88. Се случи
Одбив понуда на издавач да објави мое дело. За чудење? Изненадување? Не, напротив. Може да се „толкува“ само како потврда на мојата доследност, инаку мошне добро позната на моите блиски и пријатели.
Ми се јавува пред некој ден „главниот“ на издавачката куќа (голема, реномирана; што значи тоа?), инаку писател со кого отсекогаш сум имал добри творечки релации:
-Не мислиш дека е време за објава на твое ново дело? Знам дека имаш многу завршени. Избери, испрати ми на мејл и после сѐ ќе биде наша грижа…Знам дека издаде стихозбирка и збирка проблесоци во мислата во сопствена „режија“, ама според тиражот и твоето творештво што го знам, го следам на Интернет и Фејсвук, тоа не е ништо.
За миг помислив дека би било добро за почитувачите на моето дело, без оглед колку се на број, да ми се обзнани некој од завршените ракописи, но решив малку да се пошегувам. Му возвратив со прашање:
-Ти не знаеш за мојот дециден авторски став? Не си го прочитал?
-Каков став?
-Дека едно мое дело во електронски или печатен формат не може да се објави. Евентуално наеднаш најмалку 10. Тоа не се однесува на преводи во странство.
-Ти се шегуваш?!…Играш мајтап со мене?…Не разбирам…Зошто?!…Па, тоа е глупост! Сигурно знаеш дека нема толку моќен издавач кај нас што би го можел тоа. Да не ти зборувам за ризикот…
-Не се шегувам! Условот ми е ептен сериозен. Се разбира, свесен сум дека е речиси невозможно да се исполни. Ама, или 10 наеднаш или ниедно!
-Добро, ти ја знам доследноста, одамна им е позната на сите во писателската фела. Има ги предвид годините бројот на досега напишаните дела…Човеку, па ти може до крајот на животот да не издадеш ниедно од твоите дела!
Решив да го прекинам разговорот:
-Па, што? Ти помисли уште колку години живот би ми требале ако секоја година објавувам само по едно. Сосе оние што ги создавам се повеќе од 70! …Или- или!
Последното од него:
-Несфатливо!
Немав што да му докажам.