БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

143. Истомисленост на Јас книжевник
и Јас обичен смртник за домашната задача

Уште од мали деца нѐ учат и се учиме на домашни задачи. Ни ги задаваат родителите, учителите, наставниците, професорите. Кога ќе пораснеме односно ќе созрееме за работа-неработа и чесна-нечесна заработувачка, на „сцената“ стапуваат директорите, бизнисмените, богами и политичарите, особено откако ќе ја освојат власта.

Но има нешто што го знае секој оној кој малку подетално, понастојчиво, во континуитет го следи исполнувањето-извршувањето на домашните задачи: навиката. Ако некој не е навикнат, ако, како што се вели, не му влегло во крвта, исполнувањето-извршувањето или ќе му претставува огромен проблем или навреме ќе се научи да го ескивира, при што најголемо „учество“ во тоа има снаоѓањето.

Кога гледам, читам и слушам што сѐ катадневно се случува, откривам нешто што е одамна откриено. Мене само ми се чинело дека во меѓувреме некои барем малку се опаметиле, барем малку поднаучиле, барем малку разбрале дека е многу важно да се научи и исполни пред сѐ една-прва домашна задача. За учењето и исполнувањето на другите потоа да оди многу полесно, речиси како подмачкано.

Всушност, станува збор за пет во една домашна задача, а можат да ѝ се додадат уште пет-шест. Таа прва се вика: слобода, демократија, нзависност, култура, достинство. Лично јас, читајќи уште од мали нозе сѐ што ќе ми дојде или падне в раце-од весници, цртани и нецртани романи и романчиња, до естетски, филозофски, социолошки, политиколошки итн. книги и писанија, наведената домашна задача самиот постојано си ја поставувам за исполнување во континуитет. Со гордост можам да се пофалам дека ја исполнувам доследно, тврдокорно, без грам или милиметар отстапка. Добро де, не теба да ме прашувате за последиците, ама е ноторен факт дека сум уште жив и колку-толку здрав. А вие?

Си задавате ли домашни задачи? Да не ви ги задаваат други? Дали ги исполнувате?

Знам за една која нам во последно време, за жал, ни ја задаваат странци, а никако да ни „легне“. Сакам да речам, да почнеме искрено, чесно и доследно да ја исполнуваме-извршуваме. Дури и народецов наш ја знае од веки веков. Веројатно затоа што нѐ научија како неисполнителни. Нѐ научија лесно бидејќи тоа се гледа, слуша и чувствува на секој чекор. Особено кога оценуваат-проценуваат дали делото ни е од збор, а зборот дело. Задачата се вика: „Најнапред исчисти пред својот праг“.

Неспорно е дека најнечисто ни е пред сопствениот праг. Просто е неверојатно колку нечистотија, од кал до ѓубре од кое се шири неподнослива реа, се насобрала пред домашните, а најмногу пред праговите на оние што си изградиле палати и замоци опколени со ѕидишта кои ни топовско ѓуле не може да ги пробие. Џабе им е кога пред прагот не им е исчистено. Ова особено се однесува на праговите на нашите политички неколкучлени и еднолидерски партии.

Leave the first comment