138. Јас во името на Јас книжевник и Јас обичен смртник
за слободата и одбраната на достоинството
како суштествености на личната слобода
Во мојата петдецинска книжевна и новинарска работа има една константа која отсекогаш ми била најважна и сум ја бранел со сите сили, неретко и жестоко: самостојноста и независноста како суштествености на личната слобода. Не сум дозволувал никој никогаш со ништо да ми ги загрози, никој да ми ги одземе. Без оглед на последиците.
Кога е збор за моето книжевно творештво, еден пример мислам дека е „најсликовит“:
На почетокот од 80-тите години на 20. век во тогашната престижна издавачка куќа „Мисла“ (одамна згасната) понудив мој поетски ракопис за објава. Долго, со години чекав одговор дали е прифатен или не, без никакво директно или индиректно „влијание“, без мое „додевање“-прашување, барање кај уредникот Веле Смилевски; сметајќи на негова елементарна почит и култура. И…не дочекав!
Во меѓувреме дотичниот ја напушти „Мисла“, а беше ангажиран покојниот знаменит писател Ташко Георгиевски. При една моја посета го замолив да види што стана со мојот ракопис. Тој се изненади кога дозна дека сум понудил дело за објава. Ја пребаравме заедно витрината во канцеларијата (во која уредникуваше Смилевски) и го пронајдовме сокриен меѓу објавени! На Ташко му беше мошне непријатно. Ме замоли да му оставам малку време да види што може да стори, но јас одбив. Си го зедов ракописот и оттогаш не стапив во „Мисла“.
Станува збор за мојата стихозбирка „Посејдоново утро“ која во 1982. година ми ја објави издавачката куќа „Култура“, Со неа бев во најтесна конкуренција за наградата на СВП „Браќа Миладиновци“, заедно со поетот Михаил Реднџов. (Ја доби тој за стихозбирката „Нерези“.). Патем, во „Посејдоново утро“ е циклусот „Состојбите на Протеј“ за кој писателот, критичарот и теоретичарот на македонската литература Слободан Мицковиќ смета(ше) дека е најдобриот/најуспешниот во современата македонска поезија.
Се разбира, и пред „случката“, а особено по неа В.С го избришав од „списокот“ на мои „обични“ познајници и „колеги“ по перо. Пред сѐ како човек.
Кога е збор, пак, за мојата новинарско-уредувачка кариера, можеби најголема потврда на одбраната на самостојноста и независноста како суштествености на личната слобода, е „патот“ до Одговорен уредник на Втората програма на Македонското радио.
Имено, иако одамна бев докажан со значајни и големи програмско-уредувачки и авторски рубрики, емисии и комплексни радио проекти, долго не бев „подобен“ за таа функција. А кога се „изборив“ за неа, направив вистинска радио револуција; лично, самостојно, независно концепирав, детално осмислив и дизајнирав комплетна радио програма односно радио канал кој го именував „Радио Херц“. Притоа, како неопходно кадровско зголемување и „освежување“, се изборив за вработување на15-тина дотогаш хонорарни млади новинари. Се разбира, со поддршка на Колегиумот на Македонското радио и на Колегиумот на МРТВ, но без никакво влијание или моја „послушност“.
Самостојноста и независноста како суштествени за личната слобода никогаш не сум ги искажувал и докажувал во политиката. Затоа до ден-денес не сум во неа.