22. Претеризмите на Буле
За Буле не се, ама за мене се претеризми многу што сум чул од негова уста. Татичето му и мамичето му велат дека откога е роден главата ептен му фантазира, ама јас го имам научено како редок претеризатор.
На пример кога ќе почне да збори како проодел на една година и два дена:
„Живо се сеќавам со колку судни маки го направив првиот чекор од седум милји во раното детство. Имав само една година и два дена, може два-три саати плус-минус, ама тој ми е стварно незаборавен. Неколку дена пред тоа татичето ми и мамичето ми ме пуштаа, ме куражеа, ама баталија кога двапати паднав на нос, еднаш на тилот и трипати седнав на газ. Не, ништо не повредив, ништо не скршив, а признавам дека на секое паѓање сите паѓавме од смеење. Стварно беше смешно како паѓав: лева нога напред, десна назад, нишање лево-десно и бап! Кога една вечер се загледаа телевизија, ко секоја, а јас не знаев што да правам, ми беше многу досадно, станав од седечка позиција, се исправив, се стабилизирав и го направив првиот чекор од седум милји. Втор не направив зашто пак паднав на нос, ама тие долго ме гледаа шокантно пред да се изнасмеат, да скокнат од радост и да ме гушкаат и бацуваат. Ми се смачи и за малу ќе ја повратев бебешката кашичка што ја изедов пред пола саат. Одвај им се оттргнав, ги загледав строго, просто луто, и сакав да им викнам „Што ви е? Да не сте полуделе?!“, ама уште не знаев да гукнам ни збор.
Ме оставија на мира неколку дена. Беа во грч, во исчекување да го направам пак првиот чекор од седум милји. А мене ич не ме фаќаше расположение за тоа. Просто не ми се брзаше да проодам, особено што бев во неизвесност што ќе се случи со мене како бебе потоа. Добро, не бебе, ама близу до него со година и два-три дена, недела-две. А татичето ми и мамичето ми, пак, запнаа нешто друго, како да станале тврдоглави: да гукнам, барем да кажам „Мама“, „Тате“, што било прво. Само повторуваа „Мама“, „Тате“, како да не гледаа дека тоа ме нервира, со тоа ми се качуваат на глава. Ми идеше да кажам и „Мама“ и „Тате“ и потоа да почнам да зборам без да запрам, да дрдорам макар без врска. Ама нешто не ми даваше, мислев дека и тоа-зборењето исто како првиот или првите чекори од седум милји треба да дојде спонтано, во мое вистинско време. Најпрвин да има зошто да почнам да зборам.
Се разбира дека живо се сеќавам на денот, па и на часот кога ги кажав јасно и гласно првите зборови како почеток на моето зборење. Беше убав ден недела, пролетен, сончев, за шетање во парк или на чист воздух во планина. Имав година ипол без некој ден, веќе одев цврсто, ми беше сè понекомотно во количка, и на мое инсистирање со плачка отидовме на шетање во парк. Имаше многу мали и големи деца со нивните татичиња и мамичиња, бабичиња и дедичиња, а на некои клупи седеа тинејџери и тинејџерки на кои почнале да им работат хормоните. Некои очигледно добро ги беа совладале лекциите по сексуално обраование во основно, па се гледаа, гушкаа и милуваа вљубено. Да, уште од година ипол ми е милина да гледам вљубени.
Пред очи ми е моментот кога на мое инсистирање застанавме пред еден тинејџерски пар заацапан во љубов. Се поздравивме без да се запознаеме и јас решив да прозборам! Реков: „Нема живот без љубов“. Сите се шокираа, нормално први и најмногу татичето ми и мамичето ми, просто онемеа. Гарант им беше криво што прво не реков „Мама“ или „Тате“, а јас дореков: „Ама и нема љубов без живот“.
Велам, се шокираа сите, а јас ликував зашто конечно решив да прозборам.
Тинејџерите први се повратија од шокот. Тинејџерката рече:
„Леле ама е умно детенцево. На мама ли е или на тато?“.
Мамичето и татичето ми не знаеја, поточно не можеа да речат ни збор. Фаците им беа во шокирачки грч. Мамичето ми како прво да се освести, па им рече:
„Детенцево наше…првпат прозборе!“
Тинејџерот очигледно не ѝ поверува, па ме праша за да провери:
„Колку години имаш, малечок?“’
Јас му одговорив ко од пушка:
„Година ипол без некој ден!“.
Ете оттогаш, од тие мои први зборови како мудрост и искуство на сите роднини, блиски и далечни им стана јасно дека сум многу паметен и многу далеку ќе дотуркам во животот. Ќе биде малку проблем со учењето, како што е, ама тоа ќе биде затоа што сум од раѓање насочен на интелектуално, творечко, уметничко односно духовно преокупирање или на лидерско-политичка дејност. Што впрочем веќе го докажувам“.
Чудно, сигурен сум дека на Буле му е чист претеризам тоа што наводно живо памети дека проодел на година и два дена, а прозборел на година ипол без некој ден. Просто сака да ми се прикаже како ептен талентиран претеризатор. Сепак, не му спорев, го ислушав докрај максимално сериозно, а во себе решив да проверам кај татичето му и мамичето му. Сешто се изродува од живот со љубов и од љубов со живот.