ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 43

Потребно време за читање: 4 минути

43. Мал есеј за независното судство како предуслов за демократска правна држава

Не треба многу стручност, ниту „општо“ знаење за функционална и ефикасна држава за да се одговори на „најпрвото од првите“ прашања: што е тоа независно судство? Дека е тоа значаен, еден од најважните елементи на современ уставно-правен систем, на поделбата-рамнотежата на власта и демократска правна држава.

Има еден познат филозоф кој мошне често се цитира кога се промислува независноста на судството. Се вика Густав Радбрух, а рекол: „Судската независност е насушен леб, вода за пиење, воздух за дишење, на секој суд, право и правда, кој се наоѓа под сводот на владењето на правото и правната држава. И затоа прашањето на независноста на судијата не е само правно прашање, тоа е прашање на општата култура на една заедница“.

Независноста на судството најмногу е загрозена од политиката , поточно од политичарите. Не од политичките партии, туку од нивните „врхушки“. Кога тоа ќе се ослободи неа, политиката „како таква“ (борба за власт која најнапред подразбира привилегии, кариеризам, позиција на владење „со“, а не „за“…) ќе стане неинтересна, непривлечна, а единствено одговорна, чиста (неизвалкана) и прогресивна.

Одамна е осознаено дека правата на граѓаните, врз кои почиваат идеите на правната држава, можат да бидат стварно обезбедени само во држава што е организирана врз начелото на законитоста. Заедно со супстанцијалните човечки права, судската независност со време и самата стана едно од основните човекови права.

Се разбира, независно судство може да има само во правна држава, а тоа претпоставува дека секоја власт во неа е ограничена и добро контролирана. Нашата реалност или практика, како и во сите други „транзитирани“ земји, покажа и докажува дека нема суд кој би можел да се спротивстави на неограничената и неконтролирана власт. Очигледно е нужно нашите политичари и од позицијата и од опозицијата да се потсетат ако заборавиле, или да научат ако не научиле дека постојат два основни принципа врз кои почива поделбата на власта: првиот е оној што говори за посебни, издвоени и независни елементи на власта, а вториот кој говори за рамнотежа помеѓу тие елементи на власта, како и контролата која меѓусебно ја вршат едни на други.

Имено, законодавната власт треба да ја формулира државната волја и да ги поставува општите-обврзувачките права, судската треба да бдее над правилната примена на законите, да толкува како едно правило може да се примени во конкретен случај и да утврдува дали се стекнале сите потребни околности за одредено правно правило да може да се примени во одреден случај. Најважниот домен на извршната власт треба да биде традиционалното дејствување на планот на заштитата на внатрешната и надворешната сигурност, на предлагањето и извршувањето на законските прописи преку министерствата и осигурување на континуирано вршење на јавните служби како важни сервиси на граѓаните, во задоволувањето на нивните секојдневни потреби.

Пред да посветиме внимание на она што претставува „конкретна слика“ на независноста на македонското судство, се чини е нужно да се потсетиме на основното значење и суштината на независноста на судската власт, како и на претпоставките и пречките за нејзино остварување.

Од „Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи“ мошне значаен е Член 6, кој гарантира дека „секој, во текот на одлучувањето за неговите граѓански права и обврски или за кривичното обвинение против него, има право на правична и јавна расправа во разумен рок пред независен и непристрасен суд, образовани врз основа на закон“. На правото на правично судење му соодветствува, меѓу другите, и обврската на судијата во вршењето на својата функција да биде независен и непристрасен, но истовремено и обврската на државата својот судски систем да го уреди така што да гарантира дека ова право ќе биде навистина и остварено. Значи, начелото на независноста и непристрасноста на судијата претставува право на граѓаните и е востановено во нивен интерес, а не во интерес на судиите (тоа за нив претставува обврска), на што често се заборава.

Бројни меѓународни конвенции и препораки воспоставија меѓународни стандарди кои им наметнуваат обврски на државите да го уредат својот судски систем така што да обезбедат на судиите да им се распоредуваат предмети независно од тоа кои се странките и какви се околностите на правните работи во постапката (право на природен судија), да одредат кои служби и работи или политички агажман се неспоиви со судиската функција, да забранат надвор од со закон предвидените случаи предметите да се одземаат од еден и да му се доделуваат за работа на друг судија, да пропишат судијата да мора да се изземе од постапување доколку постојат околности кои можат да ја доведат под сомнеж неговата непристрасност и др.

Независноста на судијата го изразува неговиот однос спрема извршната и законодавната власт и претставува нивна забрана да влијаат врз него во вршењето на судиската должност.

Судската власт ги контролира извршната и законодавната така што ја контролира законитоста на нивните акти. (Уставниот суд ги оценува уставноста и законитоста на нивните општи акти, а судовите на поединечните.) Од друга страна, одлуките на судовите не подлежат на контрола на другите две. Законодавната и извршната власт, пак, ја ограничуваат судската така што предлагаат и донесуваат закони со кои го уредуваат судскиот систем и според кои судовите судат и обезбедуваат услови за нивната работа. Со други зборови, нужно е тие да се „мешаат“ во организацијата на судската власт, но не и во нејзиното функционирање (текот на судската постапка и донесувањето одлуки). Многу поопасно е посредното влијание (со злоупотреба на дозволеното влијание), а со самото тоа што е посредно, по правило незаконито, е многу потешко да се утврди односно открие. И токму според тоа на кој легален начин државите го уредуваат својот судски систем се проценува дали во една земја судството е независно.

А како се обезбедува судската независност?

Всушност, станува збор за постоење гаранции за нејзино остварување. Прашањето се сведува на тоа дали во државата постојат и во која мера се гаранциите на судската независност. Се мисли на нормативната (уставна и законска) рамка или тн. правни гаранции. Со Уставот и законите судскиот систем треба да се уреди така што да се спречи секое недозволено влијание на законодавната и извршната власт врз вршењето на судската. Тоа пред сè се однесува на изборот на судиите, нивната одговорност и разрешување, постојаноста на нивната функција, непреместувањето, имунитетот и материјалната положба. Се имаат предвид и тн. стварни гаранции или услови-општоопштествени и економски прилики и ниво на политичка и правна култура во конкретната земја. А најсетне, стварната независност на судството ја гарантира и самата личност на судијата. Доколку тој не е независен како личност, ако е подложен на влијанија кои доаѓаат од страна, а посебно од другите две судски власти, тогаш судството нема да биде независно; без оглед на постоењето правни и стварни гаранции за тоа.

Приведените сознајнија за независното судство, кои можат да се прочитаат во секоја општа правна енциклопедија, имаат поголемо воведно и споредбено значење, отколку едукативно. И тоа во однос на некои конкретни состојби и примери-случаи во македонското судство.

Во кусата елаборација на независното судство ја потенцирав личноста на судијата како негов гарант (независен, неподложен на политички и други влијанија). Бројни случаи, пак, наметнуваат друго прашање кое на индиректен начин зборува токму за еден од можеби најважните „елементи“ на авторитетот на секоја личност, не само на судијата: чесноста. Таа јавно се „искажува“ со заклетва: судиите се колнат дека ќе судат чесно и совесно.