64. Бадем дрво
Во рана пролет пред пет години, пред заминување далеку посадив бадем дрво среде дворот пред мојот роден дом.
Во рана пролет лани дојдов да починам во спокојната тишина на мојот роден дом и да им се нарадувам на розевите цветови на бадемот. Од рано утро речиси до пладне и од квечер до час-два пред полноќ седев под неговата раскошна крошна. Не дочекав, не вкусив ниеден негов плод оти двапати фати мраз и го пресече.
Годинава не можам да појдам. Далеку сум и немам доволно слободни денови за одмор од бизнисот. Жалам дека нема кој ни да им се радува на розевите цветови ни да вкуси плодови од моето бадемово дрво. Ако пак не фати мраз и не го пресече.