53. Објава и лајк на Фејсбук
Разговор на пријател со Јас книжевник:
-Зошто толку многу објави на социјалната мрежа Фејсбук секој ден? Што ти треба тоа?
-Што знам…Многу се? Што значи многу?…Велиш „многу објави“ за да потенцираш дека имаш предвид оти не станува збор за „обични“ статуси?…Фејсбук е социјална мрежа, значи акцентот е на социјалното во сета негова комплексност-општество, живот, односи, контакти (пријателства), дружења (и конкретни-стварни и виртуелни) помеѓу луѓе…, но и простор за континуирана творечка објава. Е, мене последново ми е најпривлечно и со задоволство го прифатив.
Знаеш, јас знам дека сум еден од ретките творци (прозаист, поет, мислител-промислувач, сатиричар, афористичар…), ако не и единствен кој радо им овозможува на своите „фејсбук пријатели“ да го следат континуирано неговото творење/создавање/пишување. Тоа едновремено значи и критичко согледување односно моја „проверка“ дали сум на „вистинскиот пат“ при создавање на едно дело или „промашувам“. Од друга страна, објавувањето дела на Интернет (творечки опус кој не е само електронско издаваштво, туку и веб страница и блог и „фан страница“ на Фејсбук и…) ми е толку интензивно што не чувствувам некоја особена или голема потреба од објава во печатен-книжен формат.
-Добро, прифатливо ми е твоево образложение. А што е со лајковите?
-Што со нив?
-Ти значат?
-Не! Всушност, нив ги прифаќам само како потврда дека објавеното е забележано, прочитано, проследено, но многу ми се подраги кусите коментари. Во таа смисла и „возвраќам“ со лајк-дека сум го забележал тоа, сум благодарен на посветеното време, на вниманието. Мене ми е ептен „погодена“, дури повеќе од „обичниот“ лајк опцијата „Реакции“ односно емотиконите.
-Имаш секој ден многу лајкови…
-Што знам…Ниту ги бројам, ниту ми е тоа важно.
Не знам колку ти е познато, социјалната психологија лајкувањето веќе го третира како мошне комплексна проблематика: како форма на признание (тн. виртуелна емпатија)-значи со кликнување лајк потврдувате дека сте во комуникација; со тоа се стекнува заемно поволна социјална соработка односно социјален капитал (мрежа на социјални врски помеѓу луѓето и нивните заеднички вредности и норми на однесување); лајкот е показател на вашата личност, а не само позитивна реакција (согласност) на објавен статус односно пост или фотографија; се потенцира и неговиот психолошки фидбек (сакаме да бидеме признаени и наградени); важен е и неговиот негативен аспект-како замена за подлабоко ниво на интеракција (разговорот е потежок, бара труд, посветеност, а лајкот е само еден клик и згора е без ризик и обврска-врска без обврска).
-Наскоро ќе намалиш со објави, ќе забавиш?
-Секако! Ако ме следиш, знаеш дека едновремено, напоредно (пре)создавам повеќе дела: поетски книги-стихозбирки, поетски студии, двостишија, роман, раскази-ескизи, сатирични дела, проблесоци во мислата, афоризми. Штом ќе ги завршам…
А којзнае, може и наеднаш да ме снема на Фејсбук, напросто да исчезнам…
Ма, Фејсбуков е одличен! Можеш да следиш, да читаш објави на пријатели, да се информираш, да актуелизираш, да коментираш; можеш да не следиш, да не читаш (да сокриеш), можеш кога сакаш да ме избришеш од списокот на „фејсбук пријатели“, можеш…
-А можеш и без Фејсбук, значи и без тебе и без такви како тебе.
-Се разбира. Можеш кога ќе посакаш. Некои велат тешко, а јас мислам дека од тоа нема ништо полесно. Малку е потешко без Интернет…И јас имам свој веб сајт, можеби наскоро и оформени електронски изданија на мои дела…
Ај со здравје. Одам на Фејсбук.