41. Под закрила
Најпрвин под закрила
на будност од рани зори
до ничие доба
сам човек без други луѓе
ни далеку ни близу
од река понорница
или од сокриен извор
во стена која не може
да ја пробие или заобиколи
врвица што води
до длабоки и стари корени
за почин на премалено тело
сетне под закрила
на едно деноноќие
во тишина со гласови кои
со време ќе создадат зборови
за разбирање на светови
човечки
еднакви во преживувањето
на сонувана стварност
во која мракот како светлина
сосе светлината како мрак
се спротивставува на слепота
овозможувајќи опстанок
на штотуку роден живот
најсетне под закрила на љубов
непорочна единствена прва
еден човек како последен
самосвесен огнен земјен
небесен ѕвезден
се оддалечува од смрт
што го демне како ѕвер
див бездушен ранет стрвен.