20. Недвојбено
Живее сè живо со него,
живородно, животворно,
дека има свое време;
особено крај кладенец
негде сокриен меѓу дрвја
вишни,
вкоренети длабоко
во свеста предан
на народ исконски.
Живее сè мртво со него
од дамна до сега,
што оставило
каква било трага
непореклива,
за паметење до смрт;
и што не оставило
каква било трага
непореклива,
за кажување на потомци,
за докажување на туѓини,
за прекажување на оние
што се во потрага
по нови светови.
Живее со сè живо и мртво
живот свој, неповторлив,
несогорлив, недопирлив.