Господово создание

Потребно време за читање: 2 минути

(Според народна приказна)

Решил Господ да го создаде светот и прво го создал магарето. Му вели:

-Ти си магаре, цел живот само ќе работиш, ќе немаш право на глас и сите ќе те искористуваат. Ќе живееш 50 години и потоа ќе умреш.

-ОК, ама Те молам, Господи, намали ми ги маките на половина. Можам ли да живеам 25 години?

-Може.

И магарето си го започнало животното патешествие задоволно.

Потоа Господ го создал песот:

-Ти си пес. Ќе се грижиш за другите, ќе ги чуваш и ќе ги вардиш. Луѓето ќе те хранат, така што гладен сигурно никогаш нема да бидеш. Ќе те сакаат, ама и ќе те искористуваат. Ќе живееш 30 години.

-Па, не е баш некој живот. Можеш ли да ми го намалиш на половина?

-Може.

И песот си го започнал животното патешествие задоволен.

Создал Господ мајмун, па му вели:

-Ти си мајмун. За тебе никој не ќе сака да се грижи, но од тебе нема ништо ни да се бара. Така што ќе ти биде онака како што сам ќе си направиш. Сите ќе ти се смеат и ќе те сметаат за глупав. Ќе живееш 20 години.

-Делот во кој велиш дека ќе ми биде како сам ќе си направам не звучи лошо. Но не сакам сите да ме сметаат за глупав. Можам ли јас да живеам 10 години и да си ги скратам маките?

-Ај нека ти биде.

И мајмунот си го започнал животното патешествие задоволен.

На крајот Господ одлучил да создаде човек. Го создал без никаква мака и дилема, па му вели:

-Ти си човек и ќе бидеш најинтелигентното суштество на Земјата. Ќе господариш со сите други суштества. Единствено над кого ќе немаш контрола ќе биде твојата жена. Ќе живееш 30 години.

-Охо, па тоа звучи супер. Ама зошто само 30 години? Можам ли да ги добијам сите години од кои се откажаа магарето, песот и мајмунот?

-Може.

И човекот си го започнал животното патешествие ептен задоволен.

Првите 30 години живеел како што рекол Господ. Уживал во животот, се забавувал и слично. Е, потоа се оженил и сѐ тргнало на лошо. Следните 25 години бил како магаре. Дома немал право на глас, жената го малтретирала, на работа го искористувале како евтина работна сила. Потоа бил како пес, ги чувал и ги вардел внуците, го викале само кога им требал. На крајот од својот мачен и жален живот бил како мајмун. Морал да се грижи сам за себе, сите го сметале за глупав и се мајтапеле на негова сметка.

Leave the first comment