Потребно време за читање: 10 минути

XLII Дамјан од Истин мртов

Веќе подолго време ни трага ни глас од Дамјан Истиноски! Ќе да има четири-пет месеци!

Кога не ми се јави веќе цел месец, неколку дена и ноќи на ред упорно му ѕвонев на мобилниот. Не се јавуваше никој. Му оставав пораки да ми се јави, да се чуеме, да се договориме да се најдеме, но ништо. Дури ни макар некаков знак дека прочитал некоја. Апсолутно ништо! Целосен молк!

Се разбира, му појдов дома, во неговиот дом, неговата скромна куќарка.  Влезната врата заклучена со голем синџир и `рѓосан катинар. Како одамна напуштена. Судејќи според обраснатоста на дворот со трева, трње и овде-онде испуканиот и отпаднат малтер, во неа како одамна да нема жива душа.

Се распрашував кај негови пријатели и познајници, мислители, писатели, новинари, колумнисити. Никој ништо ниту знаеше, ниту беше чул за него. Единствено надежно од нив беше дека можеби или веројатно отпатувал негде на подолг престој. Добро, може, веројатно, но зошто никому не му ни најавил такво нешто? Дури ни мене, кој се сметам може не за единствен, ама секако меѓу за првите и најдобри пријатели!

Ја побарав нејзината „неформална друшка“ Зора Темелкова. Ни од неа ни трага ни глас!

Пред некој ден просто не знам што ме одведе на Градските гробишта, пред гробот-семејната гробница на Истиновци. Како да беше некоја необјаснива, неодгатлива сила…Ми дојде, просто ми се наметна само прашањето: зарем е можно Дамјан да починал и да е погребан во неа?!…Без да знае никој? Тајно?…Го погребала Зора сама?!

Го сретнав таму! Сенка од човек! Смален, со исушена снага, бессилен!

Како да знаеше дека сум зад него,дека му се доближувам со бавни и тешки чекори. Кога му дојдов на два-три се сврте и ми се насмеа рамнодушно!

Не, не ќе е тој! Не му го препознав лицето!…Всушност, тој немаше лице!

-Зошто чекаше толку долго? Зошто веднаш не се сети дека сум овде?-ме праша.

Јас збунет и прилично исплашен:

-Како ти овде?! Зошто?

Неговиот спокоен, длабок, ѕвонлив глас:

-Како зошто? Ме удри инфаркт. Последниот, судбоносниот. Знаев, а и ти знаеше дека нема да го прежиеам…Тоа е тоа…Како што ти раскажав за мојата самост и предодредената удбина. Не се сеќаваш?…Гледај, пишува јасно, со големи црни печатни букви и бројки: во гробницава се коските на баба ми, дедо ми, татко ми, брат ми, жена му, нивниот син. Им ги гледаш годините на нивните раѓања и смрти…А под нив…да, точно прочита…јас. Дамјан од Истин…На мојата друшка Зора ѝ завештав да не става моја фотографија и да не ги изделка годините на моето раѓање и смрт. Нема потреба. Не значат ништо.

Јас речиси вџасен, речиси викам:

-Ти се мајтапиш со мене, а?…Како тоа ти мртов!?

Тој со уте поспокоен, подлабок, поѕвонлив, леден глас:

-Така убаво. Мртов…Се сеќаваш за што ја сметам смртта? За дел од животот, дури како негово продолжение. И верувам дека умрен човек долго живее по смртта. Мислам на човек.

На надгробната плоча, под имињата на умрените до Дамјан, беше изделкан епитаф:

„Овде лежат и коските на Дамјан од Истин, последниот од родот Истиновци. Почина ненадејно, препуштајќи му се на заборавот“.      

Од колумните (поентите)   
на Дамјан од Истин 

1. Уште едно навраќање на достоинството

Постојат повеќе вредности и доблести кои го одржуваат човекот исправен пред време и невреме. Најнапред она што го прави помал во себе и пред други (беда, сиромаштија), пред сите оние што се обидуваат да го унижат, да го ништожат.

Од нив особено три го очовечуваат, хуманизираат, го возвишуваат: чесноста, искреноста и достоинството. Најранливо е токму третото-достоинството. Во вакво (наше) време на владеење на малограѓани, провинцијалци, примитивци, полит-бизнис олигарси, манипуланти, трабанти и слични на нив „анти“.

Еве некои мисли на големи луѓе, колку за поблиско „дефинирање“, поточно доближување на достоинството:

Големиот Сартр рекол:

„Мора да е тешко главата секогаш да се држи крената“.

Забележано од Конфучие:

„Благородниот човек е достоинствен, но не е горд; простакот е горд, но не е достоинствен“.

Ваше е дали ќе се согласите или не со следнава мисла на Ленин:

„Човечкото достоинство-него е залудно да се бара во светот на капиталистите“.

Да, многу е тешко да се сочува, да се одбрани личното достоинство. Потешко одошто да се изгради, да се стане свесен за неговите вредности. Прво што во светот на колективното губи на сила е токму тоа. Спротивно, граѓанската индивидуалност не може ниту да се замисли без почит, пројавување и возвишување на сечие достоинство. Граѓанското општество во најголема мера се потпира на достоинството на личноста-индивидуата.

Да размислиме:

Колку ја веднеме главата пред „посилните“ (во наводници оти се всушност слабаци), а колку стоиме пред нив и им се спротивставуваме со кренато чело? Што ни ги ведне главите толку, та од ден на ден ни стануваат од тешки потешки?

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XLI

Пред сѐ и над се зависноста, „врзаноста“. Да се остане независен, неврзан, слободен, е ѓаволски тешка работа, а што докажува дека сѐ што ни е правено досега и ни се прави (најмногу од власта) е всушност директна атака на личното достоинство. Атака од надуените простаци кои толку се намножија околу нас, пред нас, зад нас и меѓу нас, што да не можеме ниту да се препознаеме меѓусебно.

А мислата на Ленин според мене не е баш прецизна, па ни точна. Човечкото достоинство го има и во светот на капиталистите. Во негово време (во неговата земја) го немало оти не бил создаден, изграден „стожерот“ на капиталистичкото општество: таканаречената средна класа. Нејзиното достоинство е алфа и омега на успешноста на секој бизнис.

Но што правиме ние, кога кај нас не оти не ја „направивме“, туку нема ниту трага од средната класа? Меѓу другото или најпрво за во секое време да ја крева главата? Кога си ги веднеме главите, поточно ни ги веднат главите полит-бизнис олигарсите, но без кои не се може ниту за гол живот да се заработи со чесно (и искрено), независно, слободно работење? Ништо не правиме.

Велат, кај нас „најдостоинствено“ (а се мисли најпрофитабилно, најбезбедно и сл.) стана да станеш политичар. Имаат право?

Јас отсекогаш сум тврдел дека најнедостоинствени се политичарите. Тврдам и сега, а ми се докажува постојано. Нивното урнисано достоинство (си го урнисале и го урнисуваат сами) најчесто го слушам и гледам во предизборие-на средби со граѓаните (особено), на митинзите (помалку особено) и на настапите на телевизиските дебати (најмалку особено). Просто ги сожалувам кога ќе ги слушнам и видам помеѓу пазарџии како на продавачите-тезгаџиите им ветуваат дека ќе им биде подобро ако гласаат за нив. Чиниш само што не паднале на коленици пред нив, само што не заплакале.

Да доречам и подречам, па и да прашам-потпрашам за смислата, содржината и значењето на „средбите со граѓаните“:

На која било и каква било средба не се бара ништо, најмалку се моли за нешто (на пример, за глас на избори). Најнапред се има потреба од неа, и тоа обострана, од „двете страни“ што се среќаваат. Во спротивно, настојуваат да се одбегнуваат. Потоа, за да има ефект таа мора да биде срдечна (простосрдечна), едноставна, пријателска, роднинска и, што е можеби најважно, бесцелна. Секоја средба со цел не е средба, туку состанок со дневен ред.

Средбите со граѓаните во рамките на предизборна кампања имаат или би требало да имаат најголем ефект. Под услов да не се организираат за да се побара глас за власт. И да бидат достинствени. Обострано!

Средби со граѓаните не се прават на пазар. На пазар се оди за купување или за продавање. За ништо друго.

Дали можат да бидат „успешни“ средби со наведени глави?

2. Возбудено за хаосот

Кој ли го направи околу тебе? Кој ти го направи? Ниту ред да фатиш, ниту мир да си вратиш. Од каде да почнеш, има ли почеток или е сè само крај? Секој секому виновен, никој никому одговорен.

Не може долго времево да ни оди вакво. Во неред и непредвидено, од никого контролирано. Денес вакво, утре поинакво, задутре никакво! Во еден ден различно! Мора да го зауздаме, да го издумиме, ништо изненада да не прави.

Нема живот од денес до денес. Мора да се мисли на утре и на дните што ни идат по утре. Не се може без долго време.

Хаосов мораме да го зауздаме. Мораме ред да направиме. И во тоа што го работиме, и во она што други го работат, и во сѐ она што ни прават други.

Вака веќе не оди, вака веќе не се може. Хаосов не смее да трае долго. Ќе нѐ направи колективно хаотични, ќе нѐ заборави индивидуални. Ќе нѐ обезличи, ќе станеме безидентитетни.

Болно е средувањето, ама мора да се издржи. Во сѐ да се стави ред, па после со ред сѐ да се прави.

А што е тој-хаосот? Да не грешиме во разбирањето?

Не грешиме. Има некој ред во живеачкава и работава-неработава? Да не грешиме од денеска, од утре во друго ко што грешевме досега: за ред во сѐ да ставиме, прво треба сѐ да дорастуриме. Така? Ако е така, тогаш е крај. А кај ќе ни е почетокот?

Ај вака да си доречам, а вие не ми земајте за кусур:

И старите и новиве да научат од мудрите дека ништо не вреди и ништо арно не бидува ако саде се почнува. Не вреди и арно не бидува ако се почнува од средето ал’ од крајот. Оти времево-моево, твоето и нашево во едно нема цена. Не се продава.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), V, роман

Во секој хаос има нешто што чини. Научете се тоа да го продолжувате. Сосе почнувањето на сѐ друго.

Само едно ме плаши кога промислувам за хаосов во кој сме, а како продолжение на неизвесноста на нашиот опстој:

Можат ли оние што го правеа во минатото и го направија хаосот денес отсега да стават ред, сѐ со ред да почнат?

Треба нови луѓе за без хаос? Да, без двојба! Ама каде се? Се разбира, ги има. Само треба да научиме да ги препознаваме!

3. Културниот провинцијализам

Сѐ што е ограничено, омеѓено, затворено не може да опстои, не може да смета на сопствен валидитет, ниту на повисоки вредности. Тоа се однесува на која било сфера од нашето живеење, а особено на културната и на надградбата воопшто.

Економската беда-сиромаштија, која се јавува пред сѐ од сопствената затвореност, може да потрае и подолг период; да се толерира, да се поднесува. Меѓутоа, духовната беда-сиромаштија остава трајни последици. Го деградира, го деструира и индивидуалниот и колективниот ентитет.

Самозадоволството, што го раѓа културниот провинцијализам, не може да оствари никаков резултат. Особено не споредлив односно на еднакво рамниште со оние во развиените културни центри. Напротив, тоа создава лажни вредности, самозалажување, ситуација во која личноста-индивидуата нема ниту свест, ниту критериум за сопствените и туѓите културно-цивилизациски достигнувања.

Културниот провинцијализам е присутен и евидентен-лесно препознатлив на целиот балкански простор (не само „Западниот“). Последиците се дури катастрофални.

Културната изолација овозможува и политичка и секаква друга манипулација. Таа не дозволува реално согледување на нештата, објективизација на состојбите во сите области на живеењето и дејствувањето. Резултатите од таа манипулација се дури страотни: војни, омрази, агресија…

Култура која не кореспондира со светот, која не е нераскинливо поврзана со него не може да смета на повисоки вредности. Таа е агресивна во сопствената средина, а крајно инфериорна во комуникацијата со другите.

Македонската култура во рамките на можното не ги изгуби врските со светот. Напротив, особено на манифестационен план е сочувано речиси сѐ што е остварено во поблиското, па и подалечното минато. Се разбира, во редуцирана или видоизменета форма.

Меѓутоа, од објективни или субјективни причини комуникацијата со светот, особено со Европа во која сакаме што е можно поскоро да се интегрираме, е сведена речиси на минимум. Сѐ се одвива од случај до случај, без осмислена и прецизно утврдена стратегија, без поголем напор за подолгорочни и потрајни резултати.

Во последно време особено во рамките на балканските простори се прават првични чекори да се излезе од наметнатата изолација (билатерални договори за културна соработка). Но, на поширок, глобален план е несфатливо и апсолутно неприфатливо непреземањето на алтернативни конкретни потези од страна на власта, кои на посреден начин би ги разбило, би ги надминало (ако не и совладало) наметнатите бариери.

Го поставувам прашањето кое се наметнува само по себе:

Дали со нас завладеа, владее културниот провинцијализам?

Веднаш, без никаква промисла или премисла, одговарам децидно: да!

И кај нас завладеаја лажните вредности; дела со сомнителни квалитети кои не можат да го пречекорат „сопствениот“ праг, кои не можат да добијат позитивна валоризација во светот, особено во развиениот. На пример, тешко можеме да посочиме на некое книжевно дело од македонски автор кое остварило поширока афирмација, за кое има одгласи во другите културни средини.

Да не зборувам за тн. „новокомпонирана“ култура, поточно некултура, што одамна ги освои нашиве простори. Не само благодарение на увозот од странство.

Всушност, основниот проблем е следниот:

Како да се одбраниме себеси (лично) од културниот, духовниот провинцијализам?

Во поширока смисла:

Како да го развиваме и афирмираме сопствениот културен идентитет? Кое е решението? Постои ли некое конкретно, единствено, кое можеме лесно да го „имплементираме“ и полека или брзо да го надминеме сопствениот културен, духовен провинцијализам?

Да, постои и е едно единствено:

Осмислена и конзистентна интеркултурна политика која ќе биде многу повеќе свртена спрема надвор, отколку спрема внатре-спрема сопствената средина. Интеркултурна политика (не мултикултурна) која, поттикнувајќи го и стимулирајќи го сопственото творештво, едновремено ќе ги прифаќа и применува вредносните критериуми кои владеат во и со развиениот свет. Интеркултурна политика во која значајно, можеби приоритетно место треба да има културната анимација и комуникација со другите, развиените културни центри и средини.

4. Политичките лаги и измами

Може ли да се води успешна политика без лаги и измами? Го нагласувам водењето, а не практицирањето политика, имајќи го притоа предвид ставот на некои учени дека политиката е вештина на владеење воопшто, а особено со луѓе, групи-маси, народ.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XLIII

Практицирањето политика, пак, претставува акција (неретко, особено кај нас и манипулација), а не „политизирање“. Притоа, лагите и измамите или не поминуваат или брзо се откриваат со предвидливи последици.

Водењето политика не значи конкретно дејствување. Дури, може да се рече дека тоа е еден вид подготвителна фаза или вовед во практицирањето-освојувањето на власта односно владењето. Значи, лагите и измамите се единствено „врзани“ за водењето политика. Може ли без нив?

Многумина ќе речат: може, ама не кај нас! Притоа, имајќи ги предвид и поблиското и подалечното „гласачко“ минато. Оние што го тврдат тоа, мислат токму на предизборниот период во однос на ветеното и она што потоа (откако ќе се победи, ќе се освои власта) се остварува, реализира. Ако им се спротивставиме со фактот дека и во најрзавиените демократски земји ветувањата, односно лагите и измамите во текот на предизборната кампања се „нормална работа“, тие одговараат со „Да, ама не во толкава мера како кај нас“.

Предизборните политички лаги и измами воопшто не се „опасни“. Напротив, токму во развиените демократии тие служат за „политичка игра“ со гласачкото тело, како и за вербална битка со политичките противници. Во таа битка победува (што не значи дека ја освојува власта) оној чии лаги и измами се „поуверливи“, „пореални“. Кај нас политичките лаги и измами стануваат сè повеќе проблем за „победниците“. Не затоа што на нив им се верува сè помалку. Со развојот на демократијата и изборните процеси, наивни и недоветни (ќе) има сѐ помалку на број. Стануваат проблем затоа што мора да бидат сѐ повеќе „уверливи“ и „реални“, а тоа значи и пообврзувачки.

Всушност, проблем се бидејќи сѐ помалку станува збор за лаги и измами, а сѐ повеќе за она што единствено треба да бидат: заложби, програми, решенија.

Едно мое предвидување: во секоја нова предизборна кампања во Македонија ќе слушаме малку или воопшто нема да слушаме ветувања (како лаги и измами кои ќе „овозможат“ манипулација по „победата“), а сѐ повеќе за „досегашни успеси“ и на власа и на опозицијата. Значи, многу повеќе „отчет“, „извештај за сработеното“. И тоа како основа, залога за оправдано барање на нова доверба кај електоратот.

Или, како што веќе имавме дури крајно неинвентивна, ќе речам и дилетантска предизборна порака: „Да продолжиме заедно“. Може, нема проблем, само ако досега (и до изборите) сработеното „во доволна мера“ нѐ ослободило и ќе нѐ ослободува од политиката.

Да не заборавиме, заедно со големиот Жан Пол Сартр, дека целта на политиката е да нѐ ослободи од политика. Во име на граѓанското општество, на граѓанинот, на почитувањето на неговата личност, на одбраната на неговото достоинство.

5. Можностите на светската популација

Зголемувањето на бројот на жителите на планетата Земја до 2050. година предизвикува загриженост и предупредување: проблемите поврзани со егзистенцијата, поточно преживувањето на луѓето (економско-социјалните) во наредните години и децении ќе се зголемуваат со геометриска прогресија. Не само во сиромашните и средно развиените, туку и во земјите кои сега се дел од развиениот свет.

Прв податок кој загрижува е дека бројот на лица постари од 60 години ќе се зголеми тројно и ќе достигне 2 милијарди до 2050. година, односно една петина од очекуваната популација. Светската популација ќе се зголеми за 2,5 милијарди луѓе. Сегашната бројка на жители на Земјата е 6,7 милијарди.

Едно од бројните предвидувања во извештајот на ООН под наслов „Можностите на светската популација“:

„Светската популација е на пат да надмине 9 милијарди до 2050. година и да продолжи да се зголемува, додека популацијата во најразвиените региони нема значајно да се менува, но ќе остари“.

Миграциите од сиромашни во богати држави би требало да го надоместат недостатокот на работна сила во развиените региони, а се очекува популацијата во 46 држави, вклучително Германија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, повеќето поранешни советски републики и помали островски држави, да биде помала до 2050. година.

Извештајот ги наведува очекувањата за тројно зголемување на популацијата во Авганистан, Бурунди, Конго, Либерија, Нигерија, Источен Тимор, Уганда и Гвинеја-Бисао.

Податоците покажуваат дека населението на Индија, Нигерија, Пакистан, Конго, Етиопија, САД, Бангладеш и Кина ќе сочинуваат половина од порастот на светската популација.

Ваквите предвидувања потврдуваат дека од една страна поместувањето на старосната граница (ќе) значи поголем и вредносно порамномерен квалитет на животот (во сета негова комплексност), а од друга миграционите движења, особено на младите и работоспособните (пред се квалификуваните) од неразвиените кон развиените земји (со сè постаро население) ќе бидат сè поинтензивни. Што ќе претставува нивна егзистенцијална загроза, пред сè уништување на идентитетот.

Дали тоа не е веќе денес, а утре неминовно ќе биде неизбежен процес?

Не единството на различностите, туку разлзичностите во единството во наредните години и децении сигурно ќе добива сè поголема „гласност“.