БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: < 1 минута

33. Употреба на блискост, познанство, пријателство

Блискости, познанства, пријателства. Малку, доволно, многу? Колку и како за кого. Неспоредливи во различни времиња. Тие ја збогатуваат смислата на постоењето, на секојдневноста на живеачката? Секако. Без нив е сиромашен личниот свет? Секако. Со нив е сѐ полесно? Секако. Без нивна поддршка дури измачувања, дури премалувања, дури безнадежности? Секако. Меѓусебно се различни и според содржината и според силината? Секако.

Најмногу во животот сум си го проблематизирал и сѐ уште си го проблематизирам нивното искористување од една, а од друга страна нивната употреба и злоупотреба. Нема човек кој не барал и не добил каква било помош; кој не искористил блиски, познајници и пријатели/пријателки за штогоде, а најчесто, а најмногу во неизвесности, за влијание и одлучување. И јас многупати, дури и во пресудни моменти. Во младоста многу помалку, во зрели години многу повеќе.

Искористување наспоредно или наспроти употреба или злоопуотреба? Злоупотребата сум ја отфрлувал секогаш и ја отфрлувам како нечовечка, како недостоинствена, како понижувачка, па и непријателска. За жал, блискостите, познанствата и пријателствата со мене се злоупотребувале во голема мера во минатото, можеби во уште поголема денес. Прифаќам дека е просто невозможно тоа да се превозмогне. Зависи од положбата на сите, позицијата и општествените состојби, но е најмногу од простаклак.

За употребата на блискостите, познанствата и пријателствата сакам да пишувам повеќе, со конкретни животни приклученија. Ама овојпат само ова мое признание:

Да, ги употребувам во мојата секојдневна борба со часовите или миговите на самост, со дружби, средби, контакти; кога ми треба нивно искуство, знаење или сознание; особено кога барам творечка инспирација или поттик.

И за мене најважно: тие воопшто не ми се лутат поради тоа. Напротив, дури прифаќаат со задоволство и радост.

Leave the first comment