57. Есеј што не е баш тоа:
Збор е за животот, не за смртта
Во восприемањето и разбирањето на модерниот роман вистинска пресвртница направи делото „Естетика на рецепцијата“ на Ханс Роберт Јаус. Особено во еднаквиот третман на чинителите на тријадата автор-дело-читател. Со оглед дека дотогаш читателот при процесот на создавањето секогаш беше трет, и тоа како константа, оттогаш станува променлива вредност.
Суштинската промена кај творецот се случува во неговата рецепција за книжевното дело воопшто, на романот конкретно, исто така како променлива вредност. Не е тоа изразито во временскиот континуитет-односот спрема него се менува од актуелност до заборавност, туку пред сè во односот спрема конкретната стварност, нејзината фрагментарност, спрема неговите структурни елементи-од амбиентот, атмосферата до носечките и епизодните ликови. И сето тоа во рамки на една композициска цврстина.
Има уште нешто суштествено, а иманентно на модерниот роман: динамичкото, дури забрзано дејствие проследено со отсечно, напати забрзано, напати зазбивано раскажување, и раскажувачки стил кој веднаш влегува во срцевината на настанот. Ако на сè тоа се додадат животноста, енергијата и уверливоста на кажувањето-ете дело, ете роман на времето, на романот-река, на романот-монтажа, на романот на случување, на романот на ликови, на генеалошкиот, романот-фреска, на просторниот, полифонискиот, цикличниот, архитектонскиот и уште какви сè не други видови романи кои го имаат заедничкиот именител модерен.
Се разбира, при читање и критичка перцепција на кој било модерен и/ или современ роман треба да се земат предвид и други, од многумина критичари и теоретичари на книжевноста веќе дефинирани „општи“ специфики:
На модерниот: психолошкото односно субјективното време, кое во стварноста трае неколку дена или часови; настани низ репродукција на свеста; внатрешен раскажувачки монолог; доминација на ликот, а не на настанот, со цел откривање на човековиот внатрешен свет; дефабулација или претпочитање на субјективното доживување на ликот; различност на раскажувачот-од субјективен во прво лице еднина до неодреден, променлив, полифон и сезнаечки во трето лице еднина; јазикот насочен кон подлабоки значења, со или без употреба на симболи (метајазик), мефатори и други стилски фигури.
На современиот или постмодерниот: делото променливо, повеќезначно; структурата сосема отворена на читателот и неговата интерпретација; приказната се гради од фрагменти и од други приказни и жанри; се спојуваат разни поранешни стилски правци; се избегнува апсолутен крај; се губат границите, приказната стои помеѓу реалното и имагинарното.
Обид за одговор на прашањето:
Имајќи ги предвид нафрлоциве за модерниот и современиот или постмодерниот роман како вовед, какви вредности содржат романите на Оливера Доневска „Битолчанка“ и „Жената со скршено крило“?
Тоа се дела што се читаат во еден здив. Затоа што се и напишани така. Со цврста композиција и динамично, забрзано дејствие. Со стил на раскажување кој не прави некакви воведи, подготовки, прилагодувања и слично, туку веднаш, со првите реченици влегува во срцевината на настанот односно животната приказна. Првата секојдневна, честа, „обична“, како дел од животна врвица на многумина „фрлени“ во „мелницата“ на животот, а втората трагична, трогателна, судбинска. Со примерена животност, нескротлива енергија, неспорна уверливост на раскажувањето.
Модерни романи? Па да, секако!
Што ни се открива уште, просто ни се наметнува при читањето на романите на Доневска?
Најнапред, дека во нив постои специфично, единствено психолошко односно субјективно време. Во „Битолчанка“ на двата главни лика- женскиот, „Јас“-прво лице еднина и „странецот“ Кристоф, сосе нивната незгаслива љубов. Во „Жената со скршено крило“ на главната, карактерно единствена, неповторлива Оља, со нејзината жестока битка за здравјето, и тоа против најтешкото заболување на денешницава-ракот, со најмоќното „оружје“-ведрината на духот, и нараторот-нејзината другарка Вера.
Времето на дејствијата трае подолго од неколку дена или часови, а всушност само еден миг, поточно моментум.
Раскажувачкиот монолог е редок и речиси незабележлив, но е неспорна доминацијата на главните ликови. Меѓутоа, не на „сметка“ на настанот, туку токму со цел откривање на нивните внатрешни светови.
Нема дефабулација наспроти субјективното доживување на ликот, туку помеѓу нив постои знак на равенство, кое би можело да се назначи и како строго воспоставен баланс помеѓу нив.
Во „Битолчанка“ раскажувачот е субјективен, во прво лице еднина, а во „Жената со скршено крило“ „двоен“ и променлив, во прво и трето лице еднина; променлив и во расположението, со големи бранувања од немерлив пораз до очај, од силна ведрина до безмерна страст, исто така и во динамиката на текот на раскажувањето.
А јазикот? А стилот?
Јазикот едноставен, „директен“, колоквијален, неоптоварен и „предметен“, односно прецизен, што ќе рече без повеќезначност, синонимност, хомонимност итн., многу повеќе одошто природниот, ако не и исклучив. Наративниот стил едноставен, но со широка амплитуда на психолошки преживеалици и конкретности.
„Битолчанка“ е роман за брзо, речиси секавично вљубување и преживување на љубовта, како дел од неподносливата леснотија на брзаницата на модерното живеење. Со два главни, „носечки“ лика Моника и Крис. Значи, љубовна непретенциозна приказна, но секако животворна.
„Жената со скршено крило“ е роман за една жестока битка за живот. Со трагична судбина на јунакињата (во буквална смисла) и, нужно е да се потенцира, со најсилното „оружје“ или лек-ведрината на духот. Притоа, исповедноста само ја засилува доживеаноста на таа битка и соживеаноста со сè што се случува.
Овој есеј што не е баш тоа, посветен на двете извонредни романескни дела на Оливера Доневска, ќе го завршам во „стилот“ на прилозите кон романот „Жената со скршено крило“, а кои имаат функција да ја потсилат трагичноста и драматичноста на мигот-моментумот („невообичаената белешка за писателот“ на ќерка ѝ и сопругот на Доневска, и другите прилози на нејзини блиски и пријатели; патем, песната „Човек без своја душа“ на Зоран Спасов- Ѕоф е мошне впечатлива). Со една моја порака до Доневска:
Драга пријателке, прости ми што не умеам да напишам подобар прилог за твоите романи од овој. Сигурен сум дека ќе се најдат многу други кои ќе умеат. Како што сум сигурен дека огромната и непроценлива ведрина на твојот дух ќе ја порази не болеста, туку смртта.