45. Од младешкиот хроничарски активизам на Јас обичен смртник. Прилог објавен на блог на 10.08.2006: :
За финансирањето на политичките партии
Очигледно е дека сѐ уште не се знае или не се сака да се научи да се прави разлика помеѓу регуларност и фер и демократски избори. Всушност, нашите политичари (во многу поголем број квазиполитичари) односно врвните раководства на македонските партии (на сите без изклучок), намерно „забораваат“ дека прв услов за фер и демократска изборна битка е законското и транспарентно финансирање. Постои Закон за финансирање на партиите кој, доколку се применува стриктно, многу од постојните веднаш би згаснале, ама…
Колку за „утешение“, состојбата на овој план воопшто не е порозова во другите земји во регионот, па и пошироко. Разликата е во тоа што кај нив ниедни избори не се „клучни“, „решавачки“, „главен услов“ за доближување до ЕУ, а што е само една од главните „реквизити“ за играњето дрндупка на европските бирократи односно на ЕУ.
Три примери: Србија, Хрватска и Шведска.
Во Србија воопшто не се знае за тајкуните што стојат зад партиите, ниту има шанса некој да дознае, да исчепка нешто, па уште и да објави, да „скандализира“. Некои сметаат дека проблемот е во несоодветните одредби на Законот, па бараат нивно итно менување (ви звучи познато?), особено во делот на контролата и обезбедувањето увид на јавноста во тоа каде одат тие пари.
Се разбира, како и кај нас, и во оваа земја сите парламентарни партии тврдат дека нивните финансиски книги се чисти и оти приказните за тајкуни и моќници се секогаш поврзани со „оние другите“. Некои предупредуваат дека станува збор за стратешки интерес и оти поради тоа финансиските моќници ќе продолжат тајно односно незаконски да ги финансираат политичките партии.
Всушност, тоа е класичен пример на корупција: за донација да се бара противуслуга. Можеби „најдрастичен“ пример за тоа е вработувањето во управните одбори на јавните претпријатија и конкурирањето и добивањето на работи за јавни набавки.
Во Хрватска се бара регулирање на финансирањето на политичките партии и на нивните предизборни кампањи.
Имено, според една анкета на „Транспаренси интернешнл“, дури 89% од испитаниците се залагаат за прецизно законско регулирање на финансиските извори на партиите. За 61% од анкетираните давањето донации на политичките партии е мотивирано од очекување за противуслуга, било да е таа деловна или купување на мандати. Близу 25% сметаат дека донациите се последица на добрите односи помеѓу бизнисмените и партиските лидери или кандидати, додека само 7,6% веруваат дека донирањето средства е мотивирано од согласност со политичките програми на партиите или нивните кандидати за пратеници.
Примерот на Шведска, пак, е мошне „поучен“, всушност провокативен и „душа дава“ да се примени кај нас. Кога би се случило тоа, многу полесно ќе биде да се формира партија, не би пречело и „човек-партија“, отколку таа да се одржува, па и да се бори за освојување на власта или, пак, партиципирање во неа.
Имено, во Шведска исто така нема Закон за финансирање на партиите, но кандидатите за пратеници кои нема да ги наведат донаторите се исклучуваат од политичката трка!