Сушност

Потребно време за читање: 2 минути

Разликува две групи свои сушности: однапред предодредени, предвидливи или откриени, и кои треба допрва да се откријат, да се осознаат заедно со последиците. Нерадо зборува за нив затоа што смета дека не се најбитни во чиј било живот. Особено не за негово опстојување и траење во свет во кој владеат клишеа и стереотипи. И особено кога станува збор за туѓи.

Често повторува:

„Сè од човекот и за човекот има своја сушност. Сеедно важна ли е или сосем неважна. И никогаш не е една. Секогаш се многу на број. Тие на никаков начин не можат да се подведат под заеднички именител. Од друга страна, пак, токму бројноста му овозможува на секој човек да ја согледа смислата на самото свое постоење“.

И ова често:

„Една главна сушност, како прва и последна или како водилка? Не постои таква! Сите се или допрва ќе бидат стожерни“.

Една негова сушност во досегашниот живот им е сè повеќе позната на блиски и познајници: скитање по светот. Која нема намера да ја заврши, да ја сопре или да ја замени со некоја друга од неговите. За тоа зборува радо:

-Јас скитам по светот не за да го откривам и запознавам, не за да го знам како дел од физичката и материјалната, индивидуалната и колективната стварност, туку за да се пронајдам себеси во него како несомнено битие кое е што е каде и да е. Со други зборови, јас скитам по светот  за да го прилагодам на себеси во иста мира во која тој незапирно го прилагодува мојот карактер на себеси. Еднакво стварносно и виртуелно.

Во сушноста на моето скитање по светот е исказот на мојот немирен, во не мала мера авантуристички творечки дух. Кој со леснотија надминува какви било граници и ограничувања, а бранејќи ја пред сè својата лична слобода.  Знам дека тоа многумина не го разбираат. Знам и дека не се малку на број оние на кои тоа не им е сосем прифатливо. Но, според мене токму таа сушност од сите други егзистенцијални за животот воопшто е прва и најголема.

Признавам дека го прашав малку зајадливо:

-Да не скиташ пеш по светот?

Ми одговори со рамнодушен глас, како да не ја забележа или не ја препозна зајадливоста:

-Ма не. Тоа е детинско…Зависи од времето, снагата, нејзинатаз одмореност или премаленост, релјефот, надморската и небесната височина, од мојата расположба. Се разбира, соодветно и облечен…Небитно…

Запомни дека скитањето по светот како сушност на егзистенцијата на творечкиот дух на човекот, притоа неретко надминувајќи ја границата на универзалноста, е едновремено стварносно и виртуелно.

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 54