136. Јас, па јас!
Јас како книжевник и Јас како обичен смртник, во годините на интензивно пишување поезија и проза, како и на професионалното работење како новинар, никогаш не сум ја промислувал поврзаноста помеѓу докажувањето и напредувањето. И едното и другото никогаш не ми значеле којзнае што, освен во одделни периоди на обиди за подобрување на личната и семејната материјално-финансиска положба. Што не значи дека не биле меѓусебно условени. Притоа, најретко сум им се докажувал на други. Сум си го „туркал“ своето, без оглед на последиците, упорито дури тврдоглаво, и секогаш само од мене зависело до кога или до каде. Што се однесува, пак, на напредувањето, тоа идело некако спонтано, и навремено и задоцнето. Меѓуоа, кога станува збор за признавањето и добиените признанија, кои се разбира дека се дел од него, проблем е…
Ма нема проблем! Ни тоа дека моето книжевно творештво е сосем маргинализирано во последниве три-четири децении, забележано и сериозно проценувано и оценувано во првите десетина творечки години, и без никакво признание. Ниту дека во текот на моето четиридецениско професионално радио новинарство не сум добил ниедна позначајна новинарска или општествена награда.
Како книжевник сум еден од најплодните во македонската книжевност, ако не и најплоден, со разновидно творештво-поезија, куси/минијатурни и „поголеми“ раскази кои јас ги нарекувам ескизи (дефинирани од мене како посебен книжевен жанр), романи, разновидни сатирични дела, проблесоци во мислата (најмногу на светот?)…
А како новинар, но и водител на забавно-контактни и забавно-едукативни емисии и програми, не е нескромно кога често (си) велам дека сум бил и сѐ уште сум на недостижен врв; со илјадници страници новинарски прилози-белешки, осврти, коментари, со стотици емисии и проекти од најразлични области. Напредокот во новинарската кариера ми е од соработник во Спортска редакција, уредник на емисии од културата и уметноста, самостоен коментатор, уредник на редакции за културна и забавна програма (во Македонско радио и Македонска телевизиска), па до Одговорен уредник (на Втората програма на Македонското радио) и сопственик на приватно радио (Радио Гром).
Зошто да ја промислувам поврзаноста помеѓу докажувањето и напредувањето? Нема баш никаква причина. Сум се докажувал и сум докажан, сум напредувал до кај што сум можел и ми било дозволено и…тоа е тоа. Како книжевник и обичен смртник.
Инсистирам дека сум обичен смртник, иако на некои мои долгогодишни пријатели тоа не им е прифатливо. Напротив, токму поради докажаноста и до кај што сум стасал тврдат дека нема брзо да потонам во заборав откако ќе исчезнам во бескрајноста. Не можам да ги убедам дека и тоа не ми значи баш ништо. Веќе сум човек во години.