БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

61. Помеѓу стварноста и заумноста

Уште во детските години сум бил во стварноста, па во заумноста, во стварноста и во заумноста, а во игрите често помеѓу стварноста и заумноста. Како сите деца што создавале, граделе свој свет. Сум бил и, нагласувам, сум во третово доба најчесто помеѓу. Сметам дека е тоа вообичаено, поточно нужно за секој творец. Можеби за писателот пред сѐ.

Помеѓу стварноста и заумноста. Помеѓу стварниот свет во кој се најнапред егзистенцијалните прашања и проблеми, што за нетворечкиот, некреативниот дух е и смисла на суштествувањето, и заумниот кој е безграничен, загадочен, едновремено предизвикувачки. Мислам дека токму затоа што сум често помеѓу нив моето книжевно творење е мошне интензивно и, сеедно ми е дали ќе се толкува нескромно, претенциозно, во голема мера своевидно.

Во детските години моите и игрите со други деца често беа своевидни токму оти имаа смислувана содржина помеѓу стварноста и заумноста, но и со правила кои беа прилагодувани колку на егзистенцијалната борба или натпревар или надвладување, толку на слободата, безграничноста, безвременоста и своевидноста. Во зрелите години и во третово доба најчесто бев и сум помеѓу стварноста и заумноста, се разбира како творец, писател. Со други зборови, интензитетот на создавањето на моите книжевни дела во најголема мера зависи од траењето на престојот помеѓу тие два света. Ова особено се однесува на создавањето поезија. Да, тој може да се нарече творечка енергија или творечки занес, но јас попрво би го нарекол слободна, безгранична, безвремена и своевидна игра на творечкиот односно креативниот дух. Создавање како игра на дете кое создава, гради свој свет помеѓу стварноста и заумноста? Недвојбено.

Од престојот помеѓу во детските години паметам многу игри со други деца. На пример, играта со смислување зборови без значење кои испишани на парчиња хартија ги фрлавме помеѓу нас, а потоа секое дете зема три, им дава свое значење и прави реченица со додавање на сврзници и предлози. Победуваше она чија реченица никое не му ја продолжуваше со најмалку два збора, со претходно затврдени или договорени значења. Тоа најмногу зависеше од мене, па следствено во играта јас најчесто бев предводник.

За моите ближни особено интересно и едновремено несфатливо во третово доба е „исклучувањето“ кога сум помеѓу стварноста и заумноста: или ништо не дослушувам што ми зборуваат или не ги гледам кога гледам во нив. Тоа не им е прифатливо, често се лутат, дури се нервираат, но неретко е и забавно, дури комично за сите. Ме прашуваат како можам, а јас им одговарам дека создавам.

Leave the first comment