ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

55. Од едно детство

„Јас не знам дали и на други, но годините на моето детство беа со многу безгрижност и игри. Сега сум во години, а тоа е далечно и се оддалечува сè повеќе и сè позабрзано. Можеби токму тоа-оддалечувањето тие во спомените ми се сè повеќе денови, па и ноќи. А што се однесува на безгрижноста и игрите, во детството секако ми беа многу послободни одошто сега.

Сега не ме терај да ти раскажувам што било од деновите, па и ноќите како години на моето детство. Досега сум ти раскажал многу од безгрижноста и игрите во нив. Сега сакам да ти кажам нешто за освојувањето на ридјето со врвовите и пештерите кои го опколуваат градов, а многупати ги освојував заедно со деца од моето маало.

Ридјето и врвовите ги искачувавме по козји врвици, некои од нив покриени со треви и трње. Притоа внимавајќи на секој чекор. А во пештерите влегувавме еден по еден. Се вовиравме низ тесните отвори еден по еден, врзани и поврзани со јаже, па слегувавме до првото рамно плато.

Нашите родители поим немаа за тие наши освојувања. Ги лажевме дека играме секакви наши игри. Само нè советуваа да не играме груби и да внимаваме да не се повредиме“.

Човекот во години, што ми го кажа ова за освојувањето, ми е добар пријател. Често сме заедно.

Leave the first comment