува оптимизмот дека ние сме со пола нога односно пола чекор во светот на Европјаните. Внимавајте, реков оптимизмот, а не позитивна енергија. Претпоставувам дека ја знаете разликата помеѓу нив. На пример, дека позитивната енергија не може да биде лажна, а оптимизмот и тоа како може- најчесто е таков особено кај политичарите.
Лично мислам дека кај нас и за нас не е толку проблемот дека има недостиг или воопшто нема позитивна, колку имањето на огромни количества на негативна енергија. Просто да се чуди човек колку сме негативно „наенергенизирани“ спрема власта, спрема оние над нас, спрема полит-бизнис олигархијата, спрема партизираното општество, спрема одделни министри, спрема…
Никој не ни чини, сите ни се виновни, сите тие треба да се „исчистат“, за ништо не ги бидува итн. Ами зошто така, луѓе мои? Како тоа да не ги (до)гледаме, а уште помалку да ги почувствуваме огромните статистички успеси на власта на секој план?
Лично мислам дека дека токму таа е највиновна за негативната енергија, односно што ептен ни фали позитивната. Којзнае, можеби следната ќе собере толку за да може барем дел да насочи кон нас, за барем малку да нè „позитивизира“. Ама исто така сум скептик дека во таа насока се движат работите.
Најконкретно:
Според мене, крајно неполитичка, што значи политички дилетантска е изјавата што ја слушам често: најважно е да се спроведат фер и демократски избори. А не е поважно од најважното кој ќе победи?! Како не е важно? А за што ќе се спроведуваат? За пораз на сите? Може…може…Ма ајде, ви се молам! Каде е тука позитивната енергија?
Ама што беше тоа позитивна енергија во транзицијата која во меѓувреме ја заменивме со европеизација?
3. Колку време ќе ни треба за да ги достасаме стандардите на ЕУ?
Се надевам дека ви се добро познати сите европски стандарди кои се ем строго и прецизно дефинирани, ем со јасни упатства како да се достасаат и прифатат. Кому не му се познати, може лесно да ги запознае. На европскиот веб сјат се објавени од „А“ до „Ш“. Токму затоа нема ефект, сосема се наивни и залудни обидите на некои политички „елити“ со нив да манипулираат, а особено да нè залажуваат нас залажувајќи се себеси.
Прашањето во насловот е круцијално, а може да се рече и единствено важно за нас. Колку поради очекувањата, надежите или самозалажувањето, манипулациите, шпекулациите, толку поради реалните согледби на она што сме, до каде сме и што треба да правиме. Се разбира, притоа од особено значење е времето што ни стои на располагање и што ќе го искористиме за „персонална европеизација“. Која не значи ништо друго, освен живеење, работење, дејствување според европски стандарди.
Во обидите да бидеме што поуспешни прогнозери, секогаш треба да тргаме од „двојното време“-нашето и времето што ни го нуди ЕУ. Во спротивно, не само што нема да бидеме успешни, да го одредиме рокот, туку со нас како досега многу лесно и натаму ќе може да се манипулира, значи да ни се ветува, а ние како кленови да се фаќаме на нивните јадици со нивните ветувачки мамци.
Намерно не прецизирам на кои европски стандарди мислам кога (си) го поставувам прашањето за нивно достасување односно целосно прифаќање. Од едноставна причина: европските стандарди се пакет кој се отвора наеднаш, се прифаќа веднаш и се имплементира во утврдено време кое, ќе повторам уште еднаш, е „двојно“: наше и „нивно“ т.е. европско. Притоа, наше не може да биде нивното затоа што тие нас не нè прифаќаат, како што милуваат да кажат „борците за членство во ЕУ“, туку ние стануваме исти како нив-Европјани, ако не и подобри!
Дали треба да се потсетуваме дека има држави-народи кои токму според европските стандарди се далеку „над“ членките во ЕУ, па затоа и не сакаат да се зачленат-не им е прифатливо „пониското ниво“ од нивното?
Значи, основното: нашето и „нивното“ време за наша европеизација. И веднаш искажувам личен став-оценка: повеќе од сигурно е дека во блиска иднина моментните резултати нема да се подобрат.
Претходното можам да го аргументирам со многу реални показатели во сите сфери, но чинам дека овојпат ќе биде доволен само еден од економската сфера:
Наместо да се прогнозира економски раст и растеж од 9%-10% и тој по секоја цена да се оствари-мислам на огромните напори од сите за тоа, власта се задоволува со европскиот од 3%-4%. Дури помал! А не мал дел од европските стандарди, и во квантитативна и во квалитативна смисла, е врзан токму за тој процент.
Инсистирам на буквално читање на насловот на мојов прилог: колку време ќе ни треба за да ги достасаме европските стандарди?
Значи, најнапред да ги достасаме. А бидејќи сме далеку од нив, прашањето што се наметнува само по себе гласи: па што тогаш реформираме односно имплементираме „европски“? Европската легислатива-прилагодување на нашата на неа? Да, ама само како мртва буква на хартија. И ништо друго!
За реално да прогнозирате колку време ќе ни треба, а колку ќе изгубиме за да ги достасаме европските стандарди, ќе се обидам да ви помогнам со повторување на погоре реченото, овојпат и дебело подлвечено:
Како и секој друг, и пакетот европски стандарди се отвора наеднаш, се прифаќа веднаш и се имплементира во утврдено наше време. Притоа, водејќи строго сметка за нивното.
4. Табу теми и демократија
Тоа не е ништо ново. Одамна е познато и елаборирано до најситни детали. Табу теми односно забранети има во оние држави во кои се применува тн. дозирана или контролирана демократија („на лажиче“).
Се разбира, не мислам само на табу темите за јавноста (за кои се одговорни медиумите), туку и во конкретното политичко, владејачко, бизнисменско и секакво друго дејствување.
Меѓутоа, ако забранети теми во буквална смисла има во недемократските општества односно во тоталитарните држави, тогаш „препорачани“, „нарачани“ и како „прашања кои не заслужуваат одговор“ имало и има во оние општества и држави во кои позиционерско-опозиционерското, „нашето“ и „вашето“ дејствување не ќе е лошо малку да се контролира. Колку да не излезе од „колосекот“, па да не згреши. Тоа значи дека во такви општества има пријатели и непријатели, има контролори („прислушкувачи“ и „прочитувачи“, особено мајстори за меѓу редови и предни и задни мисли), има „безгрешни“, но сите се „добронамерни“-работат на тие планови со цел натамошен „сестран“ развој на демократијата.
Во кое општество може да се нареди и каква е нашава држава во однос на табу темите или слободата, независноста, правото, одговорноста итн.-проценете сами. Јас сакам во овој контекст само да укажам на некои од неполитичите сигнали кои во изминатиот период ни ги упатуваше и постојано ни ги упатува обединетата Европа.
Нема област од оние што значат „европеизиран“ живот и амбиент, а да не е критикувана, да не е укажувано на дури катастрофалните состојби и последици. Дали треба да се потсетуваме? Доволно е да потсетас на корупцијата и бизнис амбиентот, заедно со сè „помеѓу“. Дури и она со што „нашиве“ се фалат не е баш „стабилно“: меѓуетничкиот соживот и довербата.
Од што не се водеше и не се води конзистентна политика и долгорочна и среднорочна стратегија со краткорочна тактика, нашите „успеси“ се само сигнали дека „можеби ќе ни тргне“. Од што не се поставува, а потоа постојано да се надградува систем на вредности кој ќе кореспондира со оној во развиениот свет (европски стандарди особено во однос на квалитетот на животот и творештвото), ние не сме способни самите да си ги препознаваме вредностите што ги создаваме, па се радуваме кога ќе ни ги препознаат и наградат странци. Се плашиме од авторитетни личности, стручни и компетентни оти можат да ги „растурат“ послушноста, медиокритетството, непотизмот и партијноста, малограѓанштината и алашверишот кој без срам и перде го нарекуваме бизнис. Итн., итн., итн.
Ќе завршам со едно предупредување кое малкумина го заушија, поточно неговиот удар „горните“ успеаја да го амортизираат истиот ден, час, па и миг:
Имено, еден Европеец јасно и гласно ни порача: ако не ни чинат политичките лидери, да ги смениме. Токму така рече, ама како да им рече на наглуви. Згреши човекот, од немукает или од недоволно познавање на македонската политичка сцена.
Кого и да прашате од тие што ни се пред очи со години и децении, ќе ви речат дека на сцената нема, ниту може да се догледа „во далечина“ некој нов лик, а со лидерски „предиспозиции“ не може ни да се помисли или смисли. А како да видат тие и таквите, истите, кога одамна не гледаат од носот подалеку?
5. Каде се средните? Во средината и околината!
А без нив не се може ниту чекор, ниту педа напред. Тоа најдобро го знаат најразвиените, па секогаш водат сметка и будно внимаваат да не се помрднат од местото кое „природно“ им припаѓа. Солидна позиција имаат и кај развиените и помалку развиените, а никаде ги нема (ниту ги имало) кај сиромашните. Така било и така е секогаш во капитализмот. Таму кај што ги нема, не може да се говори дека е-капитализмот на сцена, туку евентуално се работи за првобитна акумулација на капиталот (читај: мафијашка приватизација, партиско-олигархиска транзиција, дилетантско-дебилна социјализација).
Се разбира, кога прашувам каде се средните, мислам на припадниците на средната класа. Дали треба да ви ја претставам? Се надевам дека не треба. Па сепак:
Тоа се оние во средината, значи „ни ваму-ни таму“, а без кои не можат ниту „горните“, ниту „долните“. Пред сè поради знаењето, стручноста, способноста, искуството. Тоа се оние кои не водат, туку раководат, кои не политизираат, туку, напротив, деполитизираат, кои не добиваат или на кои ништо не им паѓа од небо, не умеат и не сакаат ништо да стекнат со алашвериш, со „провизионерство“ или, попрецизно речено, рекетарство, со пливање во матно. Најмалку со коленичење, послушност, унижување, лижење и подмачкување. Сè што имаат лично го заработиле, сработиле или создале. Чесно? Ако е нечесно тоа дека евтино не се продаваат, тогаш да.
Инаку, во теоријата тн. средна класа се дефинира „малку“ постручно (постојат бројни дефиниции од видни учени). На пример дека средната класа ја сочинуваат поединци и општествени групи кои се на средината на хиерархиското скалило на општеството. Различна е во различни историски периоди, географски околности, економски прилики, животен стандард и идеологијата.
Сепак, за неа најважна карактеристика е економската независност. Со други зборови, на средната класа денес ѝ припаѓаат оние што без поголеми проблеми можат да обезбедат „пристоен“ стандард поврзан со современите достигнувања на цивилизацијата, што значи дека сиот приход не го трошат исклучиво за задоволување на најелементарните егзистенцијални потреби.
Меѓутоа, за полесно препознавање на средните, особено во нашиве објективно-субјективни „околности“, доволни се такви какви што јас „нестручно“ ви ги „насликав“. Па, каде се? Никаде! Ги нема? Не, ги има, ама се никаде оти се за никаде. Да ги жалиш, да ги сожалуваш. Зошто?
Од многу едноставна причина: не се продаваат евтино оти си ја знаат вредноста, ама никој од „горните“ не сака да ги плаќа или да им плаќа барем „пристојно“, ако не колку што треба. Од тоа и други причинско-последични „соображенија“ многумина се одамна или од неодамна избегани во странство. А оние што се сè уште со нас, крај нас, интензивно работат на тој план. Можете тој процес да го наречете „одлив на мозоци“ и нема многу да згрешите. Само малку, бидејќи не станува збор само за мозоци.