37. Песната (или кое било друго книжевно дело)
како дневна задача
За создавањето на песната можам да изнапишам страници и страници, како што тоа го сториле бројни светски и домашни поети, есеисти, теоретичари на литературата, критичари. Можам да приведам бројни дела- манифести, есеи, студии, расправи на оваа тема, кои сум ги прочитал/читал со внимание, а ми припомогнале да навлезам, да проникнам во многу поетски светови; да ги откривам, разбирам и за миг, за некое време да бидам дел од нив.
Што се однесува на мене како поет, мои ставови за песната, а пред сѐ за нејзиното создавање, имам вградено во манифестот „На чекор од говорот“, напишан заедно со Милош Линдро и Данило Коевски. (Коцевски беше главниот „теоретски обликувач“ и „промотор“ на мојот и Линдровиот поетски дискурс.) Мојот „придонес“ во тој манифест (многу попоетски одошто теоретски) го „извлеков“ и го објавив како „вовед“ во моето капитално дело „Генерика-Книга на изгревот и залезот“, издадено во книжен формат во1998.
Во оваа белешка само ќе потенцирам дека, кога е збор за создавањето поезија, близок (не споделувачки; значи не идентичен) ми е ставот на надреалистите: дека песната има своја индивидуална егзистенција и е независна од незиниот создател.
Песната, како и секоја друго уметничко дело, во која било уметност, се создава, се гради, се пишува-се пее свесно, та затоа никогаш не е создадена, дефитивина, завршена, „затворена“ (па и по смртта на нејзиниот автор).
Го споделувам ставот на Бранко Миљковиќ кој, изедначувајќи ги егзистенцијалното и поетичкото, вели дека песната не ја пее стварноста, туку таа-стварноста постои како нејзин дел.
Песната (или кое било друго книжевно дело) како дневна задача? Да се пишува песна/поезија секој ден?!
Можеби не баш буквално, тоа е просто невозможно зашто може да биде спречено од болест или од штогоде друго, ама зошто да не?
Се разбира, никому не може да му се наметне, ниту никој да си наметне, тоа да биде негова обврска, туку да е пред сѐ потврда и показ на неговиот творечки континуитет. Притоа, не мислам само на создавање нова песна/ново дело (што е, се разбира, невозможно, без оглед на творечката енергија, на творечкиот потенцијал), туку на секојдневна работа врз неа/ врз него. Најнапред врз сопствената (создавање, досоздавање, пресоздавање), а потоа врз онаа во која е (по)некогаш, што е дел од неговиот поетски свет.
Секојдневно (до)создавам и (пре)создавам: моето грандиозно поетско дело-поетската студија „Создател во изгревот и залезот“, песни и двостишија (песни во два стиха), роман и раскази-ескизи, писателски и попатни белешки, афоризми и други јадровизми; напоредно/едновремено објавувајќи ги (како дел од тој создавачки процес).
А зошто? Со каква замисла? Со каква цел? Самодокажување и докажување? Признавање и наградување? Одбрана на личното творечко достоинство? Градење на авторитетност? Предизвикување почит или восхит?
Можеби понешто од сето наведено, можеби сѐ, можеби друго. Но е израз/исказ најнапред на творечки порив и нескротлива творечка енергија.