17. Игра
На Буле и Куле му дојдоа преку таквото игрите на компјутерите и мобиљките, па решија макар полчас, час или два да се одлепат од нив, да ги угаснат и да се осетат ко птици излетани од кафез или животни во природа и околина. Се видоа меѓусебно, прво им се пристори дека не се тие, се заборавиле, не се познаваат, но брзо се пресекоа, се стресоа, сфатија и се свестија дека многу време не се гледале очи в очи, па затоа се подзаборавиле.
Прв се свести Буле:
-А бе Куле, ти ли си Куле?
По него Куле:
-Да бе, јас сум. А бе Буле, ти ли си Буле?
Буле му потврди:
-Тој сум, никој друг.
Исто се случи и меѓу нив и племето односно бандата односно партиското членство. Додуша не до толку до колку меѓу нив.
Се собраа околу оган како Индијанците и Буле ги праша:
-Вие ли сте, племе мое, бандо моја, мое партиско членство?
Сите му одговорија во еден глас:
-Ние сме, Зелен гуштеру што свири на шупелка, Капо ди тути капи односно Главо на сите наши глави и претседателу на нашата партија во формирање. Ти изгледаме како непознати оти одамна не сме се погледале очи в очи, па ни се ококорени од заѕвереност во екраните на компјутерите и мобиљките.
Констатира Буле:
-Добро е што и вие сте се пресекле, сте се стресле, сте сфатиле и сте се свестиле дека мора да се сепнете како јас и Куле, па макар полчас, час или два да заиграме нешто другарски и колективно.
Се јави Лидија кракатата:
-Јас предлагам да играме челик. Играта ја научив од моите покојни баба и дедо. Се прави челик од дрвце и се удира со друго дрвце. Сите удираат по ред, а победува кој ќе ги натфрли сите.
Буле откако таа покажа како се игра:
-Ова е тешко да се игра. Треба тренирање. Не се прифаќа.
Го прифатија предлогот на Јонче стаорецот:
-Јас научив една напамет од дедо Марко Цепенков. Многу е проста. Се вика мижитатарка и вака ја пишал:
„Сите деца што ќе играат, ќе клаат еден да мижит на некое определено место и друзите ќе се искријат. Штотуку му викнит некој „доста“, и тој ќе трчат за да `барат. Тој ќе барат на една страна, а друзите од друга страна ќе дотрчат на бележаното место и секој треба да плукнит на местото. Ако удрит лежачот, со рака на пато трчајќум за на нишано да плукнит некое од децата, тој ќе лежит“.
Заклучи Буле:
-Браво бе, Јонче стаорецу, алал да ти е како си запамтил од збор до збор. Многу е просто за играње, па ај.
И ја заиграа. Беше попладне. Се занесоа во играњето и играа до паѓањето на самракот.