2. 3. Слушање на радиото
На проблемот слушање на радиото му посветувам посебно внимание со оглед на неговото значење, особено во однос на дефинирањето на програмско-уредувачката политика и концепирањето на програмската шема (нејзина конкретизација).
2. 3. 1. Целна група
Најважното прашање кое бара прецизен и конзистентен одговор е:
Кому му се обраќа радиото, на која целна група?
Обраќањето како функција на радиото ја оправдува и генерира самата егзистенција во одреден радиодифузен простор. Според тоа, целната група слушатели треба да се одреди и дефинира со сета своја комплексност, уште пред да се пристапи кон поставување на развојната стратегија и концепирањето на глобалната програмско-уредувачка политика. Во спротивно, без оглед на намерата и целта што сака да се постигне, радиото останува недефинирано, безлично, конгломерат од сè и сешто. Ниту може да се определи односот помеѓу музиката и говорот, ниту структурата на говорните емисии и рубрики, ниту, пак, со радио-дизајнирањето може да се оствари негово препознавање. Уште повеќе, не е можно да се профилира кадровскиот состав што ќе го обезбеди континуитетот на рабоење на радиото, а за неговата комерцијална-маркетиншка поставеност (особено кога станува збор за приватни-независни-комерцијални радиостаници односно трговски радиодифузни друштва), за неговата егзистенција на конкурентскиот медиумски пазар не може да стане збор. Можеби токму поради неводење сметка за слушање на радиото и како тоа се обезбедува (пред сè затоа што не се поседуваат основни познавања на радиото како масмедиум), е најлесно да се „направи“ музичко радио кое не е тоа, односно да се „направи“ музичка кутија-џубокс или обичен разглас (музика и реклами).
Од друга страна, „популарноста“ на таквото „радио“ се бара во сомнителни рејтинг листи за да се привлече вниманието не на слушателскиот аудиториум, туку на евентуалните деловни партнери-коминтенти. Со оглед на неодреденоста на целната група, се инсистира на „масовната“ слушаност, на безличната „маса“ на која ѝ се додворува, дури и по цена на пласирање невкус, кич-шунд, „носталгичност“ („популарна“ музика). Токму целната група треба да биде еден од основните услови за вршење радиодифузна дејност. Техничките можности и финансиската обезбеденост се „материјален“).
Целна група на слушатели е онаа возрасна и социјална категорија на луѓе која има свои доминантни специфични потреби и интереси за едукација, информирање, забава и/или комуникација. Која не е строго детерминирана, но се препознава според „своето“ време, динамиката на живеењето и квалитетот на животот.
Се рабира, оваа моја дефиниција кореспондира со многу други на истакнати теоретичари на модерното радио, макар што можат да се посочат и поинакви. Тие, пак, суштински не се различни (со акцентирање на одделни „елементи“ на целната група), а нивната валидност не ја оспорувам.
(Интересни се, на пример, согледбите на Арнолд Хаусер во неговото дело „Социологија на уметностa(1), кој во однос на општествената структура и интересот за уметноста нагласува дека уметничкото доживување е понепосредно и поинтензивно доколку групата на публиката е помала; радиото и телевизијата ги сведува на средства за забава, безгрижност, за исполнување на слободното време; тие не го развиваат чувството на заедништво, туку, напротив, ги изолираат луѓето, а нивната каритативна функција има „уште помалку врска“ со уметничката. Од друга страна, тој како да се негира себеси кога констатира: „Публиката на механичките масовни медиуми се разликува од публиката на другите уметнички форми пред сè и според тоа што пасивно ги прифаќа изведените дела, наместо самата да ги избере. На избор ѝ се релативно малку програми, а сите се организирани според ист принцип, така што на критичкиот слушател, ако не е задоволен со нив, не му преостанува друго освен да го исклучи својот апарат (-подвл. Љ.Д.). Неговото негирање на естетиката на радиото ( и телевизијата) би можеле да го „оправдуваме“ токму со изборот на „релативно малку програми сите организирани според ист принцип“ (неразвиен, неплурален радиодифузен простор). Меѓутоа, таквиот став не ги обезвреднува дефиницијата на публиката, разликувањето на „Јас“ и „Вие“, тн. „масовна публика“ итн.)
Целните групи според возраста можат да се определат различно, имајќи предвид повеќе аспекти: биолошката и психо-физичката конституција, просторноста и „природноста“ (се мисли на процесот на стареење), структурата на однесување итн.
Биолошката и психо-физичката конституција на човекот постојано се менуваат под влијание на технолошкиот и цивилизациски развој, па следствено на тоа се поместуваат и границите помеѓу групите, односно нивната детерминација-разликување. Според тоа, овој аспект има релативна вредност во однос на другите, макар што не треба (па и не може) да се пренебрегне.
Вториот аспект, условно назначен како просторен и „природен“ (условно бидејќи е можно и попрецизно да се дефинира, имајќи ги предвид научните согледби на повеќе светски компетентни луѓе од различни области; во овој разглед ќе ги користам сознанијата и ставовите на Питер и Џин Медавар, Гинтер Андерс и Еуген Финк), има поголема валидност со оглед на можноста просторниот „елемент“ да оформи специфични групи според разликите во начинот на животот, организацијата, заедничките интереси и потреби, традицијата; „природниот“ аспект (процесот на стареење) е најчесто применлив бидејќи најлесно може да се разграничат групи со утврдување на годишни „рамки“. Меѓутоа, и просторниот и „природниот“ аспект имаат еден недостаток: при одредувањето на целните групи тешко може да се определат-дефинираат специфичните потреби за едукација, информирање и/или комуникација. Ова од причина што тие во неговата основа можат само да се претпостават односно да се „наметнат“ со влијание-примена на програмско-уредувачката политика (нејзина транспарентност) или да се преземат согледувањата-резултатите од истражувањата во развиениот медиумски свет (-на електронските медиуми).
Во делото „Наука за животот“(2), Питер и Џин Медавар, задржувајќи се, меѓу другото, на демографијата како дел од поимната рамка на модерната биологија, пишуваат:
„За да дадеме прифатлива проценка на веројатната големина на некоја идна популација ,треба да ја знаеме нејзината старосна дистрибуција, репродуктивните стапки на нејзините припадници во секоја возраст и, се разбира, стапките на смртност специфични за секоја возраст“.
Ова „општо“ место има значење за овој разглед (изземајќи ги стапките на смртност), но поврзано со теориите на стареењето и лековите за стареење. Нивниот став:
„Механизмот на една можна еволуција на стареење може да се разбере единствено во светлината на начелата што се во темелот на мерењата на стареењето”.
Истражувањата и резултатите на демографијата (процеси и движења) нудат одговори на многу прашања кои придонесуваат за дефинирање на целните групи: на бројот и просторното разместување на населението, на природните и механичките (миграционите) движења на населението и промените во демографските социо-економски и други структури (основни цели). Во тој контекст проблемите, процесите и движењата на стареењето на популацијата.
Гинтер Андерс има мошне интересни сознанија за „застареноста“ на човекот, особено на тема слушање:
„Да се слуша е да се со-слуша. Оној што, го сакал тоа или не, се наоѓа во сферата на еден одреден акустички свет и го слуша затоа што е неизводливо да не го чуе, е фатен заедно со него во мрежата на звукот која му припаѓа на овој свет. Секако: со. Како што е познато, постои еден лист со радио-програма кој како наслов, наместо лесно појмливиот повик „Слушај!“ го избрал императивот на конформизмот „Сослушај!“ Изумувањето на овој наслов беше сè друго освен обична досетка. Дотолку повеќе, изумителот на називот, било да го знаел тоа или не, го користел она што го слушнал на училиште, на училиштето на конформизмот. Во неговите задачи токму спаѓа да направи нешто да се слуша, затоа што слушањето го прави конформистичко“.
Во есејот „Застареност на стварноста-тези за симпозиум за масовните медиуми”(3), Андерс го поставува основниот проблем во врска со „масовниот вкус“ (неговите ставови и забелешки за естетиката на/во масмедиумите ќе ги инкорпорирам во разгледот на оваа тема), констатира:
„Основниот проблем се вика репродукција, а не маса. –Оној што (…) говори против таканаречениот масовен вкус, секогаш се изложува на ризикот да го оцрнат како антидемократ. Тоа важи токму во сферата на оној „благ терор“ под кој живее конформистичкото општество. Антидемократските производители на мислењето најмногу сакаат критиката на масовните медиуми да ја клеветат како аристократизам… Денешниот таканаречен „културен плурализам“, кого така радо го образложуваме социоетички, се засновува примарно во нешто друго, имено во правото на сите стоки на еднакви шанси за продажба…Оној што нагласува дека го негува „секторот култура“ (како што тоа веќе се случува во називите на извесни одделенија на радиото и телевизијата) се легитимира како варварин затоа што го негува „секторот култура“: и затоа што со тоа изолирање на секторот покажува дека претпоставува оти човечкиот живот е нешто примарно прекултурно“.
Наведените цитати од делото на Андерс се однесуваат и на други, мошне значајни прашања и проблеми на современите-модерните електронски медиуми (на пример, индивидуалното наспроти масовното слушање/гледање, вредносниот критериум, културата и култивирањето на слушателот/гледачот итн.), но во овој контекст (определувањето на целните групи) особено треба да се води сметка за „припадноста“ на одреден акустички свет. Тоа на еден начин овозможува разграничување/групирање на слушателите како индивидуи кои му подлегнуваат или не на „масовниот вкус“; му припаѓаат или не на конформистичкото општество.Тоа, пак, од своја страна може да ги надмине, да ги урне „вообичаените“ старосни граници, а што предизвикува нови дилеми и проблеми. Имено, „културниот плурализам“ (плурализмот воопшто) оформува личности-неконформисти, со сопствен критичен однос спрема стварноста и животот, со вредносен систем/изграден критериум; создава личности кои ја негираат, попрецизно ја реконструираат „застареноста“ и на човекот и на стварноста. Во таа смисла, возрасните „категории” го губат својот валидитет, а се наметнува идентификацијата на „акустичкиот свет„-акустичките светови.
Делото на Еуген Финк „Основни феномени на човечкото постоење”(4) нуди мошне темелни согледби за просторот и времето, за „објективниот простор“ и „објективното време“ (во друг контекст ќе ги наведам и неговите размисли за играта како „фундаментална црта на нашето постоење“):
„Времето обично го сметаме за своевиден медиум, во извесна мера за „поле“ во кое стварите се раширени последователно.Стварите на околниот свет се „во времето“, со тоа што траат, постојат. Таквото траење може да има карактер на наподвижен мир, но исто така на движење. Една ствар може да трае низ времето, бидејќи не се менува, туку само бидува „постара“ од време до време. Но таа во поголем дел така трае што навистина многу од тоа трае и истовремено се менува. Траењето во промената и промената на трајното е темпорален нацрт на временеската ствар (…). Збиднувањата, згодите се меѓусебно поврзани низ односи на едновременост и сукцесија. Тие темпорални односи го регулираат целокупниот објективен систем; во него постојат временски растојанија, временски оддалечувања на временските содржини едни од други-но во него нема никакво „сега“.Тоа сега не е објективна временска одредба; тоа сега е временска точка која се однесува на самата себе. Тоа сега постои, строго земајќи, само за постоењето на човекот, за постоењето кое доживува време. Човекот не е само временит, дотолку повеќе што како и другите ствари се појавува во време, едно време трае и постои во времето, туку тој е во една посебна смисла временит, бидејќи се однесува спрема времето, бидејќи е отворен спрема времето.(…) Објективното време е часовно време, време што бидува отчитано на големите движења на небеските звезди; Сонцето е небесен часовник според кој одат сите земски часовници. (…) Меѓутоа, тоа поинаку се разбира кога со него треба да биде искажана нашата доживувачка ситуација, нашето да се биде тука. Гледајќи од страна на каменот, тоа сега нема никаква смисла-ние можеме да кажеме дека тој е „сега“. Меѓутоа, тоа сега во својата структура не е изградено паралелно со овде. Тоа овде во извесна мера е точка, иако доживеана точка, или точка која се доживува самата себе.Човекот кој го доживува просторот се чувствува така речи отфрлен назад од обемноста на просторот во најтесна тегобност, во своето овде: тргнувајќи од овде тој ја доживува просторната обемност. (…)
Постоењето е секогаш исто така истовремено мое постоење. Само преку мојот живот може да дојде до подлабоко разбирање на човечкиот живот воопшто. Тоа е причина што филозофемите на големите филозофи не можат да бидат сфатени без сопствено филозофирање, без сопствено егзистенцијално свивање“.
Се повикав на делата на Арнолд Хаусер, Питер и Џин Медавар, Гинтер Андерс и Еуген Финк не толку за да ги поткрепам моите ставови и размисли за значењето на одредувањето на целната група на слушатели на радиото на современата модерност, колку да укажам на сериозноста на ова прашање и нужноста од негово темелно промислување. Поради неговата маргинализација во нашиот/македонскиот радиодифузен простор, кај нас сè уште нема ниту теоретски, ниту практични обиди за типизација на радијата. Која, пак, е веќе одамна направена и се прави во развиениот свет; постојано се збогатува со нови, како потврда на тн. позитивен елитизам (семејно радио, бизнис радио, музички радија за различни музички жанри, контактно радио итн.).
______________________________
1) Arnold Hauser: „Sociologija umjetnosti“ 2, Školska knjiga, Zagreb, 1986
2) Piter i Djin Medavar: „Nauka o životu“, Nolit, Beograd, 1986
3) Ginter Anders: „Zastarelost čoveka“, Nolit, Beograd, 1985
4) Eugen Fink: „Osnovni fenomeni ljudskog postojanja“, Nolit, Begorad, 1984