Измислено случување (за концентрација)

Потребно време за читање: 2 минути

Се собрале луѓе на песочен брег на разбрането море, немо и рамнодушно загледани во далечина. Ги следат будењето на утринкото сонце, сè посилниот ветар од север и сè поголемите пенливи бранови. Како да е тоа вообичаено, секидневно. А не се случило којзнае од кога собрани луѓе на песочен брег на море да сведочат за едновремено утринско сонце, силен ветар и сè поголеми бранови. Како за нив тоа да е очекувано, со оглед дека се собрани од неодамна, сеедно случајно или намерно.

Уринското сонце се буди иако сè уште сосем неизлезено од морето, сè посилниот ветар од север е и сè погласен, па луѓето почнуваат да му се спротивставуваат сè повеќе несвесно доближувајќи се меѓусебно, сплотувајќи се, а сè поголемите пенливи бранови се сè поблизу до нив; па веќе не ги повлекува кон себе, туку го подрива брегот под нивните нозе.

Понекој почнува да се прашува дали утринското сонце раѓа спокоен летен ден сè до зајдисонце, понекој зошто северникот не е студен, туку напротив, како во себе да собрал пустинска жештина, додека трети зарем е можно да следи голем, можеби огромен бран кој најпрвин ќе ги урне од нив направените песочни бедеми и градовите, потоа градбите на каменитиот брег зад нив, па најсетне ќе ги натера да се оддалечат толку далеку што во животот никогаш повеќе нема да видат море.

Се случи мигновено:

Сонцето се вжари, како да се подготвува да фрли огнена стрела кон насобраните луѓе. Ветрот се издигна во круг високо над морето. Брановите со силна бучава се повлекоа кон неговите длабочини, оставајќи живи секакви морски животни, морски треви, човечки траги, дребнулии и во дамнина потонат град од изделкани големи и мали карпи, тврдина со бедем, расфрлани столбови, каријатиди, оковани воини во воинствен ред, во воени оклопи, вооружени со копја, мечеви и штитови; насекаде околу него и во него надгробни плочи, без никаков знак, писмо или макар слово на нив.

По тоа случување пак се случи мигновено:

На источната страна на потонатиот град, на доглед на око сè подалеку, кон хоризонтот, меѓу кружни бездни што вшмукуваат вода и неснослива бучава, речиси до хоризонтот се провира тесна кривулеста врвица на која бавно, молчаливо и со наведени глави, фатени за раце се движат слепи стари, млади, деца, мажи и жени. Вџасените собрани луѓе на брегот како да догледаа и разбраа дека се слепи кога одвреме-навреме почнаа да се вртат накај нив и да им мавтаат со рацете како да ги повикуваат да им се придружат. Вџасените собрани луѓе на брегот како да догледаа еднооки воини меѓу нив, на иста оддалеченост еден од друг.

Последно мигновено случување:

 Во далечина од морската шир избија оган и густ чад. Се кренаа високо на небото. Исчезна сонцето, а веќе го достигна својот зенит. Северникот го промени сојот правец, почна уште позасилено да дува од североисток и од југозапад. Пенливите бранови стануваа сè повисоки и сè посилни, како подготвени за брзо доаѓање до песочниот брег и секако жестоко удирање во каменитиот зад него.

Едни од собраните луѓе заклучија дека во далечина, во длабините на морето проработел вулкан кој несомнено на поврвнината ќе формира нов остров. Други тврдеа дека станува збор за фрлена нуклеарна бомба од некоја од нуклеарните сили; она што се гледа според огнот во чадот е нуклеарна печурка. Трети, пак, спонтано, несвесно забрзано, некои и со панично трчање го напуштаа песочниот брег.

Почна забрзано да паѓа мрачнина. Јас или Тој и Тој или Јас се разбуди во глува доба сиот облеан во мразна пот. Од сонот?

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 38