БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

19. Личноста

Со нас, пред нас, а особено зад нас многу лица. Малку, а секогаш недоволно личности. Со своја индивидуалност, конзистентност, со препознаени позитивни карактерни особини, со кои се изделуваат од мноштвото.

Психологијата ја дефинира личноста како релативно цврсто интегриран, стабилен и комплексен склоп на особини кој одредува карактеристично и доследно однесување на индивидуата. Пред сѐ интелектуалните способности, вредностите, мотивите, емоциите, целите и намерите, начинот на однесување.

Кого можеме да покажеме и докажеме како личност?

Најнапред, тоа е оној што ја истакнува, ја изразува, постојано, континуирано ја потврдува својата индивидуалност. Потоа оној што се изделува со доследноста, создателноста и знаењето-ерудицијата. Особено со творечката енергија, доблеста и смислата за антиципација.

Сето тоа е најнепосредно поврзано со карактерот кој, пак, неретко се изедначува со личноста во целина. Сепак, поблиска е определбата на карактерот како клучно обележје на личноста, на цела низа емоционално-мотивациони, социјални, морални и конативни изразити црти според кои се разликува од другите.

Се разбира, треба да се има предвид најзначајната класификација на особеностите, каркатеристиките или цртите на личноста-моделот на петте големи димензии на личноста (Big Five Model): екстровертност-интровертност (друштвеност или отвореност), пријатност или согласност, совесност, емоционална стабилност, прилагоденост или невротичност и отвореност.

Во дефинирањето на типовите на личности може да помогнат и 4-те основни димензии според класификацијата MBTI (Myers Briggs Type Indicator): екстровертност-интровертност, мислење-чувствување, разум-интуиција, просудување-посматрање.

Ама тие-препознавањето, класификацијата и дефинирањето на личноста од страна на учени, не ни помагаат многу во пресвртни моменти, кога без личности не можеме, едноставно не сме во состојба да направиме ниту чекор напред. За назад веќе не сме, па сме збунети, изненадени, несигурни, возбудени. Може и малодушни стоиме во место. Што може да ни помогне?

Јас знам! Знам зашто сум имал чест и задоволство да бидам со таков. Го запознав и од него научив многу. Не, не ме учеше, не ми држеше лекции, не ме подучуваше, не ме насочуваше. Не ми пренесуваше ништо од неговото животно и работно, ништо од неговото творечко искуство. Само ми рече:

„Биди со мене колку што сакаш и колку што можеш. Белки од мене, ако досега не од друг, ќе го разбереш макар само суштинското во животот: дека по секоја цена треба да бидеш и да останеш свој. Особено кога некој се обидува да бидеш негов“.

Не заборавив да го прашам:

„А жртвувањето?“

Одговори отсечно, речиси подвикна:

„Тоа никогаш не е залудно!“

За жал, веќе не е меѓу живите. Почина во старски дом, заборавен од сите негови ближни. Не знам зошто заборавен, се обидов да разберам и не успеав. До последниот издив го повторувал следново:

„Јас држам до својот збор, а сѐ од мене создадено е дел од мојот идентитет и моето достојание“.

Беше исклучителна личност…

Е, ова е суштинското прашање:

Колку исклучителни личности познаваме?

Leave the first comment