КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXII

Потребно време за читање: 10 минути

XXXII

Обичен и необичен човек

Досега имав само една можност да поразговарам со Зора Темелкова за Дамјан Истиноски, неговата „неформална друшка“; за неговата самост и нејзиното место во неговиот досегашен живот. Често се среќавав со неа кога одев во неговата дома и можам да речам дека веќе ја познавам добро. Најспоредлива ми е со некои жени придружнички на големи писатели во минатото, кои сум ги запопзнал читајќи ги нивните животописи. Да, најсоодветно за неа е дека е негова секидневна придружничка; помагајќи му во сè, следејќи го во чекор во неговото наспоредно живеење-како творец-мислител и книжевник и како колумнист.

Дали му е целосно посветена? Не можам да потврдам затоа што сè уште не знам ништо за нејзината приватност, а ни доволно за интимниот однос меѓу неа и Дамјан. Освен од него често нагласуваното дека нему му е единствено важно да го исполнува неговиот единствен услов-„кога е со мене да не биде со никој друг“. Сега ќе го додадам само тоа дека кога ја среќавав заедно со него, единствено во неговиот дом, таа беше молчалива; на кое било прашање одговараше кратко или со некој гест, обично со кимање на главата, со блага насмевка или со одвај забележливо трепкање на очите. Никогаш не се замешуваше во моите разговорите со Дамјан за што било. Дури наметливо покажуваше дека воопшто не ја интересираат; не излегувајќи од кујната, подготвувајќи пијалок, закуска или вечера или, пак, седејќи со книга в раце во затемнет агол на дневната соба, покрај ѕидната библиотека натрупана со книги. (Никогаш не ми изгледаше дека чита).

И ова вообичаено за неа: секогаш беше облечена во бела ленена кошула со мал црвен вез околу вратот и долго кафено сомотско здолниште; на нозете црни пантофли.

Зора Темелкова е убава и привлечна средовечна жена, накај педесет години; дебелушкава, но со привлечни, па и предизвикувачки облини на телото; широки колкови и големи гради (мошне успешно прикриени со облеката). Нејзиниот строг изглед, некако наметлив со малите црни очи и дебелите подочници, на прв поглед делуваше одбивно, но веќе на втор мошне мило и питомо.

Поразговарав со Зора Темелкова за Дамјан Истиноски, за неговата самост и нејзиното место во неговиот досегашен живот едно неделно сончево претпладне, на зелениот градски пазар на Бит-пазар. Кус неврзан разговор меѓу тезгите, често прекинуван со пазарење и купување разни намирници. Двојниот живот на Дамјан го наметнав јас, а таа постојано се обидуваше да ми го објасни нејзиниот однос со него како искрен, со взаемна доверба, необврзан; вонбрачен, со редок, но страстен секс. Тие нејзини обиди успевав да ги сведам на „Ние се сакаме многу“ и „Не можеме еден без друг“. Внимателно, со избрани зборови ја прашав што значи „редок секс“ меѓу него и неа, а нејзиниот одговор пак беше кус: „Не е редовен, а мислам и дека е според моите и неговите години…Иако знам дека тие се индивидуален проблем или предност кога се има предвид искуството…Но е секогаш огнен“. („Огнен“ проследено со широка насмевка.) Заклучувајќи: „Меѓу нас е сè в ред“.

Разговорот за Дамјан Истиноски и неговиот двоен наспореден живот би можел да го изедначам со секој на обичен и необичен човек:

Јас:

-Многу нешта знам за него, се знаеме и се познаваме одамна, но него како личност тешко можам да го објаснам „наспоредно“; од една страна виден, авторитетен и мошне влијателен во државата и општството, најмногу со колумните кои тој ги нарекува и поенти, а  од друга мислител и книжевник со завидно творештво. Па има уште и трета страна, според мене многу проблематична: безработен, а живее самотно и мошне сиромашки, благодарение само на нередовни хонорари за колумните и малкуте објавени мислечки и книжевни дела. Се разбира, ги имам предвид и неговото лично достоинство и неговата стаменост.

Зора Темелкова:

-Тоа е така. Неизменливо е…Не е непознато…Знаеш за генијалниот бездомник кој го решил најголемиот математички проблем на светот?…Кому му понудиле награда од милион доларии, но тој ја одбил и си го продолжил бездомништвото?…Не е баш споредлив со Дамјан, не верувам дека Дамјан би постапил исто, но му е близок со ставот и постапката…Особено со одлуката да живее самотно, само со мене и одвреме-навреме со неколцина како тебе.

Јас:

-Значи, и ти го прифаќаш како обичен и необичен човек?…Тој многупати ми има речено дека колумните односно поентите не му значат ништо, дури не ги смета за вредни, а неговото мислечко и книжевно творештво просто му го наметнува, просто му го „диктира“ неговиот творечки дух. Самотниот живот, пак, го прифатил како „соодветен и содржаен“ за неговото постоење.

Зора Темелкова:

-Да, тоа е точно. И мене ми го има речено многупати. Дури сме се расправале, за најнакрај да морам да ги прифатам неговите аргументи…Дамјан Истиноски е многу повеќе обичен одошто необичен човек. Впрочем, како секој друг…Обичен според своето однесување-весел, тажен, спокоен, нервозен, загрижен, рамнодушен, поднослив, неподнослив, а необичен со своите ставови за дребноста, минливоста, вредноста и трајноста…Многу сум загрижена за неговото здравје. Не бевме заедно, не се ни познававме кога преживеал два инфаркта, за чудење е како неодамна лесно го издржа третиот и брзо се опоравува…да чукнам во дрво…Но следниот…

Јас:

-Јас мислам дека токму сериозно нарушеното здравје го докажува Дамјана Истиноски и како обичен и како необичен човек. Тоа најмногу како последица на личната борба за лична и колективна слобода, а најпрвин за слободоумност.

Зора Темелкова:

-Не знам…Можеби.

Од колумните (поентите) на Дамјан од Истин 

1. Решаваат неопределените? Не!

Сакам да укажам на една заблуда или самоизмама што почесто имаме можност да ја слушаме предизборно. Ја искажуваат новинари-хроничари и аналитичари, но и политички „стручњаци“ (без наводници-квазистручњаци). Со што покажуваат не само незнаење и непознавање на политичката клима и состојбата кај нас, туку и основно неразбирање на политичката борба. Станува збор за тврдењето дека победникот на избори го „обезбедуваат“ неопределените гласачи.

Јас тврдам: не, напротив! Победата секогаш е „во рацете“ на определените. Само е прашање на нивно внатрешно „групирање“.

Да почнам од главното, суштинското:

Кои се неопределени кај нас или дали воопшто има такви?

И уште:

Ако беа „клучниот фактор“, дали победата на едните и поразот на другите значи нивна „тврдокорност“, „жилавост“-дека и покрај „притисокот“ ја покажале и докажале својата неопределеност? Или не издржале, па се определиле?

Конечно:

Од каде толкав страв од неопределените?

Кои се и дали воопшто има неопределени? Јас тврдам: ниту имало, ниту ќе ги има некогаш! Имено, таквите, ако прифатиме дека ги има (и тоа во најголем број), со тоа што или воопшто не излегуваат на избори или гласаат за да не гласаат (гласаат „во празно“, за никого, со неважечки гласачки ливчиња), тие всушност ја искажуваат својата определба против сите што им се нудат на гласање.

Ако се направи сосема површна споредбена анализа со претходни избори (од кое било ниво), лесно ќе се дојде до поразителниот заклучок: во меѓувреме огромен број на партијци-членови и симпатизери ги напуштиле! Значи, тие не станале „неопределени“, туку се „преопределиле“. Се разбира, мислам на изгубената доверба поради сè што правела и не правела, а требало да прави нивната партија.

Тргнувајќи од наведените укажувања и ставови, сметам дека оценката оти на избори одлучуваат „неопределените“ е лицемерна, а обидот за нивна „обработка“ може да се означи како валкана игра со поразителен ефект. Лицемерна затоа што, всушност, е насочена кон „сопствените редови“ (опасно „разредени“), а валкана оти во рамките на предизборната кампања, сосема нормално, се прават максимални напори да се убедат „поранешните свои“ дека „сивото“ што го гледаат како „портокаловото“ ќе биде поинакво по новата победа. Во спротивно, ако останат на „своето“, треба да знаат дека „по онадење ќе нема каење“.

Што се однесува на стравот од „неопределените“, тој е вообичаено огромен. Сеедно дали го признаваат или не го признаваат партиите.  Не затоа што од нив зависи победата на избори, туку поради реални, па и „најпесимистички“ очекувања дека тие ќе бидат макар морални победници.

Меѓутоа, ај да прашам нешто досега од никој непрашано:

Дали на гласачките ливчиња на сите досегашни избори сте виделе еден сериозен, познат, афирмиран, авторитетен независен кандидат?

Е, токму поради тоа што не сте виделе затоа што немало, за победникот или победниците на избори решаваат определените.

2. Изборна програма

Клучниот „фактор“ за победа на избори е или треба да биде изборната програма. Судејќи според досегашните изборни искуства, најголемиот број од „водечките“ македонски партии е прашање дали воошшто знаат што е тоа изборна програма!

Пренесувам 10 „определби“ на една изборна програма на партија за поодамнешна неуспешна изборна „борба“, насловена „Сите под исто сонце“:
1) сочувување на македонскиот национален идентитет; 2) политичка стабилност на Македонија; 3) членство во НАТО, членство во ЕУ; 4) вистински економски прогрес; 5) повисок животен стандард и намалување на сиромаштијата; 6) квалитетно образование достапно за секого; 7) здравство за сите; 8) пензии за достоинствен живот; 9) европско и профитабилно земјоделство; 10) подигање на квалитетот на животот на секој човек.

Едно единствено прашање што „произлегува“ од наведените „определби“:

Дали тие треба да бидат изборни определби или суштина на политичка платформа на една партија?

Кога би се знаело што е изборна програма, многу нешта, ако не сè, би биле поинаку, а најпрвин на избори не би се настапувало со „шарени лаги“ (не ветувања) од типот „Како малиот Буле си замислува политика“. Би се настапувало со она што треба да биде јасно, прецизно и разбирливо за гласачите: акции и проекти, со конкретни рокови и периоди на реализација.

Во многу изборни програми, чест на исклучоците, се соочува(в)ме со несфатливи ступидности, недоветности, па и инфантилности. Некои политички аналитичари со право се мајтапат со нив, особено со нивните „опаковки“. Не само поради „шарените лаги“ во нив, туку дури многу повеќе поради нивната „формалност“.

Една лага односно ветување секако ќе остане во македонската историја на демократијата како еден од најголемите „бисери“: секое македонско семејство ќе има барем по еден вработен.

Прашањето ми е:

Во што е разликата помеѓу изборна програма и политичка платформа?

Што се однесува на „опаковките“, поготово на боите…Разбирам зошто сите бегаат од сивата (опасно е сивилото), ама зошто досега никој не се определил за розе на штрафти?! Мене лично ми станаа одбивни, дури дегутантни „задолжителните“-сината, црвената, портокаловата, жолтата и белата. Барем една да беше отпечатена црно на бело.

3. За предизборниот молк

Моето хроничарско следење на предизборните кампањи никако да ми помогне да си ги надминам дилемите во врска со предизборниот молк. Најпрвин: зошто е измислен и прифатен како „неминовна состојка“ на фер и демократски избори?

Во однос на 48-часовниот предизборен молк, како и за многу други нешта, нештата кај нас се прилично „исчашени“. Имено, тој се однесува пред сè, дури единствено на „замочлување“ на кампањата на актерите на изборите. Без оглед што според неговата „природа“ има сосема друга функција: молк на сите! Можеби најконкретно: спокојство и концентрација на гласачите, но и: молк за размисла, проценка, оценка и определба кому да му се даде гласот. Тоа значи дека предизборниот молк е инвидидуална демократска придобивка, во чии рамки најмногу доаѓа до израз слободата на изборот.

Меѓутоа, предизборниот молк, како сè друго, за најголемиот број од гласачите е-ќе биде само решавање на дилемата кому да не му се даде гласот! Некои „порадикални“ одамна се за никому од предложените кандидати и нивните партии. Токму тие се најопасните, најпроблематичните, па единствено според нивното „превртување“ или „обработка“ може реално да се оценува успехот на сечија предизборна кампања.

Да се излезе или не на избори?

Одговорот ќе си го даде секој сам на себеси. Да се излезе и да се гласа или да се излезе само онака-„формално“, со пречкртување на гласачкото ливче за да се брои како неважечко? И за тоа секој сам треба да си одлучи.

Само како предупредување:

Белки сите научивме и прифативме дека гласањето е едно од најголемите демократски права, а не „граѓанска обврска“. И за каква било лична одлука во врска со излегувањето или неизлегувањето на избори не одговарате пред никого. Одговорноста (ќе) ја имаат оние што го добиваат вашиот глас. Можеби не толку дали ја заслужиле или не вашата доверба, колку поради „блиско-идното време“.

Сакам да укажам на нешто многу важно; на нешто на што никој никогаш, и кога му е стемнето пред очи, кога гледа некој зрак на хоризонтот и кога е одамна слеп при очи, не треба да го заборави:

Молчете ако ве прашаат дали ќе гласате, за кого сте се определиле, имате ли свој фаворит на изборите. Молчете и ако не излезете да гласате, ако не го искористите вашето демократско право или ако гласате „за никого“, односно вашиот глас да се брои како неважечки.

Молчете и во рамките на предизборниот молк, и на денот на изборите, и во постизборниот период (макар траел колку што ќе им трае мандатот на новоизбраните). Не затоа што е молчењето „злато“ (во нашево време најмногу „’рѓосано железо“), уште помалку оти е мудрост.

Молчете затоа што слободата својата најоглема вредност ја има во молкот. Во демократијата молкот најмногу зборува.

Нужен е предизборниот молк? Јас мислам да. Додека не се научи и не се прифати од сите предизборни и изборни „чинители“ културата на демократските избори.

4. „Не е важно кој ќе победи“?! А што е важно? Кој ќе изгуби?

Пред „обезбедени“ фер и демократски избори, а имајќи го предвид изборното законодавство, препорачувам внимателно следење на она за што се залагаат односно го најавуваат партиите од позицијата и опозицијата. Се разбира, доколку ја освојат власта.

Весело, смешно, поточно политички дилетантско и ступидно изјаснување на претставник на „долгогодишна“ политичка партија:

„Важно е изборите да бидат фер и демократски, а сеедно е кој ќе победи“!

Кога го слушнав ова, паднав наземи од смеење. Одвај успеав некако да си ја повратам сериозноста. Да бев присутен кога ова го изјави претставникот, ќе го прашав:

Ако не е важно кој ќе победи, зошто е важно изборите да бидат фер и демократски?

Можеби грешам, ама мислам дека сум сосема во право кога го тврдам следново: на секои избори единствено е важно кој ќе победи! Ништо друго, па ни изборите да бидат фер и демократски. Имено, како тоа да е најважно кога мора да биде нормално, очекувано, природно, обезбедено?

Во контекстот на прашањето како наслов на мојава поента, во последно време едно друго прашање ми се врти во умот и ми го расипува расположението. Особено кога ќе помислам на наши познати политичари, поточно политиканти кои изјавуваат исто или слично како цитираниот. Дури ми се темни, ми паѓа мрак на очи:

Вие, кои пред секои избори се „договарате“ тие да бидат фер и демократски, како ќе владеете (коалиционо) по ептен „тесна“ победа?

Ај и ова како „контра“:

Ќе им одмагате ли до стемнување, до паѓање мрак на очи на оние што се членови и симпатизери на „вашите“ противници, доколку не ви биде сеедно дека сте доживеале прв или уште еден пораз? 

5. Ајде да се европеизираме

Дека многу нешта во овој наш до крајности политизиран, поточно политикантски живот не се менуваат или, пак, се менуваат мошне бавно, „највпечатливо“ зборува процесот на нашето европеизирање.

Во еден „проблесок во мислата“ на македонска „еврооинтеграторка“, објаснувајќи што значи тоа „чекање во ред“ за членство во ЕУ даде мошне „илустративно“ објаснување: веќе европеизирани држави и општества мирно си стојат во ред и не се ни обидуваат да дојдат „преку ред“.

Немав можност на тогаш актуелната „евроинтеграторка“ да ѝ поставам прашање токму во врска со „стоењето во ред“, па сега си го поставувам и ќе се обидам да (си) одговорам:

Зарем „стоењето во ред“, како многу други слични нешта, не е дел од лична и општа култура (заедничка, колективна), а не европска?

Следствено:

Зарем не стоевме во ред кога бевме другарки и другари, а токму таа и нејзините сопартијци на власт не стоеја заедно со нас во ред? Ако е така, зарем тоа не значи дека не ние, туку тие не се европеизирани?

Имено, помеѓу првите забелешки и негативни оценки на „европеизираните“-членките на ЕУ е неевропеизираноста на политичките партии. Да, добро чувме и прочитавме: нашите партии не се „доволно“ европски! А за да станат тоа, мора сите да се однесуваат европски на избори: да дадат сопствен, конретен придонес во нивната организираност, демократичност, регуларност, слобода на изјаснување, култура на предизборно и изборно однесување.

Нема друго чаре, припадници на македонкиот народ и на „делови на народи“, државјани и граѓани  на Македонија, освен самите под итно, дури буквално преку ноќ да се европеизираме. Можно ли е тоа? Јас тврдам дека е можно, и тоа многу лесно! Наместо да кажувам и објаснувам како, ќе поставам само едно прашање, а на кое сум сигурен дека воопшто не е тешко да си одговорите:

Како се однесувате кога случајно или намерно макар еден ден, макар еден час или некоја минута ќе се најдете во некоја земја-членка на ЕУ? Европски или неевропски?

Патем, еве уште нешто во контекстов, многу суштествено за промислување:

Кога размислуваме и (се) расправаме за европеизацијата на Македонија, сè почесто ни се наметнуваат или, пак, сами си ги наметнуваме европските вредности.

Европски вредности?! Јас не знам за такви! Јас знам за цивилизациски, културни и творечки!