Кус претпладневен разговор на Теодор Вишен со непознат на разминување, во пуста слепа улица:
Непознатиот:
-Господине, каде води оваа улица?
Теодор Вишен:
-Оваа улица не води никаде. Слепа е.
Непознатиот:
-Завршува во ѕид или во некое здание?
Теодор Вишен:
-Не завршува, туку е пресечена со голема карпа, како планина. Загледајте ја и ќе ја догледате.
Непознатиот:
-Аха, разбрав. А што правиме јас и Вие во неа?
Теодор Вишен:
-Вие веројатно се обидувате да излезете од неа, да се избавите, а јас моментно стојам во место и се мислам дали да продолжам по неа или да се вратам на последната крстосница. Всушност, јас се обидувам да си одговорам на прашањето зошто е улицава слепа. И дали е одамна или од неодамна таква.
Непознатиот по неколку заеднички чекори кон големата карпа:
-Верувате дека оваа и сите слепи улици во кои има живот се направени од Бога, а за човекот да научи дека сите патишта не водат до некоја цел?
Теодор Вишен:
-Не е прашањето дали верувам или не. Јас не го негирам религиозното во верувањето, тоа го сметам за лична определба на секој човек, но мене ми е поблиска творечката енергија како создавачка и движечка сила. Слепа улица создадена од неа не е нејзино залудно трошење, туку докажување на несовладливата залудност и нејзината бесцелност.
Непознатиот:
-Го познавате Теодор Вишен?
Тоедор Вишен со рамнодушна насмевка:
-Не. Кој е тој?
Непознатиот:
-И јас не го познавам. Според она што го објавил на Интернет за Бог или Господ, како најава на скорашна целосна објава на негова збирка мисли и согледби, очигледно е мислечка личност. Ја имам таа објава на мојот мејл. Да Ви прочитам? Има неколку поврзани со слепа улица…
Теодор Вишен:
-Интересно. Не гледам никаква поврзаност на Бог или Господ со слепите улици во животот на човекот. Но…ајде да чујам.
Веќе се поминати неколку дена од средбата со непознатиот, а Теодор Вишен сè уште не може да си одговори дали мислите и согледбите што ги слушна од него се негови, сè уште незапишани во неговата „Жива мисла“. Или, пак, тој всушност беше тој, во еден миг како двојна личност во слепа улица.
Непознатиот ги прочита бавно, како да се трудеше да ја долови тежината на секој прочитан збор и интерпункциски знак:
Еднакво за Бога и во Бога: чист дух, чисто тело, чисто срце.
Со Господ во светот на сите, во сечиј свет и во светот во мене.
Бог е сегде. Тешко им на оние во кои не е.
Не барај го Господ. Тој е во тебе. Ти помага кога се бараш себеси во живиот свет.
Господ од тебе бара да му бидеш човек на човек.
Бог е вистина и љубов.
Бог те води низ животот со светлината на чесноста.
Бог е во човекот, во светот и меѓу нив.
Те води Бог во слепа улица за да ти помогне да ги откриеш во себе залудноста и бесцелноста. За да не се изгубиш во нив.
Господ да ни е напомош во сè што ни се чини невозможно.
Чиста верба во Бога? Зарем постои нечиста?!
Во неволја и секогаш со добра волја човекот е најблиску до Бога.
На човекот му требаат минливи нешта во минливо време. Не на Господ.
Со Господ ни на небо ни на земја. Туку и на него и на неа, и меѓу нив.
Со љубов непорочна најлесно и најбрзо се спознава Бог.
Бог помага и кога е човек сам со себе.
Ти не веруваш во Бога, а Бог има верба во тебе.
Во слепа улица човек најпрвин се прашува постои ли или не постои Бог. И не може да си одговори сè додека е во неа.
Господ не те одвраќа од она што сакаш да го правиш. Само ти помага да спознаеш дали е тоа добро или не.
Не прашувај други дали постои или не постои Бог. Прашај се и одговори си.
Господ е понапред од секое живо суштество и во сè нематеријално.
Со секое ново спознание човекот е поблиску до Бога.
Богатник арамија-безбожник до пропаст и без трага за паметење.
Ако си едновремено трпелев и доблесен, Бог ќе ти го покажува твојот пат низ животот.
Не се сака Бог со страст, туку со умереност и задоволство во сè што е.
Духовно единство со Бога во творештво.
Ги сакаш луѓето со творечка енергија затоа што ги чува Бог и ги води напред.
Господ е светлина за сите во слепа улица.
Живееш со соседот и соседот живее со тебе затоа што е Бог и во тебе и во него.
Човештвото верува во обединувачката сила Господова.
Бог ги штити бранителите. Никогаш освојувачите.
Човекот продолжува да го создава живиот свет создаден од Бога.
Никој не му служи на Господ оти тоа Нему не му треба. Најмалку како доказ на верба во Него.
Слепи луѓе неверници во слепа улица.
Бог му налага на .човекот да ги решава проблемите сам или со припомош на луѓе.
Не го познаваш Бога, а си создал претстава за Него зашто се стремиш да бидеш како Него.
Не го брани човекот Бога во себеси, туку Бог го брани човекот пред други.
Вистината од Бога, лагата од ѓаволот.
Со верба во Господа кон недосегнати небески височини.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 28