152. Одвреме-навреме Јас сатиричар
Во здраво друштво на претек сатира и хумор. Во нездраво може воопшто да ги нема, да се (само)убијат. Здравото друштво ги поттикнува, ги негува, ги развива, а нездравото од нив не оздравува.
Во една власт еден од властодршците веќе не можел да го поднесе сатиризувањето на виден сатиричар, па побарал да се забрани, да се замолчи. Главниот решително одбил:
„Тамам работа! Никако! На народот тој му е како издишен вентил. Ако ти пречи, ако тебе лично те погаѓа со својата сатира, повлечи се. Не му излегувај пред очи, не го предизвикувај, не му давај повод за да те сатиризира. Стани му неинтересен и ќе те заборави…Научи дека сатирата најпрва и најмногу го докажува демократското владеење“.
Во последно време, во последниве години па и децении сè поретко пишувам сатира. А ги создадов и објавив на Интернет следниве сатирично-хумористични дела под заеднички наслов „Шило и осило“:
1. Приказни за големи деца
2. Сатиралии
3. Саде аир да виѓаваме
4. Со прстот на чело
5. Нема или-или, а ни трте-мрте!
6. Урнебесни басни
Имам уште едно за објава: сатирично-хумористична серија „Однапред и одзади“. (Реализирано е како аудио-проект.)
Познавам неколкумина врвни македонски сатиричари кои, за разлика од мене, одамна молчат. Не знам. Можеби се (пре)уморни, можеби ги навасале годините, а можеби и не можат, ги оневозможуваат. Особено политичарите на власт.
Ќе продолжам да пишувам и објавувам? Се подготвувам.