БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

72. Јас книжевник:
Секојдневно творење и објава

Можно ли е секојдневно творење, и тоа во буквална смисла-секој ден, без исклучок?

И другпат сум (до)кажал нешто на оваа тема, а како пример сум го наведувал рускиот писател Јури Олеша (1899-1960), односно неговата автобиографија „Ни ден без ред“. Во неа не само со насловот е потенцирана токму заложбата или задачата на писателот-да не му помине ниту ден без макар еден напишан ред.

За творењето како континуиран процес кој опфаќа повеќе „фази“:

Секој творец ќе рече дека ниту тој, ниту кој било друг може да знае кога започнува да создава ново дело, да доработува или преработува постојно. Некогаш по момент на инспирација, некогаш по долготрајно проживување, преживување на настан/ случување, некогаш по темелно истражување и промислување на дејствие, сведочење или критичко согледување на лична односно колективна состојба.

Поинаку е кога е збор за продолжението/траењето на создавањето. Тоа зависи од многу нешта. Најнапред од комплексноста на самото дело, но секако најмногу од творечката енергија, сосредоточеноста, творечката самодисциплина (значи не само работната), а секако и емотивната самоконтрола.

Творечката финализација, пак, обично трае најкратко или најбрзо. Не само зашто творецот е „потрошен“, а некогаш премален од неговото дооформување, преиспитување, од творечкиот сомнеж кој го следи и го мобилизира во сиот изминат период, туку и поради непосредно почнување или напоредно, можеби веќе напредно работење на ново дело.

Нешто ново од мене во досега напишаново? Непознато? Не верувам, особено не за творците.

Но има нешто што е директно или индиректно поврзано со создавачкиот процес. Го „надополнува“ секојдневното творење односно ставот на писателот Олеша: не само ни ден без напишан/создаден ред, туку и ни ден без објавен ред. Објавувањето како дел од создавањето!

Тоа стана можно и потребно, дури нужно за секој творец во нашево време. Го имам предвид радикалниот пресврт воопшто на квалитетот на животот, особено на поинаквото користење на творечкото време на личноста со идентитет и интегритет, а што го овозможи Интернет. Од една страна, постојана присутност во заеднички свет и меѓусебна комуникација со блиски пријатели и познајници (социјалните мрежи), а од друга поттик за создавање, споделување на создаденото, валоризација и со ништо попречено секојдневно заедничко творечко живеење. Дури и заедничко создавање на дело. (Во посебен текст сум пишувал за суштината и спецификите на хипертектстуалната книжевност и улогата на Интернет).

Веќе сме сведоци на појава која допрва ќе се развива и кај нас, без оглед дали уште сега ќе ја поддржиме или сѐ уште ќе ја игнорираме: напоредност и едновременост на создавањето и објавата на создаденото. Можам да набројам неколкумина поети од помладите генерации творци, но и од постарите кои се буквално секој ден на Фејсбук, со мошне вредни и значајни дела (песни, циклуси, стихозбирки), но и творци со разновидни дела.

Не е нескромно, туку е неоспорен факт: јас сум помеѓу „најактивните“ со секојдневни објави на повеќе дела од различни книжевни жанри-поезија, романи, раскази, сатира, афоризми….

Да се вратам на прашањето на почетокот на белешкава: можно ли е секојдневно творење, и тоа во буквална смисла-секој ден, без исклучок?

Одговорот ќе го повторам:

Не само што е можно, туку допрва ќе стане нужност на сечија творечка опстојба.

Leave the first comment