163. Јас обичен смртник
Морам да нагласам нешто што ме издвојува од другите смртници како мене: одвреме-навреме јас сум Јас како обичен смртник, а одвреме-навреме сум Јас само смртник. Можеби некој читајќи ги белешкиве веќе се прашал како тоа обичен и дали тоа значи дека одвреме-навреме сум необичен. Веднаш одговарам: да, сум баш одвреме-навреме. Поточно порано редовно, па често, па сè поретко, а скоро веројатно пак почесто.
Јас како смртник сум обичен кога е збор за живуркањето. И моево старечко е исто како на многу други. Не велам на сите други, затоа што разликата е во тежината на живеачката. Мојата е секако многу полесна од на многу други во ова „модерно“ живуркање. А тоа го нагласувам во насловов на делово не за да се издвојам од Јас како книжевник, туку дека сум еден, неделив и единствен, следствено различен од другите.
Според што, со што, во што сум Јас необичен смртник („необичен“ не е соодветен збор, но нека е)? Мислам дека е добро да се знае и не би сакал да не значи ништо.
Јас сум пензиониран радио новинар, со повеќе од четириесет години работен страж (десетина непризнаени за пензија) односно професионално новинарство. Имам реализирано неброени радио-проекти: рубрики, емисии, проекти од тн. јавен интерес, програми, како и комплетно оформување (од идеја до реализација), на две радија: Радио Херц (Втора програма на Македонското радио) и Евергрин Гром радио (приватно, мое односно семејно едукативно-забавно). Автор сум и на (сè уште) единствената македонска научна студија за модерното радио-„Аспекти на модерното радио-Радио на современата модерност. Бев и еден од најдобрите и најслушаните македонски радио водители во 80-тите и 90-тите години на 20. век, а во едно научно истражување (објавена студија) и најдобар односно најслушан.
Најслушана, најзапаметена (за многумина незаборавна и ненадминлива) е секако едукативно-забавната односно енциклопедиската радио емисија „Паноптикум“. Станува збор за единствена лична радио енциклопедија, и тоа во времето кога не постоеше Интернет, кога морав постојано, секојдневно да бидам на „изворите на знаењето“ (не само енциклопедии)-крајот на 80-тите и 90-тите години на 20. век. (Таа емисија е основа/темел на Евергрин Гром радио).
Создаденото/испишаното во емисијата „Паноптикум“ не „испари“! Го „пренесов“ на посебен сајт на Интернет со ист наслов, „едукативен едиторијал“, како и во посебен блог „Поенти“ (мои согледувања, осврти, коментари и анализи на актуелни ситуации и состојби). Еве ја адресата: https://panoptikum.mk/. Го (с)уредува син ми Горан. Препорачувам да го посетите, да го посетувате одвреме-навреме. Мое мислење: извонредно е дизајниран, а содржи сè и сешто. Најмногу енциклопедиски одредници.
Во последниве години целосно се посветив на мојот книжевен опус (Јас како книжевник), се разбира на сметка и на секојдневното богатење на сајтот со нови прилози (има уште многу во „резерва“, за поставување). Планирам постепено да се „вратам“ на него. Само здравје.