43. Иде тишина
Не ми е позната
не ми е од повторливите
не ми е знајна
во својата суштина
па затоа признавам
дека по малку ме плаши
дека може да е прва
како последна
која ќе ми совлада снага
и ќе ме обесхрабри
пред игра бесцелна
за обезумен во ништо
да траам жив
како дамна мртов
иде тишина длабока
брановита
која како од некој свет
далечен неодгатлив
да се изделила целосна
па тргнала осилено
па еве стаса навлегува
во мене
ме освојува ме роби
стравувам дека во неа
нема ни извор ни збор
ни крик
макар неми
макар како знак огнен
кој некогаш некаде
во оваа пустошија
докажува дека постојам
како последен потомок
на говор коренски.