XXI
Минато свршено време
-Не ја разбирам љубопитноста кон минатото на некој, сеедно близок или далечен. Сум забележал дека тоа расте со продлабочувањето на врските и заедништвото. Некогаш и ти ме нервираш обидувајќи се да откриеш што повеќе од моето. Ме прашуваш, ме потпрашуваш, инсистираш на детали…Тогаш ме нервираш, човеку!
Од поодамна имам забележано дека Дамјан Истиноски не крие кога е незадоволен, нервозен, предизвикан или испровоциран за нешто или во врска со нешто. Не се менува, ниту се губи рамнодушноста на неговото лице, но гестикулациите на неговите раце забележливо се забрзуваат. Како сè повеќе да му недостасуваат зборови. А и гласот му станува потреперлив, развлекувајќи, делејќи слогови во подвикнувачки зборови.
Се загледав во него и го прашав со смирен тон:
-Јас те нервирам или нешто од твоето минато? На кое не сакаш да се потсетуваш, за кое не сакаш да зборуваш?
Тој без замислување и решително:
-И едното и другото…Знаеш, сум ти рекол многупати дека моето и поблиско и подалечно минато се свршено време. Биле и поминале. Ништо не вреди во нив…Не ја разбирам твојата љубопитност.
Јас замолчувам минута-две, па му велам:
-Само се обидувам да ги докажам твоето постоење и твоето траење. Мислам и на егзистенцијалниот опстанок во нашава стварност која нè отуѓува едни од други…
Дамјан Гласномисленикот ме гледа со решителен поглед. Како одвај да најдува зборови со кои ќе го заврши нашиов разговор:
-Нема ништо посебно во моето минато свршено време. Како на секој обичен човек: банално секојдневје, без некаква потреба од самодокажување, со повторливи настани кои не се за паметење. Ти велам, свршено време…Тоа што се обидуваш нема да ти успее…Кому ме докажуваш?!
Јас:
-Никому. Ни на себеси! Едноставно, сметам дека како колумнист, гласномисленик, мислечка и творечка личност си знаен, за многумина знаен а незнаен или сосем незнаен. Што според мене е неприфатливо. Јавна личност си, влијателна и авторитетна, мислечки и творечки мошне активна, па како за секој друг како тебе и за тебе минатото е нераскинливо поврзано со денешнината. Мислам дека сега треба да се предупредат каакви било шпекулации и манипулации во твојата иднина, особено кога е збор за твоето дело. Се разбира, не мислам на твојата интимност, макар што сигурно има моменти во неа што би можеле да помогнат во врска со нешто конкретно за тебе или од тебе. На пример, според мене за секој што те чита сега, те следи или допрва ќе го проучува твоето дело е важно да ги знае суштинските причини и последици поврзани со пресвртните моменти во твојот живот.
Издржа да ме дослуша, па рече последно:
-Нема врска! Глупост!…Добро, терај си ја работата како мислиш…Што сакаш да дознаеш сега од моето минато свршено време?
Јас, свртувајќи се и оддалечувајќи се од него со бавен чекор:
-Сега ништо! Достатно е дека ти е свршено…Избрав твои колумни напиашни одамна и неодамна.
1. Денес и утре
Прашање на лична проценка и стручна односно експертска оценка: вчера е многу помалку денес отколку денес вчера, а денес е помалку утре отколку утре денес.
Кога станува збор за задоволувачки (просечен, стандарден) или висок степен на развој, континуитетот има поголема вредност (вчера во денес), но и перспективата, особено блиската иднина е поприсутна, поблиска и поочигледна (утре во денес). Обратна е ситуацијата при незадоволително, потпросечно или ниско развојно ниво. Особено како товар кој е најдобро што побрзо да се остави, да се отфрли, да се третира вчера. Затоа што е тоа најголем виновник за сѐ како што е. Тоа е најодговорно за состојбата статус кво.
Постои една група (не)одговорни луѓе, најчесто на „друг колосек“ од оној за што учеле и се остручиле, кои токму денес за утре ја покажуваат својата некомпетентност и волунтаризам. Taa постојано се зголемува колку што се остава, се „заборава“ минатото како товар, како деструктивна сила. Интересна појава која бара промислување. Меѓутоа, и со површна се доаѓа до ист поразителен заклучок: дека таа група на луѓе всушност не гледа свое место во утре; се плаши од него, та затоа работи против него. Во корист не на сопствената, туку на заедничката-општата-колективната штета. Припадниците на таа група сами се нарекуваат политичари, а другите многу посоодветно ги нарекуваат политиканти.
Политичарите немаат право на вчера. Ниту на нашето, ниту на чие било друго. Тие имаат обврска пред денес и одговорност пред утре. Кој ова не го разбрал и научил, подобро веднаш да крене раце од политиката. Кој ова досега не го прифатил како основен критериум за лична определба, подобро никому да не му го дава својот глас на доверба. За да не се унижува себеси и да не поразува други.
Политикантите имаат право само на денес од проста причина што е неможно докрај да се „обесправат“, та да исчезнат меѓу редовите. А мнозина од нас и не би можеле без нив. Ако не за друго, барем за мајтапење во слободно време. Имаат право само на свое денес, на ничие друго. Тие немаат никаква обврска пред утре, ниту одговорност пред вчера. Кој ова не го разбрал и научил, подобро веднаш да крене раце од нив, да ги остави да си го живуркаат животецот и светот во кој пливаат; преполн со матни води, жабјаци и мочуришта. На оној што досега не научил да ги препознава не му преостанува ништо друго, освен и натаму да полтронисува, да коленичи и да малограѓани пред нив. Оти одамна го изгубил сопственото достоинство.
Зошто претходниве редови, нафрлоциве на тема „Денес и утре“? Ми дојдоа онака, без врска…Всушност, мислејќи на ништожниците кои се подготвени и минатото на својот народ да му го прекројат зашто тој, конечно, дефинитивно тесно им ја скроил облеката во која се покажуваат пред светот. По последна мода!
2. А достоинството?
Да, ни се поставува само прашањето „Што се случува со нашето достоинство?“, а ние се правиме како да им се поставува на други. Се покажуваме пред себеси и пред други недостоинствени, инфериорни, понижени, ништожни. Како сето тоа добро да ни „лежи“. Тоа-недостоинството е најдиректно поврзано со патриотизмот или, попрецизно, со националната гордост, стаменоста и самосвојноста.
Да, мислaм на нашето однесување кога станува збор за добрососедските релации со соседните земји. Какви? Викендашки, „шопинговски“, годишноодморски! Грците нè навредуваат на секој чекор, од влезот во нивната земја, на самата граница па до излезот од неа, а ние, како ништо да не ни се случува. Навалуваме кај нив во деновите на викенд, во празници, во туристичката сезона. Живи среќни што сме се одмориле и, патем, сме купиле нешто малку поскапо од кај нас; некое парталче или бофл парче поевтино од оние кај нашите тезгаџии. Нè навредуваат? Па што? Вреди тоа да се издржи за барем некој ден да се почувствуваш како странски турист, како успешен „шопинговец“.
Како би ја примиле, поточно дали би ја прифатиле или одбиле заложбата за медиумска и секаква друга кампања со слоганот: „Не одете во Грција, не им го полнете буџетот со „наши“ девизи?“ Можеме да претпоставиме: ќе ја отфрлите со индигнација, со образложение дека политиката не ве интересира, дека се работи само за инциденти и не може да се генерализира, имено дека е тоа спротивно на добрососедството итн.
Катадневно го губиме, многумина веќе го изгубија и личното и колективното достоинство кое е нераскинливо поврзано со патриотизмот. За жал неповратно!
3. Домашна задача
Уште од мали деца нè учат, се учиме на домашни задачи. Ни ги задаваат родителите, учителите, наставниците, професорите. Кога ќе пораснеме и ќе созрееме за работа-неработа и чесна-нечесна заработувачка, на „сцената“ стапуваат директорите, бизнисмените, богами и политичарите. Последниве поготово откако ќе ја освојат власта.
Но има нешто што го знае секој оној што малку подетално, понастојчиво, во континуитет го следи исполнувањето-извршувањето на домашните задачи: навиката. Ако некој не е навикнат, ако, како што се вели, не му влегло во крвта, исполнувањето-извршувањето или ќе му претставува огромен проблем или навреме ќе се научи да го одбегне, при што најголемо „учество“ во тоа има снаоѓањето.
Кога гледам, читам и слушам што сè се случуваше и се случува кај нас, на пример пред избори, откривам нешто што е одамна откриено. Признавамк, мене само ми се чинело дека некои од „дотичните“ барем малку се опаметиле, барем малку поднаучиле, барем малку разбрале дека е многу важно да се научи и исполни пред сè една-прва домашна задача, а за учењето и исполнувањето на другите потоа да оди многу полесно: слобода, демократија, нзависност. Всушност, станува збор за пет во една домашна задача, а можат да се додадат уште пет-шест. Таа прва се вика: култура.
Јас лично, читајќи уште од мали нозе сè што ќе ми дојде в раце или при рака- од весници, прозни, поетски до естетски, филозофски, социолошки, политиколошки и секакви други книги и писанија, наведената домашна задача самиот постојано си ја поставувам за исполнување. Со гордост можам да ви се пофалам дека ја исполнувам доследно, тврдоглаво, без грам или милиметар отстапка.
Не теба да ме прашувате за последиците, ама е ноторен факт дека сум сè уште жив и колку-толку здрав. А вие?
Си задавате ли домашни задачи? Да не ви ги задаваат други? Дали ги исполнувате?
Знам за една која нам во последно време, за жал, ни ја задаваат „странци“, а никако да ни „легне“. Сакам да речам, да почнеме искрено, чесно и доследно да ја исполнуваме. Дури народов наш ја знае од веки веков. Веројатно затоа што нè научија како неисполнителни. Нè научија лесно бидејќи тоа се гледа, слуша и чувствува на секој чекор. Особено кога оценуваат-проценуваат дали делото ни е од збор, а зборот дело. Задачата се вика: „Најнапред исчисти пред својот праг“.
Деновиве излегов, поточно слегов (од високо) малку да се прошетам по градовите и селата во нашава мила Македонија. И да ви кажам, длабоко, до дното на душава ми се разочарав од она што го видов, го чув и го прочитав во централниот, југоисточниот и северозападниот дел!
Најнечисто ни е пред сопствениот праг. Просто е неверојатно колку нечистотија, од кал до смет од кои се шири неподнослива реа, се насобрало пред домашните, а пред сè и над сè пред праговите на оние што си изградиле палати и замоци опколени со ѕидишта кои ни топовско ѓуле не може да ги пробие. Поготово на нашите политички неколкучлени и еднолидерски партии. Се прашувате зошто? Јас се убедив дека е затоа што немаат време поради бркање бизнис и политика.
И така, разочаран, деморализиран и демобилизиран, си се вратив од кајшто слегов. Во меѓувреме, дали слушнав или само ми се слушна. уште не сум сигурен, како народов наш им подвикнува на избраните од него или од нему натурените:
Најнапред исчистете пред своите прагови!
4. Семејното насилство во Европа и Македонија
Една од тн. „дежурни теми“-социјални, социолошки, психолошки, а пред сè цивилизациски, како своевиден данок на модерниот живот, е секако семејното насилство. Со право бидејќи тоа е резултат на деструкцијата на животот воопшто, на неговите основни вредности, на загрозување на заедништвото на секое ниво. Кога се урива семејството секое општество, секоја држава е нужно да го вклучи алармот. Но за жал, тоа сè уште не се случува ниту во Европа, ниту во нашава земја.
Секоја 5-та жена во Европа е жртва на семејно насилство, без разлика дали станува збор за психичко, физичко или сексуално. Во Македонија, пак, секоја 3-та жена е малтретирана во домот, а секоја 6-та e жртва на оружено насилство.
Она што е загрижувачко е фактот дека жените се плашат да ги пријават насилниците во полиција, а за да не бидат повторно малтретирани. Не им кажуваат ниту на најблиските пријатели за она што им се случува во домот. И срамот од осудата на општеството е причина со години да се молчи за секојдневното малтретирање.
Охрабрувачко е постепеното, но евидентно менување на свеста и совеста, поточно на отпорот кај жената. Од друга страна, жените сè повеќе собираат храброст и го пријавуваат насилникот, најчесто во Центрите за социјална грижа. Мерки: евентуално отстранување од домот, обезбедување покрив над глава, заштита од нејавување и додевање по телефон.
Македонија има законска регулатива за заштита на жртви на семејното насилство. Отсуствува превентивата.
5. Одговорен туризам
За „одговорен туризам” многумина не знаат, не прочитале, не слушнале. Малкумина се и непосредно инволивраните во туризмот, пред сè туристичките работници и членовите на НВО чија главна „борба“ во рамки на развојот на цивилното (не)политизирано општество е еколошката. Нештата во тој контекст се уште „позбунувачки“ ако се истакне дека тој му е „спротивставен“ на масовниот, н не е елитен туризам.
Основни сознанија и констатации:
Познато е дека туризмот денес претставува комплексен феномен, чии последици, во смисла на влијание врз природното опкружување, културата, општеството и економијата, веќе не можат да се занемаруваат.
Последиците од масовниот туризам можат да бидат разурнувачки Тие се веќе видливи во јужниот дел на светот, каде што не постои рамномерна распределба на остварените приходи која би ја надоместила загубата на вредностите и традициите. Освен тоа, разните форми на масовен и елитен-луксузен туризам често имаат негативни ефекти врз природната околина, културата и општеството во целина.
Одговорниот туризам претставува мноштво од општествени односи кои секогаш се развиваат во одреден, дефиниран културен хабитус и природен амбиент. Тој не е можен без соодветна конкретна туристичка понуда. Концептот јасно ги издвојува сите активности и процеси кои настануваат како резултат на промислен пристап спрема животната средина, како и разбирање на сите можни нејзини нарушувања.Тој еднакво влијае врз општествениот однос, односот спрема животната средина и врз економската активност во целина.
Одговорниот туризам претставува антитеза на масовниот. Тоа е начин на патување чија прва карактеристика е свеста за себеси и за сопствените дела, макар била остварена преку купување (на некој подарок) или на преноќиште; потоа за реалноста на земјите во кои сме се упатиле (социјалната, културната, економската, еколошката), за можностите на промислен и според тоа поинаков избор. Значи, одговорниот туризам е етичко и свесно патување кое оди во пресрет на земјите одредишта, на народот и природата. Патување кое се стреми да придонесе за намалување на социјалните разлики, за чување и заштита на природната околина, за почитување на локалните културни обичаи и верувања, за вистинска и директна културна размена и промовирање на универзалните принципи на еднаквост, одржливост и толеранција.
Нашава земја сè уште има можности и време да го промисли развојот на туризмот како одговорен. Затоа што е далеку од масовниот, а уште подалеку од елитниот-луксузниот. Дури е предизвикувачка заложбата за него, имајќи ги предвид токму неговите суштествени елементи. Притоа, да не се очекува одговорност само на самите туристи, туку ним да им се покаже како грижа и содржина. Подеднакво она што сме биле и она што сме.
Клучно прашање: Дали директно и индиректно ангажираните во македонскиот туризам се доволно подготвени и одговорни да промислат понуди за странските и домашните туристи, кои ќе се темелат на универзалните принципи на еднаквост, одржливост и толеранција