Потребно време за читање: < 1 минута

36. Сегде како нигде

Човек не наоѓа сама трага
на време во кое бил дамна
како постоење вековито
сосе предци сосе потомци
меѓу пештери во стени
меѓу пустошии соседни
за да биде сегде и нигде
сегде како нигде некој
нигде како сегде што е
не наоѓа ни видлив знак
несогорлив на виделина
неизбришлив неизречлив
во корен кој издржал
преживеал
секакви стравотии
секакви недоумици
за тој да остане човек
за да биде сегде и нигде
сегде како нигде некој
нигде како сегде што е
човек не наоѓа сама трага
не наоѓа ни видлив знак
та продолжува да лунѕа
премалено
од еден до друг крај
на светови без негов
речиси безнадежен
сиот предаден на дело
без мисла и збор
сегде како нигде
да остане без него
каде било до кога било
да сведочи за непокор.