130. Живи интересирања
Имам испишано и објавено илјадници (немам точно изброено) новинарски текстови, од белешки-цртички до коментари и репортажи, на радио и на Интернет (блог „Поента“), во „рамките“ на мојата радионовинарска кариера.
Многу од сето тоа е сочувано, а многу и не е. Но, во врска со нив сега сакам да нагласам нешто друго: иако мојот новинарски интерес е несомнено мошне богат и сестран (без ни најмала лажна скромност), не може да се спореди со на ниеден друг македонски новинар во минатото и денес (од спорт, култура, економија, наука до политика), тој е некако настрана. Како за никого да не претставува никаков предизвик. Не ми значи којзнае што, се разбира дека не може воопшто да не ме засега (ја имам предвид „грубата стварност“), но со оглед дека и во новинарството, како во книжевното твоештво, јас сум јас, си земам за право сам да посочам на „блискоста“ на едното и другото.
Инсистирам и на уште две мои мошне живи интересирања, со значајна оставнина: пишувањето енциклопедиски одредници (личната радио и интернет енциклопедија „Паноптикум“) и во еден период мошне интензивната научна работа непосредно поврзана со радиото како медиум; од која произлезе научната студија „Аспекти на модерното радио-Радио на современата модерност“ (објавена на Интернет), единствена студија од таков вид од македонски автор.
„Блискоста“ помеѓу моето радионовинарство и книжевното творештво е „најголема“ кога е збор за сатирата. Јас сум единствен македонски сатиричар и афористичар кој својот дневен сатирично-афористички ангажман го „преточил“ во книжевни дела. Тоа е циклусот „Шило и осило“ кој содржи 7 дела: „Сатиралии“ (со поднаслов „Стилски вежби за ментално проветрување“), „Нема или-или, а ни трте-мрте!“, афоризми (или лично-безлични закони, прописи, правила, постулати, аксиоми, укажувања, предупредувања и принципи), „Приказни за големи деца“, со поднаслов “Сатирични и хуморни приказни раскажани од немајкаде“, „Саде аир да виѓаваме“, сатирична политикантска и љубовна поезија, „Со прстот на чело, Помеѓу нас ништо непремолчено)“, сатирични раскази и други писателски сочиненија, „Урнебесни басни“, хумористично-сатирични оригинални и познати прераскажани, дораскажани, надградени басни, и сатирично-хумористичната серија во 10 продолженија „Однапред и одзади“ (снимена како аудио-проект на Евергрин Гром радио).
Се разбира дека напоредно со сè друго продолжувам да пишувам сатирично-хумористични дела (збирка скечеви со заеднички наслов „Скечуално“).
Ми „лежи“ сатирата? Да, ми била, ми е и останува да биде со својата есенцијалност: исмејување на личност, група, држава или власт со цел разобличување на општествени будалаштини и дубиози, страсти, себичности, непромислености; значења добиени од семантичка двосмисленост и алузивност.