КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман

Потребно време за читање: 3 минути

Завештание

Моево претставување на Дамјан Истиноски, поточно исказ за него, кој го нарекувам роман иако нема класично дејствие и животност, ниту којзнае какво детализирање на нештата, го завршувам со изнесување на негово завештание во врска со мислечкото и книжевното творештво, еднакво и со колумнистичката дејност односно неговите поенти.

Случајно ја сретнав Зора Темелкова, Истиновата „неформална друшка“. Во пладневен час, на плоштад, седната на клупа, сама, сета во црнина. Ѝ пријдов и седнав без да ја прашам дали дозволува. Ме загледа прекорно, ме препозна, ми се насмевна и ми пружи рака за поздрав.

Не одлагав и не заобиколував:

-Знам дека Дамјан е мртов…Не се изненадив кога разбрав…Веќе бев кај него…неговата семејна гробница…Разговаравме…Не се чуваше, особено по вториот инфаркт. Не го чекаше судбоносниот, но како да знаеше дека нема да го остави во живот уште долго…Ми кажа дека е ист и во смртта како во животот…Ништо не сменил, ниту има намера…Мислам дека нешто сокри од мене, од својот најдобар пријател….Да?

Таа се замисли, некоја минута како да се колебаше, па одговори:

-Јас го посетив неколкупати…Не разговара со мене…Како да ме одбегнува…Мисма дека ме заборавил…А му ја подарив и младоста и љубовта…Животот…Не знам што да мислам…Остави завештание во врска со неговото творештво.

Се изненадив:

-Завештание?! Што му требало тоа?!…Никогаш не сме разговарале за такво нешто, не ни спомнал…Тебе ти оставил?

Зора Темелкова:

-Да, мене, ама како да не мене. Не ме ни спомнува. Напротив. Напишал „му го оставам на оној што ќе го најде под зглавјето на мојата постела, во мојата куќарка“…Нашата постела…Не верувам дека мислел оти ќе го најде некој друг…Само јас бев крај него во смртниот час…Дури, пред последниот издив ми даде знак со главата дека има нешто под зглавјето…Сеедно…Го носам со себе и не знам што да правам…Сакаш да го прочиташ?

Јас со  возбуден глас:

-Чудно…Навистина…Ни на крајот од умот не ми паднало дека можер да се очекува нешто такво од него…Секако дека сакам да го прочитам…Хм, чудно…Завештание!

Од пазувата изваде свиткан лист хартија и ми го подаде. Го отворив. Напишаното го прочитав на глас. Не знам зошто.

„Го обврзувам оној што по моментот на моето исчезнување од овоземниот живот ќе го најде моево завештание: со целокупното мое мислечко, книжевно и колумнистичко творештво да прави што сака, само не да објави ни книга ни ред од него. Тоа значи да избрише или блокира сè што сум објавил на Интернет. Ова еднакво се однесува на евентуално барање за превод и објава во странство…Јас не постоев и не постојам“.

Молчевме некое време, па јас воздивнувајќи длабоко речиси пропелтечив:

-Чудно…Просто неверојатно…Несфатливо…Што се замислувал тој? Модерен Кафка?!…Ова е глупост!…Ти во улога на Макс Брод…Уништувач на неговото творештво?!…Ова нема врска!…Невозможно е…И барањето на Кафка Брод не го исполнил…Ти во улога на последната Кафкина љубовница Дора Дијамант?!…Да го избришам и мојот избор негови колумни односно поенти во моето дело за него? Нема шанса!

Зора Темелкова успеа да ми влезе во збор:

-Не е исто како со творештвото на Кафка…Не бара уништување… Напротив…Дамјан нагласува дека поседувачот на завештаниево може со него да прави што сака, само да не се објавува…И што? Јас не сакам да правам ништо! И?…Што да правам?

Јас:

-Го знам Дамјана како голем мајтапчија, ама ваков мајтап…Што да правиш? Не знам…Навистина не знам…Што се однесува на мојот избор негови колумни, не бришам! Не доаѓа предвид! Јас сум за него Макс Брод!

Таа се поднасмеа, па со малку ведрина во гласот:

-И јас не бев и не сум за него Дора Дијамант…Ништо нема да направам со неговото творештво…За мене Дамјан постоеше и ќе постои додека сум жива…А бришењето и блокирањето…Не знам…Не можам…Веќе одбив барања на неколку издавачи да објават негово дело…Еден предложи континуирано да го објави неговото целокупно творештво, за неколку години…Ми тежи ова…Многу ми тежи…

Јас конечно, решително:

-Имам предлог! Дај ми го завештаниево, а тебе да те снема! Никој да не може да те најде…Мене никој не ме познава…Моја работа што ќе правам со него!..Јас ќе избришам и блокирам сè на Интернет…Ти давам збор дека моето дело за него нема да го објавам. Ќе го избришам…За мене Дамјан нека биде како што напишал-не постоел и не постои.

Се разделивме молчешкум. Си ветив на себеси дека никогаш повеќе нема да појдам на гобот на Дамјан Истиноски.