139. Пак за моето најголемо поетско дело, најголемо и единствено на светот!
Книжевникот и обичен смртник има конечно голема, може најголема причина за радување и гордеење: по точно 50 години (!) го заврши своето капитално, најобемно-грандиозно поетско дело „Создател во изгревот и залезот“; неофицијално најголемо во светската поезија воопшто! Најголемо?!
Станува збор за поетска студија за човекот, неговата стаменост и неговиот опстој меѓу стварниот и заумниот свет. Содржи вкупно 12 одделни поетски студии, со вкупно 1.291 песни односно пеења, со над 20.000 стиха.
Што значи пишување/создавање на поетско дело цели 50 години? Значи пишување/создавање со идеја во зародиш, постапна реализација, многу прашања и дилеми, неизвесности и премрежија. Значи години на преиспитување, преработување и доработување, на обновување на потрошена творечка енергија. Значи и објава на „делови“, на верзии кои во меѓувреме се „докажале“ како автохтони, кои можат да опстојуваат и опстојуваат самостојно, а едновремено се основа за нови „составни сегменти“.
Конкретно:
Дело кое е и автохтоно и едновремено основа-„составен сегмент“ на “Создател…” е „Генерика“, составена од 17 делови или поглавја, веќе објавена во печатена форма (библиофилско издание) во 1998. година.
Еве ги одделните 12 поетски студии на „Создател во изгревот и залезот“ (објавени на Интернет наспоредно со нивното создавање):
I Создавачка самост-поетска студија за раѓањето, со вкупно 115 песни односно пеења;
II Конкретности: Дребнулии и безначајности-поетска студија за непостојаноста, со вкупно112 песни односно пеења;
III Некогаш игра во куќата што молчи-поетска студија за играта и молкот, со вкупно 161 песна односно пеења;
IV Го бележам она што не ме именува-поетска студија за љубовта како страст и трпение, со вкупно 74 песни односно пеења;
V Духовност и емоции-поетска студија за очовечувањето, со вкупно 93 песни односно пеења;
VI Посејдоново утро-Воденова квечер-поетска студија за громовитоста на водата, со вкупно 78 песни односно пеења;
VII Само со сенки, оган, ѕидови и сни сум поблиску до времето за плод и семе-поетска студија за плодењето, со вкупно 132 песни односно пеења;
VIII Помеѓу сонувањето и празнината-поетска студија за звукот, гласот и словото, со вкупно 108 песни односно пеења;
IX Кој си ти?-поетска студија за личноста, со вкупно76 песни односно пеења;
X Длабока шума-поетска студија за внатрешниот свет, со вкупно 88 песни односно пеења;
XI Плодови за почин во миг, а ништо без здив-поетска студија за идентитетот, со вкупно 98 песни односно пеења;
XII Семожен, немошен и неволен-поетска студија за беспаќата во човекот, со 156 песни односно пеења.
Книжевникот и обичен смртник знае дека создавањето на вакво капитално, грандиозно дело во развиени култури и цивилизации се слави, се прославува, се фали и наградува. Ама во развиени култури и цивилизации, во кои квалитетот на животот се темели на вредности!
Што со него?
Книжевникот и обичен смртник одговара:
„Баш ништо! Може да се чита на мојата веб страница, но најверојатно нема да се објави интегрално во печатен формат додека сум жив.
Многу е извесно дека ќе биде заборавено во мојата „Интернет фиока“, како ворд документ, заедно со другите завршени поетски и прозни дела“.
„Одиме натаму“ им вели на пријателите. Сѐ почесто резигнирано.