БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

106. Био-библиографија

Не ги сакам, не ги читам био-библиографските белешки на писателите објавени на задните корици на нивните книги или на една од последните страници во нив (обично како прилог кон поговор-рецензија, осврт, есеј, студија за делото или севкупното творештво). Едноставно, не ми се интересни.

Не мислам на биографските или библиографските, туку точно на био-библиографските, оние што претставуваат „сублимат“ на биографски и библиографски. Па во нив најчесто се потенцира „врзовното ткиво“, „меѓузависноста“, „обусловеноста“, се изнаоѓаат „судбински и/или судбоносни моменти“ итн.

Биографиите ги читам само доколку во делото/делата на авторот се вградени, раскажани, прераскажани или изложени/пренесени/цитирани преломни моменти од неговиот живот. Не за друго, туку само затоа што како „такви“ имаат поинакви димензии односно параметри или, пак, се „облагородени“ со вредносни специфики.

Се разбира, ја имам предвид биографијата како книжевен жанр, а не животописот кој не е тоа. Одамна е осознаено и дефинирано дека животописот е штуро, „соголено“, здодевно наведување на местото и датумите на раѓање и смрт, школувањето, одделни пресвртни или клучни настани во животот; а биографијата, пак, е „подлабока“, посочува на човечки мотиви, чувства, мани, добрини, злости, доблести, слабости, на проблеми и односи во заедништво, во сопатништво со блиски и далечни итн.; па токму таквата „содржина“ ја „прераснува“ во драма, комедија, роман и сл.

Биографиите ми се и поинтересни од библиографиите. Не само затоа што денес тие се пишуваат за луѓе кои ѝ се интересни на јавноста, кои, како што се „третираат“ во светот на бизнисот, се комерцијален потенцијал (глумци, политичари, спортиски, естрадни уметници и др.), па следствено се „времени“-траат кратко, речиси исто колку што трае таквиот нивен „третман“. Бидејќи писателите и кај нас и во светот не му припаѓаат на овој сој луѓе, секоја чест на исклучоците, многу малку се напишани и се пишуваат биографии за нив. Едноставно, нивните животи за читателите „комерцијални книжни консументи“ не се привлечни.

Прифатливи ми се библиогафиите кои се дел од систематично проучување, истражување или откривање на едно дело или на повеќе-на творештво на еден книжевник. Затоа што ми се секогаш од голема припомош. Особено критичките или аналитичките (многу помалку набројувачките). Анотираната ја користам само како еден вид личен потсетник.

Leave the first comment