102. Апсурдноста на две награди
Мојата заложба за укинување на наградата „Браќа Миладиновци“, а како неизоставен „сегмент“ на комплетно концепциско менување на несомнено најголемата, најзначајната наша и меѓународна поетска манифестација Струшки вечери на поезијата (СВП), на многумина им е премногу радикална, па и незамислива. Особено од аспект на богатото минато и традицијата. Можам да ја поткрепам со многу аргументи, од кои го изделувам „најочевидниот“: нема, ниту може да има такви зналци-членови на жири или комисија (каква е таа жири-комисија?!) кои можат од повеќе „поетски книги“ да изделат „најдобра“.
За нејзините основни „елементи“:
Логиката вели дека на меѓународен поетски фестивал може и треба да се доделува/да се доделуваат само меѓународна награда/меѓународни награди. За „локална/локални“ на него не може и не треба да има место! Во спротивно (ќе) се случува она што се случува токму со наградата „Браќа Миладиновци“: таа е од „второстепено“, секако со помало значење или, разбирливо, помала од „Златниот венец“. Би било поинаку кога и „Браќа Миладиновци“ би била меѓународна. Што би значело: „Златниот венец“ се доделува за опус, за севкупно поетско творештво, како досега, а „Браќа Миладиновци“ за поетска книга (никако не „најдобра“; напросто е неодржливо „степенување“ на различни поетики).
Еден своевиден парадокс:
Досега „Златниот венец“ го добиле двајца македонски поети-Блаже Конески и Матеја Матевски. Обајцата ја имаат добиено/добивано наградата „Браќа Миладиновци“ за „најдобра поетска книга“ помеѓу две СВП. Конкретно за Матевски: по „Златниот венец“ секоја негова новообјавена книга „премолчено“ не конкурира за „Браќа Миладиновци“ зашто би било „несоодветно“ да не биде „најдобра“! Потенцирам: се разбира дека „Златниот венец“ е нешто „сосема друго“, ама едноставно не би „звучело“ баш пријатно некој со една или две објавени книги, секако со скромно творештво (зошто не и дебитант?!) да го „победи“ нашиот венценосец.
Едно време зачести доделувањето на наградата по вторпат, третпат (има повеќемина поети кои ја добија трипати), што е сосема в ред (во „контекстов“ нивните поетски книги биле најдобри). Во последниве години тоа се избегнува (бесмислено е?), а во критериумите на конкурсот не се наведува дека еден поет не може да конкурира постојано, односно со секоја нова „поетска книга“ (и тоа е бесмислено, нели).
Нужно е да ја издвојам и „непрецизноста“-дека таа се доделува за „поетска книга“, а не за стихозбирка. Поради која, на пример, мојата поетска студија „Генерика“ во далечната 1998. година, како што ми беше пренесено од еден член на тогашното жири, беше „оштетена“ затоа што воопшто не била земена предвид за „разглед“ поради „очигледноста“-не станува збор за стихозбирка.
„Прецизноста“ гласи: „поетска книга“ е секоја книга што содржи поезија-стихозбирка односно „собрани“ или „избрани“ песни, поема, еп, поетска студија, поетска инсталација итн.
За една поетска книга да конкурира за наградата „Браќа Миладиновци“, најнапред таа треба да е пријавена-приложена-испратена на жирито/комисијата. Тоа се смета за „обврска“ на издавачот, не на самите автори. Кога би било поинаку, би морало да се објави конкурс со утврдени услови, рокови, правила, норми, критериуми. Што е можеби најважно во тој случај: наградата никако не би можела да се доделува за „најдобра поетска книга помеѓу две манифестации СВП“. Меѓу другото и затоа што „се случува“ да се објават дела и на првиот и во текот на следните неколку дена на одржување на Струшките вечери.
Образложенијата на жиријата се посебна „приказна“. Тие се премногу „општи“, фразерски, со некои констатации и ступидни, а притоа се однесуваат многу повеќе на авторот одошто на конкретната поетска книга. На пример (од коректност ќе го изземам името и презимето на авторот-добитникот): „во книгава е забележан виден напредок во однос на претходните, особено на „планот“ на созревањето“. Значи, неговите претходни дела се на пониско „рамниште“ на созревањето! Или: книгата „остварува еден завидно зрел стилски баланс на поетскиот израз“, а тоа значи дека во неговото досегашно творештво поетскиот израз стилски не бил „завидно зрел“!
Го издвојувам следново:
„Иако општиот впечаток е дека книгата зрачи со ненаметлив и тивок лиризам, тој е само привидно таков, бидејќи (авторот-заб.м.) многу умешно и дозирано користи необични и свежи трополошки решенија со чија помош постигнува ненадејни, очудени пресврти и необични завршници на своите поетски творби. Токму затоа поетскиот јазик (на авторот-заб.м.) се искрева на едно завидно високо рамниште, што во моментов ја прави еден од најинтересните и најзрелите поетски гласови во современите текови на нашата поетска традиција“.
Нека ми простат членовите на жирито, инаку истакнати поети и критичари, ама наведеното е во најмала мера контрадикторно: со „ненадејни, очудени пресврти и необични завршници на своите поетски творби“ никако не се добива „општ впечаток“ дека книгата зрачи „со ненаметлив и тивок лиризам“. „Тивок и ненаметлив“(?!).
Конечно:
Ако веќе се опстојува на наградата „Браќа Миладиновци“ каква што е, за поетска книга од македонски автор, но никако не за најдобра, тогаш барем нека се доделува на ист начин како Нобеловата награда за книжевност: со номинации (од страна на членови на МАНУ, на книжевни друштва, здруженија и организации, на професори по книжевност и јазик, досегашни добитници; никако не и номинација на самиот себеси). Потоа предлозите да ги прегледува посебно „тело“ (за Нобеловата награда тоа е Нобеловиот комитет), па посебна академија (не жири или комисија; Нобеловата ја доделува Шведската академија) врши потесен избор (однапред утврден број), го сведува на 5 книги-кандидатки (и на СВП сега е така; преземено токму од нобеловската „процедура“?) и на крајот со гласање/со добивање на повеќе од половината гласови се доделува наградата. Да се обезбеди и тајноста на номинациите.
Повторувам веќе изнесен личен став:
Никогаш не би прифатил награда за (своја) „поетска книга“ во конкуренција со книги на други поети и поетеси, и тоа преку конкурс. Затоа што мојата поезија, мојот поетски дискурс, воопшто мојата пооетика е едноставно неспоредлива со која било друга!
Многу важно:
Делото на браќата Миладиновци не може да се поврзува ниту со Струшките вечери на поезијата во целост!
Се разбира, ова мое укажување не имплицира укинување на поетскиот фестивал во Струга, туку преименување и суштинско концепциско видоизменување. Преименувањето би требало да го инкорпоприра големото поетско признание „Златен венец“, токму поради неговото значење и меѓународната афирмираност. На пример „Струшки поетски венец“.
Укажувам на еден апсурд што трае и трае, а моја заложба е час поскоро да се надмине:
На СВП се доделува награда за „најдобра стихозбирка“, која се именува според собирачитер на македонски народни умотворби-издавачи на знаменитиот Зборник од народни умотворби-„Бугарски народни песни, собрани од браќа Миладиновци“.
Поетското творештво на Константин Миладинов, пак, е скромно по обем, разновидност и уметничка вредност; тој е најдостоен претставник на македонскиот романтизам; песната „Т`га за југ“ е со силна носталгичност, сета посветена на разделбата и сеќавањето на родниот крај, но нема универзални, антологиски вредности.
Од друга страна, на манифестацијата „Рациново признание“ во Велес се доделува награда за најдобар македонски роман (!), објавен помеѓу две манифестации.
За значењето на поетското творештвото на Кочо Рацин, пред сѐ стихозбирката „Бели мугри“, се искажале бројни учени и познавачи на неговото дело, а ќе го приведам ставот на Блаже Конески:
„Тешко ние да можеме да најдеме во нашата културна историја друга толку монолитна личност како Рацин, што по еден творечки начин гради мостови меѓу минатото и иднината, што знае на здрави основи да создава културна традиција… ликот на Кочо Рацин придобива сè поизразити црти во нашето духовно битие. Веќе за нас што сме биле негови современици, а уште повеќе за новите поколенија, Рацин поставува со својот живот и со своето дело една мерка што се налага во творечка и етичка мисла. На македонскиот простор не може веќе да се изневерува пораката на поетот Кочо Рацин, без да се засега во она што е суштинска основа на нашиот развиток“.
Нагласувам дека останатото книжевно творештво на Рацин, особено прозното (неколку раскази и фрагменти од романот „Афион“), не само што е мало по обем, туку и според вредноста и значењето е далеку „во сенка“ на поетското.
Конкретна заложба:
„Рациново признание“ (ступиден назив на наградата-значи дека е признание на/од Рацин?!) да се преименува во награда „Бели мугри“. Наградата да биде балканска и да се доделува за целокупно поетско творештво.
Патем, имам некое чудно задоволство дека, како еден од „поистакнатите“ во тн. четврта генерација македонски книжевни творци сум единствен кој ја нема добиено наградата „Браќа Миладиновци“, а ниту ќе ја добијам додека е каква што е.