-Го знаеш големиот лажливец и измамник?
-Лично не. Го знам, но не сум сигурен зашто нема граници во лажењето и мамаењето. Можеби и се претставува лажно. Како таков повеќе и полесно лаже.
-Нема кој не го знае. Од најмал до најстар. Не само што е голем, туку кај нас најголем од големите. Многумина од помалите се сосем зависни од него.
–
акаш да кажеш дека му веруваат за и тие да можат да лажат и мамат?
-Велам дека он ги контролира нивните лаги и измами во секој поглед. Особено дали се корисни, дали може да ги злоупотреби за неговите големи лаги и измами. На каков било начин.
-Како се етаблира како голем лажливец и измамник? Јас мислам дека е многу поголем измамник.
-Кога е он во прашање, лажењето и измамата му се идентични…Судејќи според сето она што го излажа досега и сторените измами, можеби имаш право дека е поголем измамник одошто лажливец.
-Има друго што е мошне загрижувачко. Од една страна, тој лаже и мами без мера, дури верува во своите лаги и измами; од друга, како никој ништо да не му може, да го запре во лажењето и да го спречи во мамењето; а од трета, неговите најголеми лаги и измами се директно или индиректно поврзани со предавства и велепедавство.
-Лаже и мами само што ќе зине. Толку е голем простак и тапоумен, што ја разбрал политиката како шарена лага за наивни и глупави. Никој ништо не му може зашто очигледно им користи како таков на нашите непријатели дома и надвор, па неговите лаги и измами колку повеќе стануваат полесни за разоткривање, толку он почесто истакнува дека е „избран“ за „многу важна задача“. Најнакрај излегува дека таков им одговара и на „неговите“ и на власта.
-Зачудува што сегашната власт и по неговото паѓање од власт не се ни обидува неговите лаги и измами да ги изедначи со предавства и велепредавство на народот и државата, па да го изведе пред судот на правдата како државен и народен непријател.
-Мене, пак, најмногу од сè ме загрижува тоа што на власта како да не ѝ паѓа на ум да го принуди да го врати украденото од народот со лаги и измами. Кое како божемен успешен бизнисмен бессовесно го троши дома и надвор.
-Што ти е, човеку?! Да не очекуваш совест од голем лажливец и измамник, голем простак и тапоумен?
-А згора, има меѓу „неговите“ и такви кои го бранат. Дури го величат! -И тие исти како него. Помали од него, ама исти.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 23