Изминато

Потребно време за читање: < 1 минута

Во дамнина и досега
човек до пред смрт имал
полнота на живот минат
патувајќи
низ простори и предели
во изгреви сосе залези
на гласови испомешани
со избрани зборови
за безмерна песна
без почеток во крај
што ја пее негова тишина
меѓу два замислени света
меѓу години изминати
во врвно доживување
на надежна љубов
во дамнина и досега
огон пред гаснење
сè уште жилаво се бори
да опстане
макар само уште едно
деноноќие
на човек до пред смрт
по живот жеден и гладен
што му ги грее коските
можеби снагата
да му ја возобнови
за уште некој чекор
во пустошијава
кон хоризонт кој мигум
раздвојува
негово небо и негов сон
најавувајќи нова игра
создателна.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 46