115. Јавен завет (повторно)
Знам дека не е вообичаено, дури мислам дека никој книжевник го нема сторено ова: да објави совреме јавен завет во врска со неговото заминување во вечноста, во заборавот или негово исчезнување.
Не знам дали е воопшто потребно да потсетувам на „случајот“ Кафка. Не поврзан со неговата смрт, туку со неговото творештво. Тој го обврзал својот пријател Макс Брод по смртта да ги уништи сите негови ракописи. Неговата љубовница Дора Дијамант делумно ги извршила неговите претсмртни барања, задржала 20 тетратки, 35 писма и други ракописи сѐ до нивната конфискација од страна на Гестапо во 1933. Брод не го исполнил барањето. Ги прегледал текстовите што ги поседувал и почнал да ги објавува.
Во претходна белешка и јас оставив слично „упатство“-јавен завет кој верувам дека ќе биде исполнет.
Еве уште еднаш (малку поинаку напишан):
Јавен завет на обезвреднет и непризнаен творец:
Во моето вечно почивалиште да ме испратат само моите најближни.
За моето заминување од овој свет тие да обзнанат најмалку 40 дена потоа.
Тие да не дозволат какво било оддавање почит кон моето творештво оти не може да биде поинакво освен лицемерно и подбивно.
На мраморна бела плоча над моето вечно почивалиште да биде изделкан со големи печатни букви епитаф објавен во една моја стихозбирка:
МОЛК!
ОВДЕ,
ВО ОВА ПАРЧЕ ЗЕМЈА,
КОНЕЧНО ПОЧИВАМ
ВО МИР И СПОКОЈ.
ФАЛА ТИ, ГОСПОДИ!
Под него мој своерачен потпис.