АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 5 минути

РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ:

-Радио што ја гради, ја негува и богати личноста-индивидуалноста; нејзината постојаност, вредност и авторитет, нејзината мисла, дело, творештво;

-Радио што го забавува и едуцира слушателот;

-Постојано ги збогатува неговата севидност и знаење, времето и универзалноста на животот.

Современо-модерно: современа модерност

Воведни напомени

Современото во своето поимно значење го содржи сегашното како континуитет, но едновремено и минатото. И тоа не само со своите традиционални вредности, туку и со просторните знаци и симболи, со препознавачките елементи-карактеристики на животот, на неговата динамика.

Минатото во современото го потврдува својот тек со сите аргументи и оспорувања, со сè што оставило трага во паметењето и сегашнината. Тоа на свој начин го втемелува современото, духот на промените; поставува систем во кој сегашноста „оживува“ и продолжува со свое време, претпоставувајќи ги, најавувајќи ги промените, новата динамика и новата структурираност на светот.

Од друга страна, современото во својата сушност го вградува новото, и тоа како сè уште недоволно одредено и вреднувано во критичка, научна и естетска смисла. Станува збор за објективна условеност од временската дистанца поради комплексноста, значењето и вредносните критериуми што мора да му бидат сопоставени во третирањето како физичко-темпорална категорија.

Во тој контекст, современото е чувствување на стварноста, на „овој миг“, но и на расположбата, вкусот, стилот на човекот, на неговото достасано културно-цивилизациско ниво, на неговата економско-социјална ситуираност.

Во најширока смисла, современото во себе ги инкорпорира развојните цели и целите на политиката на микро и макро план, а пред сè на свеста за егзистенцијалната сушност.

Човекот се познава себеси и ја познава современата стварност во која живее онолку колку што успева со сопственото искуство да го селектира главното-ферментираното од минливото, ефемерното-формативното во сегашноста.

Конкретизацијата на современата стварност не е во аксиомите на минатото, туку во она што се случува, што е актуелно, дури неизбежно, сосе нејзината спонтаност, битност и универзалност. Егзистенцијалноста е во самата структура на современата стварност како рефлексија и резултат на активната присутност на современикот.

Човекот живее во и со своето време, во и со грижите и дилемите на светот, со комплексната свест за постојната состојба на нештата, со отвореноста, со подготвеноста да ги гради и надградува општествената свест и самосвеста, интелектуално-истражувачката димензија и егзактноста на мислата и промислата.

Модерното најчесто се дефинира како термин што обележува вкус, мислење и концепција на една епоха во однос на претходна или на неколку претходни. Тоа значи дека модерното не е временски и историски одредена категорија, туку е вонвременска.

Меѓутоа, ваквата назнака веќе ги губи смислата и значењето, со оглед на сеприсутноста на современото во системот на животот, на неговите вредности и минливите нешта. Со други зборови, современото на модерното му дава нова димензија: помеѓу времето сегашно и времето вчерашно, помеѓу новото и старото.

Модерното не е секогаш ново, како што не е и потврда на времето, а уште помалку пресврт односно прекршување на нешто што долго го одржува својот колоквијален континуитет или ја продолжува својата вредност како традиција; како нешто што само по себе не трпи критичка валоризација-ревалоризација. Напротив, новото се употребува во значење на најава на она што неминовно-принудено доаѓа и значи мода-модерно.

Модерното има многу поширока смисла и значење од современото. Модерното го содржи современото, но и ги антиципира идното време, идниот настан, идната состојба и идниот процес.

Современото и модерното, како термини кои содржат многу различни, но и заеднички значења и елементи, мошне поттикнувачки за човековата промисла (погоре наведените се само мал дел, доволен во нашиов контекст), иницираат нивно не само поимно разграничување, туку и обид за подведување под заеднички именител кој би можел да се прифати и во нашава расправа за радиото: современа модерност.

Синтагмата современа модерност е преземена од познатиот и мошне ценет германски теоретичар на литературата и естетичар Ханс Роберт Јаус; од неговиот темелен есеј под наслов „Книжевната традиција и современата свест за модерноста“(1), посветен на релацијата: книжевна традиција-современа свест за модерноста, односно за таканаречената „творечка“ релација: автор-дело-публика, објавен во делото „Естетика на рецепцијата“.

За нашиов разглед од особено значење се следниве ставови:

„Зборот модерност, кој треба да служи саморазбирањето на нашето време како епоха да се издвои од неговото минато, сам по себе е парадоксален, затоа што-ако погледнеме наназад на неговата традиција во книжевноста-со своето периодично враќање во текот на историјата секогаш очигледно ја демантирала претензијата што ја изразува… Дека значењето на терминот модерно е најнапред разбирливо од аспект на неговите спротивности, може да се демонстрира веќе на секојдневната употреба на терминот. Модерното овде ја означува границата помеѓу денешното и вчерашното, некогаш новото и старото; попрецизно кажано и објаснето врз примерот на модата кој во овој случај говори многу: граница помеѓу она што е новосоздадено и она што токму со тоа е исфрлено од оптек, помеѓу нешто што уште вчера било актуелно, а денес веќе застарело“.

За модерното односно модата, вкусот и публиката, ги користиме и теоретските искуства и сознанија на истакнатиот компаративист Ренато Поџоли, од неговата студија „Теорија на авангардната уметност“(2). Во неа тој, меѓу другото, укажува на потребата авангардната уметност да создава стереотипи, односно „нова“ традиција која се сфаќа „динамички, а не статички, како вредност која постојано се развива и обликува“. Притоа, за нас се поважни веќе создадените стереотипи како остварен стандард без кој се случува губење на критериумот за вредности и настанување на хаосот, па не се создава динамичка „нова“ традиција, туку рушење, деградација, деструкција на постигнатото развојно ниво. Ја имаме предвид пред сè потребата од постојано „развивање и обликување“ на вредноста (-вредностите), значи на нејзиниот (-на нивниот) контиунитет.

Став на Р. Поџоли:

„Главна карактеристика на модата е да го наметне и наеднаш да го прифати како ново правило и норма она што, само еден момент порано, било исклучок или ќуд, за повторно да го напушти откако и тоа станало обично, „сечие“…Авангардата не може и не треба да се стреми кон академијата; значи, таа треба и може да се стреми кон традицијата: која би се сфатила динамички, а не статички, како вредност која постојано се развива и обликува. Така сфатената традиција се менува со појавата на секое ново ремек-дело, на секое вредно дело: таа станува антитрадиционална традиција, сјајна комбинација на авангардната ингениозност и класичниот темперамент“.

Не може да се одбегне и мошне инспиративното гледиште на Ролан Барт за модерното:

„Новото не е мода, тоа е вредност, основа на секоја критика…За да избегаме од оттуѓувањето на сегашното општество, веќе не постои ниту едно освен средството: бегство напред. Секој странски јазик е непосредно компромитиран, а секој јазик станува стар штом се повторил. Но овластениот јазик (оној што се произведува и се шири под заштита на власта) статутарно е јазик на повторувањето. Сите официјални установи за јазик се машини за просејување. Училиштето, спортот, јавноста, масовното дело, шансоната, информацијата, повторуваат секогаш иста структура, иста смисла, често исти зборови: стереотипот е политичко дело, главна фигура на идеологијата. Од лицето, Новото е наслада (Фројд: „Кај момчето новото секогаш создава услов за наслада“). Од каде сегашната конфигурација на силите: од една страна, масовна сплесканост (врзана за повторувањето на јазикот)-сплесканост која е надвор од насладата, но не неминовно и надвор од задоволството-, и од друга (рабно, ексцентрично) повлекување спрема Новото-преплашено повлекување што би можело да оди сè до деструкција на дискурсот, обид насладата историски да се направи видлива одбиена од стереотипот“(3).

Современата модерност го одразува динамизмот на животот, на неговата постојаност и променливост, на неговиот развој.

Значи, да се биде во времето и со него, но и постојано да се настојува да се совладува, поточно да се надминува неговата просторност. Тоа би значело и почеток на друго-ново време. На тој начин или се вкрстуваат или се изедначуваат просторот и времето, па човекот од една страна успева да ја одбрани духовната рамнотежа, а од друга го поттикнува сопствениот творечки неспокој да истражува, експериментира, открива.

Ова се однесува на сите области на животот и на неговите „придружници“, конкретно и на радиото како електронски медиум. Кое, како постојан придружник, пријател и соговорник на современиот човек, не го губи својот актуалитет, а го поттикнува динамичниот развој на современоста-модерноста.

Токму таквото радио е во (епи)центарот на интересирањето во оваа студија. Тековните состојби и проблеми, пред сè она што се случуваше досега, се случува денес и најверојатно уште долго ќе се случува утре кај нас служи само како пример или илустрација односно аргумент на согледба или став.
____________________________
(1) Hans Robert Jaus: „Estetika recepcije“, „Književnost i civilizacija“, Nolit, Beograd, 1978
(2) Renato Podzoli: „Teorija avangardne umetnosti“, Književnost i civilizacija, „Nolit“, Beograd, 1975
(3) Rolan Bart: „Zadovoljstvo u tekstu“, izd. Gradina, Niš, 1975

Leave the first comment