БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

79. В ред. И?

В ред, ти ме негираш, не ме почитуваш, не ме признаваш, ме омаловажуваш, сметаш дека нема ништо вредно од мене. Јас, пак, ниту некогаш сум го барал спротивното од тебе, ниту го барам, ниту ме засега. И?

В ред, ти сметаш дека нема потреба да прочиташ или читаш макар едно нешто од напишаното од мене. Убеден си дека само залудно би потрошил време од твоето драгоцено време. Јас, пак, ниту некогаш сум го посакал тоа, ниту го посакувам. Ниту, пак, ми значи. И?

В ред, ти си убеден дека не заслужувам никакво признание или награда за моето петдецениско книжевно творештво, уште помалку место помеѓу избраните. И треба да сум задоволен од скромната пензиичка, колку за преживување, особено тоа што сум сѐ уште на нозе. Јас, пак, ниту сум барал, ниту барам, ниту се надевам на какво било признание или награда. Ниту ми треба. А одамна сум прифатил дека не ми е местото меѓу избраните. Се разбира, веќе се навикнав, веќе се прилагодив на преживување во години и за сѐ сум му благодарен на Бога. И?

В ред, ти успеваш со секакви дејанија да оневозможиш објава во книжна форма на кое било, макар најмало мое дело од многуте веќе објавени на Интернет и некои социјални мрежи (без никаков надомест или заштита на авторското право), а камо ли мои избрани или собрани. Јас, пак, веќе одлучив да не дозволам такво нешто и јавно поставив услов кој не може ниеден издавач да го исполни-наеднаш да објави најмалку 10 мои дела. Се разбира, тоа значи дека е повеќе од сигурно оти до крајот на животот моите читатели, колку што се на број, нема да ги израдувам со таков подарок-да имаат моја нова книга в раце, во своите домашни библиотеки. Жалам, ама тоа е тоа. И?

В ред, не си признаваш на себеси дека сѐ што си направил и правиш против мене не е ништо друго освен одбрана на сопствената позиција; ниту со вредно дело, ниту со какво било дејание заслужена. Ама јас искрено жалам оти не можам да ти помогнам. Можеби можам само колку- толку да те успокојам со тоа што ќе ти порачам да ме мислиш одамна мртов за тебе. Иако не сум баш сигурен дека ќе прифатиш додека тоа не се обзнани. И?

А да си закажеме средба очи в очи и троа да си помуабетиме? Онака необврзно, неоптоварено, расположено, само како случајни познајници? Не прифаќаш? В ред. Тогаш…нема и!

Leave the first comment