Кој знае повеќе?

Кој знае повеќе?

Денес, во време кога е сосема можно без никакви проблеми да се влезе со наизглед обичен ранец во кое било метро и да се испратат илјадници луѓе во сигурна смрт, а истовремено да читате дека некој доживеал оргазам на Месечината во вселенски костум, информацијата дефинитивно престана да биде вредност и стана стока за широка потрошувачка. Ја консумираме од нозе, брзо, без многу прашања, точно онолку колку што трае едно трепкање на човечкото око. Ја има насекаде. И баш таму каде што мислите дека нема што да бара.

Од моментот кога ќе ги отворите очите, па сѐ до оној кога ќе го изгаснете светлото пред спиење, колона од информации чека да ви влезе во мозокот со специјален прибор за чистење – три пати поразурнувачки од „доместос“, „вениш“ или „цилит бенг“. Секој ден, во исто време, на исто место, тие информации се смешкаат, се туркаат и се распоредуваат во кората на големиот мозок, за што полесно да управуваат со вас, не оставајќи простор за нормално функционирање на мозочниот „хард диск“. Оваа состојба одамна има име – information overload, поим што детално го објаснува Американската психолошка асоцијација и неговото влијание врз вниманието и одлуките.

Кога секоја порака вика „јас сум важна“

Го отворате сандачето. Излегува куп шарени хартии. На секоја нешто пишува. Упадливо е. Евтино е. Брзо е. Сите би сакале да ги посетите. Баш тие се токму тие што сте ги барале. Баш сте мислеле да ги израдувате гадинките во кујната. Фрлате сѐ во канта, освен сметките. Писма веќе никој не праќа. Сега ве информираат колку сте се опуштиле со телефонот минатиот месец. Како да не им е доволно што речиси секогаш ви го креваат притисокот, па решиле и нешто да ви порачаат.

Прочитај и за ... >>  За песимизмот и како против него

Обично ставаат хартии во убави бои и пишуваат дека насилството мора да се запре, како да сте баш вие еден од манијаците што тепаат деца. Ако сакате да разберете колку е сериозна оваа тема, Светската здравствена организација има јасни и актуелни податоци за глобалното насилство и неговото влијание.

Патем, ве молат да уплатите симболична сума – ќе бидете хумани, затоа што тоа е донација за нечиј црн џигер.

Градот како екран без „mute“

Го туткате сето тоа и трчате на работа. На улица се судирате со толпа луѓе. Некои носат персонални билборди на градите. Некој ви зборува преку рамки за очила. Некој преку ѓон за чевли. Во превозот слушате туѓа музика од туѓи слушалки. Тажна песна. Жената до вас ве удира со кеса на која огромни букви ви се обраќаат директно, без срам.

Понекогаш сакате да замижите и повеќе да не ве оптоваруваат сите тие пораки, затоа што за стварноста не постои далечинско за да смените канал. А толку би било добро да постои. Да има A/V верзија на животот. Она копче што го притискате и сѐ станува црно.

Прочитај и за ... >>  Идеална жена - мит, очекување или огледало на нашите желби

Билбордите знаат што сакате. Или барем така мислат.

Кога ќе излезете од превозот, големите билборди се менуваат молневито. Секој сака да ве види насмеан. Сите се трудат да ви се вовлечат под кожа и да ви кажат дека токму вие сте идеалниот купувач. Мислат дека и вам ви е важно тоа што гумите се толку добри што можат да закочат и на Монт Еверест. Ма ајде. Белки не може тоа.

Во секој агол на планетата, во секоја стотинка време, стигнува по една нова информација. Се врти во круг, допира милиони луѓе по браздите на нивните мозоци и создава опасен вртлог во кој е премногу лесно да се удавите. Податоците за тоа колку време дневно поминуваме онлајн и колкаво количество информации апсорбираме се јасно прикажани на Our World in Data.

Кој ја доби војната?

Единствено што можам е да признаам дека информациите ја добија војната.

Упс, простете, морам токму овде да прекинам. Ми стаса SMS.
А и, рака на срце, доста беа овие информации.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.