Споредба

Дребнавости на дребнав човек

Она инсистираше да го кажам и образложам мојот став за споредбите. Ја прашав зошто ѝ е тоа потребно, да не има некоја врска со нашиот однос, но не одговорив. Да не требаше како некаков одговор да ја толкувам нејзината загадочна насмевка?

Ѝ реков:

-Мислам дека вака или онака сум го изразил мојот однос спрема споредбите. Мислам пред сè на семантичките, на тропите. Не ги сакам којзнае колку, би рекол ги користам само како нужност, а тоа значи ги одбегнувам секогаш кога можам. Јас сум за директно изразување, за исказ на што-годе без никаква поинаква смисла на зборовите. Моето искуство со зборовите ми потврдува дека нивната внатрешност никогаш не ја истакнуваат докрај метафората, алегоријата, симболот или метонимијата. Воопшто не персонификацијата и хиперболата. Можеби донекаде иронијата и парадоксот.

Се замисли.

-Што мислиш?,-ја прашав.

-Ништо,-ми одговори.-Само се прашувам со што би можел да ја споредиш нашата љубов. Или сметаш дека е таа неспоредлива со ништо?

-Па е неспоредлива!,-просто извикав.

По некое време молкот меѓу нас го пресече таа:

-Би било интересно да пробаш нашава љубов да ја искажеш како парадоксална.

Ѝ одговорив:

-Нема потреба. Заедно веќе ја докажавме како таква.

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 21

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.