ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

41. Најголем тинејџерски проблем

Буле таткин и мамкин им се обраќа на своите комитки и комити:

-Драги мои комитки и комити, не ве собрав на оваа наша комитска вечер за да се испрашаме меѓусебно што знаеме и што мислиме за комитите во минатото и денес, значи и за нас како такви, туку да ви одржам куса говоранција за проблем кој мислам дека е меѓу најважните, ако не и најважен тинејџерски. За кој потоа вие треба длабински и широчински да размислите и да мислите како што мислам јас. Можеби некому досега му паднало на памет, ама сигурен сум не како што ми падна мене. Сакам да речам дека ми падна како меѓу најважните, ако не и најважен односно горлив тинејџерски проблем. Мислам на читањето книги.

Сигурен сум дека и вам како мене, мои комитки и комити, ви е преку таквото, да не речам преку глава жалењето, па и плачењето на сите засегнати страни дека денес се читаат книги сè помалку, а утре сигурно нема ич да се читаат. Притоа, не мислат само на нас, тинејџерите односно адолесцентите односно пубертетлиите, ама најмногу се концентрираат баш на нас. Од засегнатите најмногу нашите учители, наставници и професори, но многу не заостануваат во жалењето и плачењето за тоа и нашите татичиња и мамичиња.

Јас како ваш војвода стварно не знам и стварно многу им се чудам зошто, а се прашувам и до кога. Како може да не разбираат дека минува, ако веќе не помина времето на читање?! Начнато е и времето на слушање, сè повеќе само по себе се наметнува времето на гледање и пребарување односно шетање на Интернет, а тие се сè уште на ниво на читање.

Јас стварно не знам како тие не капираат дека не е точно дека не се чита односно ние не читаме.Баш напротив! И тоа како читаме! Аме не ептен читајќи или читајќи колку да читаме, туку доволно гледајќи. Вие знаете на што мислам. Мислам на екранот на компјутерот, лаптопот, таблетот или на екранчето на мобиљката. Значи, разликата е само во гледањето. Наместо да гледаме во книга, на страница на весник кој сам по себе е веќе на изумирање, ние гледаме во екран.

Јас како ваш војвода ја открив суштината на проблемот со нечитањето и читањето. Суштината е дека ние како тинејџери односно адолесценти односно пубертетлии, конкретно вие како мои комити и комитки, читаме или мали и тенки или ептен дебели книги. Значи, никако не нè влече да читаме ни тенки ни дебели. Затоа што се досадни, и тоа е! Е сега, прашањето е кои се и какви се тие ни тенки ни дебели, значи средни.

Според мене, тоа се книги кои имаат почеток и крај, а напишаното помеѓу нив е дибидус досадно напишано на сто, двесете, докај триста страници. Од друга страна, тоа веќе ги означува тенките и дебелите книги: тенките се со почеток и крај, а напишаното помеѓу може да се прелиста набрзина, додека дебелите имаат почеток и крај до бескрај со ептен дебела средина.

Е сега, поврзете го тоа со Интернетот. Ако шетнете барајќи веб сајтови и портали за книги, ќе најдете којзнае колку на кои се детално раскажани и анализирани средните книги; тенките се прикажани со кусо резиме на содржините и опис и попис на главните ликови, а за дебелите, пак, ќе најдете нивни дебели обработки. Така што средните не се баш интересни, прикажаните тенки се тамам за пишување домашни задачи како да се прочитани, а приказите на дебелите не се исплати да ги користиме за што било зашто лесно нè откриваат дека не сме ги прочитале.

Има и нешто сосем друго, што за крај на мојава куса говоранција ми се чини најважно:

Не е проблемот дали читаме многу, малку или воопшто не читаме, туку во навиката за читање. Која сме ја стекнале уште како мали, додека нашите татичиња и мамичиња пред спиење ни кажувале приказни за мали деца измислувајќи или прелистувајќи сликовници.

Јас ќе бидам искрен пред вас, како секогаш како ваш војвода:

Јас уживам да читам дебели книги. Á ми падне дебела книга в раце, не ја оставам дури не ја прочитам до последна страница. Толку уживам што некоја ја читам бавно богами и цела година.

Да се заклучам:

Во ова наше динамично, турбулентно и модерно комитско време прилично читаат дечињата и децата, или им читаат нивните татичиња и мамичиња, колку-толку читаме ние, тинејџерите односно адолесцентите односно пубертетлиите, а најмногу читаат пензионерите и старите.

Проблемот на читањето јас исклучиво го насочувам и концентрирам на средните и возрасните. Сум проверил, испитал и анализирал: ич не читаат или не читаат ни пола книга годишно средните по завршувањето на средните чколии и студирањето како било, зашто веќе немаат и не чувствуваат потреба за читање, а возрасните дибидус не читаат зашто се преокупирани со љубов и секс, брак и семејство, трчање по пари и трошење за јадење и секакви глупости, а особено за бизнис и политика.

Б уле војвода ја заврши својата куса говоранција и доби френетичен аплауз од своите комитки и комити.

Leave the first comment