БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

85. Јас книжевник:
Моето капитално поетско дело

Во една моја белешка односно нафрлоци за есеј посветен на поетската студија како нов книжевен жанр (смислен, дефиниран и развиван од мене), поголемо внимание посветив на моето капитално дело „Генерика“, објавено во 1998. година како библиофилско издание.

Чувствувам потреба „Генерика“ детално да ја „претставам“, укажувајќи на нејзиното значење не само за моето севкупно творештво-како капитално дело. Поттикот иде и од нејзиното продолжение „Создател во изгревот и залезот“, а е едновремено автохтоно дело (при што „Генерика“ е негова основа).

Нагласувам: станува збор за поетска студија односно комплексен поетски проект кој се создава-гради во повеќе димензии и просторно-временски детерминанти.

Поетската студија „Создател во изгревот и залезот“ ја создавав повеќе од две децении. Тоа е студија за очовечувањето составена од 12 одделни студии или „оддели“ поврзани со „приказна во продолженија“: за раѓањето, дребноста и минливоста, играта и молкот, љубовта како страст и трпение, очовечувањето, громовитоста на водата, плодењето, звукот, гласот и словото, личноста, внатрешниот свет, идентитетот и беспаќата во човекот.

„Генерика“, пак, е составена од 17 делови или поглавја, со „приказна“ како „врзовно ткиво“, со песни и прозна поезија во кои се поетизираа моите ставови извлечени од поетскиот манифест „На чекор од говорот“, потпишан од мене, Д. Коцевски и М. Линдро. „Генерика“ има поднаслов „Книга на изгревот и залезот“, што значи дека и со него се сугерира поврзаноста, односно единственоста на двете дела. Издвоена, на посебна страница, е и „дефиницијата“ односно „составните елементи“ на генерика: тело, страв и задоволство.

Долготрајниот процес на создавање на моево грандиозно дело (“Генерика“ и „Создател во изгревот и залезот“) го потврдувам со авторската белешка на крајот од изданието од 1998. година:

„Ова дело е создавано од 1971. до 1996. година. Меѓу нив се и годините на творечки молк во замолк“.

Нагласувам: од 1998. година непрестано го создавав неговото продолжение кое едновремено е автохтоно-“Создател во изгревот и залезот“. Тоа значи дека неговото создавање траело цели 50 години!

Leave the first comment