fbpx Прескокни до главната содржина

Бездомништво или ќотек! А ако сакаш парична поддршка, покажи дека си претепана до смрт!

Редакциска белешка: Истражувачката сторија на Валентина Вурмо ја објавуваме со дозвола од нашиот партнерски медиум „Лице в лице“, по повод 25 Ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените. Написот го пренесуваме во неговата изворна форма, со дополнителен уреднички контекст на Panoptikum.

Лесно е од безбедноста на сопствениот дом да се постави прашањето зошто една жена останува со човекот што ја малтретира. Многу потешко е да се одговори каде таа ќе живее утре, од што ќе ги издржува своите деца и кому ќе му се обрати кога институционалната заштита ќе се покаже недоволна.

Семејното насилство има и економска димензија за која поретко се зборува. Финансиската зависност, ограничувањето на правото на работа, нерешеното станбено прашање и недостапноста на правната помош можат да станат средства за одржување на насилниот однос. Во такви околности, одлуката за заминување подразбира неизвесност што општеството честопати ја потценува.

Истражувачката сторија на „Лице в лице“ отвора токму такво прашање – колку е реална заштитата што државата им ја нуди на жените што преживеале насилство и што се случува со нив откако ќе го напуштат насилникот?

Одговорот треба да го бараме во начинот на кој функционираат институциите, во нашите општествени навики и во подготвеноста на заедницата да создаде услови за живот во кој безбедноста нема да зависи од материјалната состојба на човекот.

Валентина Вурмо | „Лице в лице“

Во нашата држава постојат еднократни државни и општински мерки за помош на жртви на семејно насилство, но недостига долгорочна системска поддршка што ќе им овозможи безбедно да ја напуштат насилната средина и да започнат нов живот. Примерите за добиени минимални 4.000 денари парична помош од државата, или сместување во шелтер центри кои се нефункционални, не им го покажуваат светлото ниту на крајот на тунелот. Токму затоа, жртвите кои се економски зависни избираат повторно да му се вратат на насилникот, бидејќи другиот избор, кој го имаат за да избегаат од ќотекот, е улицата.

По 13 години поминати во дом исполнет со физичко и психичко насилство, едно летно утро во 2021 година, Анита од Тетово, решава „правдата“ да ја земе во свои раце. Додека спиел, со токмак го убива својот вонбрачен сопруг. По убиството, заминала самата да се пријави во полициска станица.
Претходно, на истата адреса, не добила заштита од насилството кое го пријавувала.

Ја запознав во женскиот дел на затворот „Идризово“. Ми раскажа дека постојано му се враќала на насилниот партнер бидејќи се чувствувала немоќно. Не добила заштита од институциите. Без пари и без кров на главата, не знаела каде да се засолни и да избега со нејзината ќерка.

Пред да го убие партнерот, таа пет месеци имала можност да почувствува слобода.

Но, слобода зад затворските решетки.

Тогаш била осудена бидејќи не плаќала алиментација за децата од претходниот брак. Изгледа поразително? Анита вели дека тие месеци во затворот, живеела слободно и се плашела од денот кога требало да се врати кај насилниот партнер.

Темна силуета со подигната дланка покрај извор на светлина, симбол на стравот од семејно насилство.

Времето покажа дека стравот ѝ бил реален. Насилството продолжило. Тогаш, таа со токмак в раце решила да го прекине.

– Да имам моќ и пари, би изградила дом во кој би се засолниле сите жени кои имаат насилни партнери. Тука би започнале нов живот – ми рече тогаш Анита.

Судбината на оваа 44-годишна тетовка ја делат многу жени. Со години трпат насилство, бидејќи немаат каде да одат. Оставени се сами на себе.

Не постои долгорочна системска поддршка, па им останува повторно да го одберат домот, иако таму трпат насилство. Изборот им е стеснет. Или тоа, или на улица.

Стравот да ги загубат децата е поголем од стравот од ќотек

Социјалната менторка Ирена Туфекчиева од „Паблик“, која  работи со жени кои со години трпеле насилство, го потврдува овој чест „избор“ на жртвите на насилство.

– Никоја не си оди по првиот удар. Насилството трае и трае. Но, овие жени немаат каде да одат. Најчесто, немаат пари за кирија, за сметки, за храна… – раскажува Туфекчиева.

Таа посочува пример на жена која поднела документи за развод. Ги повлекла, иако насилството кое го трпи, во случајот психичко и сексуално, сè уште не запрело.

Темна човечка силуета со подигната рака на осветлена заднина.

– Немаше поддршка од нејзините родители за да го напушти. Ѝ велеа дека мора да го зачува семејството. Сопругот ја присилуваше да ја напушти работата. Кога повторно се обиде да застане на свои нозе и да отвори бизнис, сопругот, со кој има две деца, ја условуваше со финансиска помош. За целиот тој период, психичкото и сексуалното насилство се зголемува. Овој вид насилство многу потешко се докажува од физичкото – споделува социјалната менторка.

Туфекчиева додава дека многупати, стравот дека ќе го загубат старателството врз децата, е поголем од стравот од соочувањето со ќотекот.

Над 90% од жртвите земале брзи кредити или позајмици

Инфографик за брзите кредити и позајмиците на жените жртви на семејно насилство.

Постојат неколку државни механизми кои им нудат помош на овие жени, но тие се минимални и еднократни, па речиси воопшто не им се менува безизлезната состојба во која се наоѓаат. Оваа реалност ја потврди и најновиот Извештај во сенка за Поглавје 23 на Институтот за европска политика – Скопје, според кој, над 90 отсто од жените што преживеале семејно насилство се принудени да земаат брзи кредити и позајмици за да ги пребродат првите месеци, додека државата ги остава без долгорочна поддршка за реинтеграција.

„Истражувањата ја потврдуваат длабоката економска ранливост на жртвите, каде што се нотира дека добиваат само еднократна помош од 15.000 денари без системска поддршка за реинтеграција. Отсуството на долгорочна поддршка за реинтеграција, принудува над 90% од жените жртви на семејно насилство да земаат кредити и задолжувања, за да ги преживеат првите месеци“, се наведува во извештајот.

Системските слабости што стојат зад многубројните случаи на фемицид, родово базирано и семејно насилство беа потврдени и во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за спроведувањето на Истанбулската конвенција. Ревизијата откри дека од 52 планирани активности, дури 20 воопшто не се реализирани, а 10 се само делумно спроведени.

Инфографик со наоди на Државниот завод за ревизија за спроведувањето на Истанбулската конвенција.

Ревизорите посочија и дека дел од жртвите се сместени во нефункционални станови што личат на складишта, со дотраен и распаднат мебел и инвентар натрупан во картонски кутии. Дел од шелтер центрите пак воопшто не се во функција.

Без кров над глава, но и без доволно функционални засолништа  

Согласно бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа. Воспоставени се само 67 (37%), од кои 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11 (59%), од кои 7 од ЦСР, а 4 од НВО.

Споредба на потребниот и расположливиот капацитет на засолништата и советувалиштата за жртви на насилство.

Територијалната распределба е нерамномерна. Во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно легло во шелтрите на Центрите за социјална работа (ЦСР). НВО обезбедуваат засолништа само во Скопскиот и Југоисточниот регион. Исто така, во Југоисточниот регион нема советувалиште, иако е предвидено едно. Со увид во дел од засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција.

Неопходно е да се вклучи домувањето во процесот за борба против семејното насилство, бидејќи залудно е советување, кога жртвата нема кров над глава.

Само една жртва добила 500 евра паричен надоместок

Во ова сивило, зрак светлина беше иницијативата да се донесе Закон за паричен надоместок на жртвите од кривични дела сторени со насилство, кој се применува од 25 мај 2023 година. Со него се опфатени и жртвите на семејно насилство. За законот да оживее, следната 2024 година, беше формирана Комисија за паричен надоместок, која нешто подоцна започна со работа. На прашањето колку жртви на семејно насилство досега побарале и добиле паричен надомест и колку средства досега се потрошени за оваа намена, од почетокот на примената на оваа мерка, добивме неочекуван одговор:

Инфографик за паричниот надоместок и еднократната финансиска помош за жртви на семејно насилство.

– До овој момент до Комисјата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство има поднесено 25 барања за паричен надоместок за семејно насилство, од кои за еден случај за кривично дело Тешка телесна повреда при вршење семејно насилство, Комисијата има исплатено паричен надоместок по основ на солидарна помош за претрпени последици од кривично дело со насилство во износ од 500 евра – ни одговорија од Комисијата.

На дополнителните прашања, која е причината за ваквиот резултат (само една исплатена помош), од Комисијата ни појаснија дека поголемиот дел од барањата се отфрлаат поради некомплетни документи, иако, како што појаснуваат, им се дава време да ги дополнат. Исто така, како причина за отфрлање е што се наведувале психолошки последици од насилството, а законот стриктно барал тешки телесни повреди.

Адвокатката Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници забележува дека условите за надоместокот кој го доделува Комисијата е доста ограничувачки и до него многу тешко се доаѓа.

– За да се исполнат условите за овој надомест, жртвите мора да повеле кривична постапка, а многу случаи завршуваат само во граѓанска постапка. Исто така, овој надомест им следува само кога животот им е загрозен. Жртвите остануваат без дом, затоа заштитата им е потребна, не само кога се работи за живот или смрт –  споделува Атанасова.

Атанасова додава и дека листата на документи која е потребна за да се аплицира за ваков надомест е предолга, и тоа е често комплицирано за самите жртви.

Прочитај и за ... >>  Жештината не простува: како да го препознаете топлотниот ризик пред да стане итен случај

Илустрација на женско лице со темна сенка околу едното око, симбол на психолошкото насилство.

Според законската одредба, предуслов за остварувањето на правото на паричен надоместок е, кривичното дело да е евидентирано или пријавено во полиција, или во јавното обвинителство. Олеснителна околност е што не треба да се чека исходот од судската постапка.

Од неколкуте потребни документи, треба да се достави доказ – медицинска документација, од која произлегува дека жртвата претрпела тешки телесни повреди, тешко нарушување на психичкото или на физичкото здравје. Токму поради недоволната примена во пракса и ограничените и строги услови, се подготвува иницијатива за измена на законот, со кои помошта би станала достапна за голем дел од жртвите на семејно насилство.

Еднократна помош за жртвите на семејно насилство следува и со Законот за социјална заштита. Но, дека и таа е незначителна, адвокатката Атанасова ни посочи пример, кога мајка со три деца добила само 4.000 денари. Според овој закон, до 15.000 денари се дава на жртвата во случај на потреба од итна заштита и згрижување (стан); до 12.000 ако станува збор за потреба за лекување или медицински третман. За социјален ризик каде е неопходно социјално и материјално обезбедување, следуваат до 4.500 денари.

Ниедна од жените од програмата Социјално менторство, не се врати кај насилникот

Магдалена Чадиноска Кузманоски, која е социјална менторка во „Паблик“, потенцира дека привременото станбено згрижување, особено во првите неколку месеци по напуштањето на насилната средина, може да биде пресудно за жртвата да се охрабри да излезе од насилната средина. Но, како што вели, не смее да застане само на обезбедување покрив над главата.

– Паралелно е потребно економско јакнење, вработување, психосоцијална поддршка и помош за осамостојување – вели социјалната менторка.

Минувач со чадор пред црвено-жолт мотив со сончеви зраци.

Таа истакнува дека она што е особено значајно за неа е дека од жените кои успеале да ги вработат преку оваа програма на „Паблик“, досега ниту една не се вратила во насилната средина.

– Тоа за мене е многу важен показател колку економската независност може да го промени текот на животот на една жена. Не тврдам дека вработувањето само по себе го решава проблемот. Но, кога жената има сопствен приход, кога знае дека може да се издржува себеси и своите деца, тогаш конечно има реална можност да избира. Затоа, не треба да прашуваме само зошто жената не заминува или зошто се враќа. Треба да прашаме што конкретно ѝ понудила државата за да може да замине и да не мора повторно да се врати. За жена која нема сопствен приход и покрив над главата, слободата може да биде многу скапа одлука – вели нашата соговорничка.

35% од жените жртви не ја добиваат издршката за децата

Правниот советник Стојан Мишев од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост ЕСЕ, истакнува дека според наодите од нивните анализи, жените кои претрпеле семејно насилство не се во можност да ги надоместат трошоците со кои се соочуваат токму поради насилството.

– Речиси половина од жените се соочиле со забрана да работат додека биле во насилна заедница. Третина ја изгубиле работата како резултат на семејното насилство. Честите отсуства од работа и намалената продуктивност поради претрпеното насилство, дополнително ги ограничуваат можностите за професионален развој и напредување во работата и резултираат во намалени приходи – вели Мишев.

Бела ознака на асфалт опкружена со паднати есенски лисја.

Нагласува, дека една од најприоритетните потреби по напуштањето на насилната заедница е решавањето на проблемот со домувањето.

– Речиси половина од жените што претрпеле семејно насилство се враќаат во домот на своите родителите по напуштањето на насилната заедница. Останатите комбинираат повеќе привремени решенија за домување. Ова дополнително го отежнува нивното стабилизирање и осамостојување. Од друга страна, не постои соодветна финансиска поддршка за задоволување на животните потреби во периодот на транзиција, ниту пак системско решение во однос на обезбедување на долгорочно домување за жените и нивните деца – појаснува правниот советник.

Вториот проблем, вели Мишев, е што жените имаат ограничени финансиски капацитети за решавање на правните проблеми со кои се соочуваат. Ова значи дека неповолната финансиска состојба ги спречува да поведат судски постапки и да ги решат чувствителните правни проблеми со кои се соочуваат поради насилството:

– Наодите од анализата за влијанието на судските трошоци потврдуваат дека тие претставуваат сериозна пречка за пристап до правда, особено за невработените жени и жените со ниски приходи. Трошоците за вештачење и надоместување на трошоци на спротивната страна во постапката ги обесхрабруваат жените и оневозможуваат ефективно решавање на нивните правни проблеми.

Лице во сина јакна и други минувачи на градска улица.

Третиот проблем кој го посочува Мишев, е тоа што издршката за децата е недоволна и нема ефективна наплата. Од праксата, вели Мишев, по разводот, финансискиот товар за грижата за децата главно го носат жени што претрпеле семејно насилство:

– Просечното време од напуштањето на насилната заедница до досудувањето на издршката од страна на судот изнесува 250 дена. Дополнително време поминува до нејзиното фактичко плаќање. Искуството на жените покажува дека и досудената издршка често е недоволна за задоволување на потребите на децата – заклучува нашиот соговорник и потенцира дека особено загрижува тоа што 35% од жените што претрпеле семејно насилство воопшто не ја добиваат издршката за децата.

Мишев појаснува и дека законски предвидените мерки за економско јакнење и финансиска поддршка на жените во Законот за социјална заштита, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и Активните програми и мерки за вработување, не одговараат на нивните специфични економски потреби и во голема мера остануваат неискористени. Истакнува дека е потребен државен механизам или фонд за финансиска поддршка кој ќе обезбеди средствата да бидат достапни тогаш кога им се најпотребни на жените и да одговараат на нивните реални економски потреби.

Благите казни за насилниците ги обесхрабруваат жртвите

Иако е зголемена свесноста за пријавување на овие случаи, не сите случаи на семејно насилство завршуваат на суд. За голем дел од жртвите демотивирачки се казните кои им се изрекуваат на сторителите на насилство. Според последното истражување на Коалицијата „Сите за правично судење“, од судските предмети кои ги мониторирале, поголемиот дел завршиле со условни казни за обвинетите:

„Од случаите 64% завршиле со условна казна, 25% со ефективна казна затвор, 11 % со одбивање на случајот, а нема ниту еден случај во кој има ослободителна пресуда. Ваквата ситуација укажува практично на многу поблага казнена политика отколку просечната казнена политика за оние обични кривични предмети“, се наведува во истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“.

Темна човечка силуета покрај зелено растение и осветлен прозорец.

Адвокатите се едногласни дека со благите казни, не се постигнуваат целите на казнувањето.

Сторителот чувствува дека „лесно поминал“. Не се подведува ниту на психолошки третмани и третмани за задолжително лечење од алкохол и наркотици, кои како мерки за заштита многу ретко се изрекуваат.

Многу често, сторителите го повторуваат семејното насилство.

Условна казна неодамна доби и полициски службеник од Шестата управа, кој беше член на претходницата на обезбедувањето на премиерот. Откако призна вина, Кривичниот суд го осуди на условна казна од една година и шест месеци.

Ова значи дека осудениот насилник ќе биде на слобода. Зад решетки би завршил, само доколку следниве три години, стори ново кривично дело.

Обвинителството тврдеше дека тој ја нападнал сопругата пред нивната малолетна ќерка. Ја удирал по лицето и главата и ја давел. Жртвата успеала да избега и да се засолни кај сосетката која повикала полиција.

За да може да се реагира превентивно во вакви случаи, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави радикална промена. Тој појасни дека е предвидена законска можност со која ќе биде овозможено итно отстранување на насилникот од семејниот дом на 48 часа, овој пат, по проценка на полициски службеник:

Минувач со сина торба пред излози со облека на градска улица.

– Доколку полицаецот процени дека постои сериозен ризик од насилство врз жртвата, со усна наредба ќе може да го отстрани потенцијалниот сторител од домот во времетраење од 48 часа, независно во чија сопственост е имотот – појаснува министерот, додавајќи дека потоа судот ќе може да ја продолжи мерката и во рок од 30 дена.

Оваа новина е предвидена во предложените Измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои, како што пишува во изготвениот материјал, се со цел за да се обезбеди побрза и навремена реакција на надлежните институции за заштита на жртвите.

„Согласно сознанијата од практичната примена на овој закон, се оцени потребата да се воведе брза интервенција на институциите кои постапуваат, мерките и активностите да ги преземаат така што ќе ја стават безбедноста на жртвата на прво место, ќе реагираат итно во ситуација на непосредна или сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство. Во однос на постапките за носење одлуки за итни и привремени мерки за заштита на жртвите, треба да создадат услови за поефикасно постапување, со предвидување на куси рокови за постапување. На овој начин ќе се создадат основи насилството веднаш да престане, а на жртвата да ѝ се обезбеди навремена помош, поддршка и заштита“, пишува во образложението на предложените измени.

Важно е да се нагласи дека отстранувањето на сторителот од семејниот дом не е нова законска мерка. И постојниот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство предвидува итно отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување, во времетраење од 10 до 30 дена. Разликата, овој пат, е во постапката: според актуелното законско решение, мерката ја изрекува судот на предлог на Министерството за внатрешни работи, додека со предложените измени полициски службеник ќе може веднаш, врз основа на проценка на ризикот, да нареди отстранување на сторителот во период од 48 часа, без оглед на тоа дали домот е во негова сопственост. Во рок од шест часа, МВР треба да го извести судот, кој потоа ќе одлучува дали мерката ќе продолжи, до најмногу 30 дена, или ќе биде прекината. На овој начин, предложената измена треба да овозможи побрза институционална реакција, без да се чека претходна судска одлука.

Прочитај и за ... >>  Се случи на денешен ден - 8 мај: папски избор, крај на војната и македонски траги во историјата

И покрај итноста на измените, системот никако да забрза со нивно донесување, бидејќи уште од август се во собраниска процедура.

Влада: Бараме решенија за нов почеток на жртвите

Од Владата се согласуваат дека домувањето и економската зависност се најголемите проблеми на жртвите на семејно насилство. Одговарајќи на прашање на „Лице в лице“, дали Владата има државна стратегија или план за изнаоѓање на начин за решавање на прашањето со домувањето на жртвите, на пример, да добијат поволност при добивање на државни станови под закуп, поволност при купување на стан, надомест на кирија, велат:

– Свесни сме дека за долгорочна реинтеграција се потребни и конкретни решенија за домување, економско јакнење и финансиска самостојност. Во таа насока, Министерството за социјална политика, демографија и млади работи на системски пристап кон решавањето на овој проблем. Во подготовката на Националната стратегија за превенција и заштита од родово-базирано насилство врз жените и семејно насилство, која е во нацрт верзија, прашањето на долгорочната поддршка на жртвите е дел од поширокиот пристап за унапредување на нивната заштита и реинтеграција –  одговорија од Владата.

Оттаму додаваат дека, дополнително, во Предлог-законот за социјално домување се отвора простор за системско адресирање на потребите на ранливите категории граѓани, вклучително и на жртвите на семејно насилство.

– Целта е да се создаде поодржлив пристап кон обезбедувањето безбедно и достапно домување, наместо поддршката да зависи исклучиво од можностите и буџетите на одделни општини.

Од владата наведуваат и позитивни примери на локално ниво:

– Општините Тетово, Кисела Вода и Крива Паланка, според досегашните практики, издвојуваат средства за покривање на трошоците за кирија на жртвите во ограничен временски период. Овие примери покажуваат дека локалната самоуправа може да има значајна улога во обезбедувањето непосредна поддршка, но потребно е ваквите решенија да добијат посистемска и поодржлива рамка – појаснуваат од Владата.

Истиот одговор го добивме и од ресорното министерство – Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Луѓе со чадори на градски плоштад во дождливо време.

Сите надлежни и засеганати страни се на истиот став: жените жртви не смеат да бидат оставени без покрив на главата.
Но, клучното прашање е кога овој заеднички сон ќе стане јаве?

Додека се чекаат системските решенија, растот на црната статистика не запира. Во првите 10 месеци од 2026 година, има рекордни 1.897 пријавени случаи на семејно насилство, наспроти 1.125 во 2025 година. Годинава се регистрирани и седум фемициди.

Сите надлежни и засеганати страни се на истиот став: жените жртви не смеат да бидат оставени без покрив на главата. Но, клучното прашање е кога овој заеднички сон ќе стане јаве? Додека се чекаат системските решенија, растот на црната статистика не запира. Во првите 10 месеци од 2026 година, има рекордни 1.897 пријавени случаи на семејно насилство, наспроти 1.125 во 2025 година. Годинава се регистрирани и 7 фемициди.

Фемицидите и родово заснованото насилство се посочени и како еден од главните проблеми во делот на фундаментални права во новиот извештај на ЕУ за 2026 година. Оваа година извештајот посебно го акцентира овој проблем и бројот на фемициди споредено со извештајот од 2025 година:

,,Родово базираното насилство и понатаму претставува сериозен проблем од аспект на човековите права, кој опфаќа семејно насилство, психолошко, економско и сајбер насилство, како и фемицид. Не беа преземени чекори за усогласување со правото на ЕУ (acquis) во областа на недискриминацијата и еднаквоста, вклучително и родовата еднаквост.”

Дневно, најмалку 14 жени се жртви на семејно насилство

Инфографик со статистички податоци од МВР за пријавеното семејно насилство врз жените во 2026 година.

Дневно, најмалку по 14 жени преживуваат семејно насилство, покажува статистиката на МВР, во која се вклучени кривични и прекршочни пријави, како и поплаки за семејно насилство. Поточно, од почетокот на годината до септември, биле регистрирани 1.144 жени жртви.

Од овие жени, најмалку по четири, секој ден минуваат низ вистински пекол во својот дом, со видливи и тешки последици и физичко насилство, кое се гони во кривична постапка.
Нивниот број е уште поголем, бидејќи дел од случаите никогаш не се пријавуваат.

– Во периодот од јануари до септември 2026 година регистрирани се 1.337 кривични дела за кои се пријавени вкупно 1.388 сторители на семејно насилство, од кои 1.278 се мажи и 110 жени и вкупно 1.433 жртви, од кои 289 се мажи и 1.144 се жени – ни одговорија од МВР.

Оттаму ни ја додаваат и статистиката за регистрирани прекршоци и поплаки:

– Во истиот период регистриран е 191 прекршок, за кои се пријавени вкупно 228 сторители, од кои 196 се мажи и 32 жени и вкупно 221 жртва од кои 126 се мажи и 95 жени.

Регистрирани се 3.896 поплаки за кои е пријавен вкупно 3.971 сторител од кои 3.090 се мажи и 881 жена и вкупно 3.961 жртви, од кои 1.394 се мажи и 2.567 жени, дополнуваат од МВР.

Илустрација на жена во профил со линии околу вратот, симбол на притисокот и ограничувањата во насилните партнерски односи.

Илустрација на жена со крило, симбол на обновената самостојност и закрепнувањето по насилството.

Адвокатка Стисниовска: Ранливоста на жената тргнува од нејзиното исклучување од семејното наследство

Адвокатката Катерина Котеска-Стисниовска се осврнува на традиционалните убедувања дека мажот е тој што заработува, а жената треба да седи дома и да ги чува децата и куќата. Таа споделува и дека имотот, наследство од родителите, често припаѓа на машкото дете, а жените често треба да се откажат од наследството.

Надежта, личната сила и можноста за нов почеток по семејното насилство - илустрација: Аника Цветановска за „Лице в лице“

– Поради ова, како и поради очекувањата од жената да раѓа деца, а во периодот на бременост и после раѓањето да не е во можност да работи и да остварува приход, се доаѓа до состојба дека жената е материјално и финансиски инфериорна во многу случаи. Ова директно придонесува истата да биде жртва – нагласува Котеска- Стисниовска.

Пишува: Валентина Вурмо
Фотографии: Томислав Георгиев
Илустрации: Аника Цветановска
Редактура и уредничка поддршка: Климентина Илијевски
Инфографиците се генерирани преку ВИ алатката Claude, на промпт на тимот на „Лице в лице“ и проверка од страна на уредништвото.

Оваа истражувачка сторија е изработена во рамки на Иницијативата за известување за општественото влијание (Social Impact Reporting Initiative – SIRI), наменета за поддршка на истражувачкото новинарство во Западен Балкан и Украина, која ја спроведува Women in News при WAN-IFRA, со финансиска поддршка од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Sida). Содржината и ставовите изнесени во оваа сторија се исклучива одговорност на „Лице в лице“ и на „Паблик“ и не ги одразуваат нужно ставовите на WAN-IFRA Women in News.

Правото на живот без насилство не смее да зависи од тоа дали човек има сопствен стан, заштеда, вработување или роднини подготвени да му помогнат.

Вистинската мерка за успешноста на институциите е животот на жртвата по интервенцијата: дали е безбедна, дали може самостојно да се издржува, дали нејзините деца имаат стабилност и дали повторно може да донесува одлуки за сопствениот живот.

Општеството има обврска да ја преиспита и навиката од жртвата да бара објаснување за нејзиното останување во насилната средина, наместо од сторителот да бара одговорност за насилството, а од институциите одговорност за пропустите.

Слободата од насилството е основно човеково право. Таа не смее да стане привилегија на оние што можат финансиски да си ја дозволат.


Извор: Оригиналниот напис на „Лице в лице“
Автор: Валентина Вурмо
Текстот е преземен во целост со дозвола од партнерскиот медиум „Лице в лице“.

За авторот: Горан Димитровски

Основач и извршен директор на Digital Media Creative Pro, со над 20 години искуство во дигитален маркетинг и визуелни комуникации. Специјализиран е за креирање ефикасни дигитални стратегии, проектен менаџмент и дигитализација на процеси во мали и средни компании.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.