КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), роман, XXXV

Потребно време за читање: 11 минути

XXXV Дамјан книжевникот

Нерадо зборува за своето книжевно творештво, за неговите прозни и поетски дела. Што се однесува, пак, на вреднувањето од страна на критиката, постојано нагласува дека тоа не го интересира и не му значи ништо.

Одвреме-навреме ќе го прашам:

-Пишуваш нешто ново?

А тој ќе ми одговори:

-Јас секојдневно пишувам. И дење и ноќе. Проза, раскази, романи, сатира, секаква поезија. Наспоредно, по десет и повеќе дела едновремено. Се одморам со читање светска и македонска литература…Во последно време ми слабее видот, па читам сè помалку печатени изданија, од мојата библиотека, а сè повеќе на Интернет. Исто е и со пишувањето. Фонтот можам да го џголемувам, да го здебелувам…и така.

Ќе го допрашуивам:

-Што најново?

Тој ќе ми одговори:

-Смислувам нови поетски жанри и подолго време се измачувам со два обемни романа. Имаат необична структура. Едниот е без фабула…Нема врска.

Досега само еднаш во два-три збора мошне темпераментно ми кажа за творечката енергија. Притоа нагласувајќи дека можам слободно да запишам. Запишав:

„Одамна имам осознаено дека мојата творечка енергија е нескротлива, а творењето секој ден, некогаш и две деноноќија без престан е всушност мој постојан обид да ја скротам. Не да ја исцрпам, да ја премалам, одамна сум кренал раце од тоа, туку да ја ставам во издржливи рамки.Засега ни тоа не ми успева…Како оган е кој гори во мене и не помислува барем да потлее некое време…Творечката енергија е во творецот кога е сам со себе во своето време“.

Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин 

1. Предупредување:
Н
ародот научи да го препознава нашминканото!

Пред стартот и во текот на секоја предизборна кампања владејачките „структури“ јавно и неизоставно редат „успеси“ во досегашното владеење. Особено интензивно кога и на мали деца (без право на глас) им е јасно дека токму поради нив поразот е неизбежен. Зашто станува збор за големи, дури катастрофални неуспеси. Тоа не може да се нарече поиинаку, освен замајување на народот.

Политичката драмолетка, која на денот на изборите завршува со „народот ја зеде судбината во свои раце“, има знаци и предзнаци. На сцената се „онадените“ главни и епизодни артисти или маргиналци. Тие се борат и натаму да бидат власт, а другите-опозицијата со ветувачки проекти, дури со конкретни рокови на нивна реализација да им ја преземат. Всушност, првите се препознаваат сè потешко оти сè помалку личат на вчера и денеска. Денес, пак, стануваат сè побезлични. Имено, им паѓа шминката од нивните маски, им се топи.

Што е уште поинтересно: и главните и споредните сè повеќе го забораваат текстот напишан од некакви си маркетиншки „гуруа“ или „фабрички новинари“, па најчесто на сцената играат како претставата да е без зборови, а само со гестови, пантомимска. Дури и таа-играта им се сведува на некакви нејасни, несодржајни движења и гестови; како во грч, страв, очај, последна поразија.

А убаво, јасно, прецизно и навреме беа предупредувани и им се порачуваше  дека не бидува средување на хаос со шминкање. Или вистински, коренити, брзи реформи или…глумците ќе пеат, а и оние што не знаат ќе мораат да пропеат.

Да, токму тоа-шминкањето не беше разбрано навреме. Кандидатите за на власт и нивните политички партии никако да го сфатат сериозно. Не само што мислат, туку се и убедени дека за претставата да ја докрајчат со среќен крај се доволни нивните маски како лица. Никој од маркетиншките „гуруата“ и „фабричките новинари“ не се ни сеќава да им даде на пример ваков совет: треба конечно да си ги измијат лицата, да излезат на сцената со вистинските. Без оглед колку не им се лични и симпатични на народот и малцинствата.

Би сакал да грешам, да не сум во право, ама сè ми се чини дека, како секогаш досега, и на денот на новите избори ќе ни излезат пред очи со нови маски како лица. Направени, нашминкани со шминка отпорна на топење и разлевање. А претставата ќе ни се чини позната, само со нова сценографија, може и нова кореографија.

Тамам работа да заборавам:

Како што беше досега, како што е вообичаено, и изборната претстава, исто како предизборната, ќе се игра на отворено. Значи, фер и демократски. Освен задкулисните подготовки во режија на…

2. Еколошка главоболка

Има во животот и работата, во индивидуалното и колективното дејствување некои нешта кои, ако навреме не се направат, извршат, реализираат, ако ги одолговлекувате од кои било причини, а особено од личен или „заеднички“ интерес (со на некој друг, на некои други), може да ви се удрат од глава и да ве доведат во непријатна ситуација. Па потоа да ви пука главата од болење, а никаква таблета против главоболка да не може да ви помогне. На пример, еколошката состојба во земјава.

Колку од домашните капацитети работат според европските еко стандарди и дали се спроведуваат еколошките закони?

Најконкретно од одамна, од неодамна, денес, а секако и за утре:

Што е со десулфуризаторот на снабдувачот на горива во земјава? Работи?

Ви текнува, нели? Тоа е онаа постројка која сулфурот од течна го претвора во цврста форма и на тој начин рафинеријата не ја загадува природната околина и не ги труе граѓаните што живеат околу неа. Мене лично ми текнува на уште едно нешто: требаше да се постави некаква мониторинг мрежа, со која околните жители ќе можат да проверуваат дали количеството сулфур е во рамките на границите. Имено, околните жители бараа поголем увид во нивото на издувни гасови бидејќи подолго време се жалеа на лоша миризба и проблеми со здравјето. Се постави? Функционира? Се жалеа и на загаденост на почвата и на подземните води. Предупредуваа дека дневно се испуштаат дури 30 тони сулфур, што е стопати над максимално дозволените концентрации, па затоа побараа да се постават мерачи кои ќе алармираат при испуштање на поголеми количини. Побараа и обештетување поради континуирано загадување. Згора на сè, тие побараа рафинеријата да обезбеди технички исправна вода за пиење.

Нема никаков проблем? Нема загадување? Ако нема, нема еколошка главоболка. А и другите се придржуваат на законските обврски. Работат чисто, беспрекорно, за милина да гледаш втренчено во нивните оџаци, а ни дење ни ноќе да не видиш барем мало бело, тенко чадче.

Колку што ме држи паметењето, беше даден и рок за воведување технолошки промени во производството, односно приспособување на нов правилник за квалитет на течните горива. Со кој се пропишани повисоки стандарди за квалитетот на нафтата и нафтените деривати со намалување на присуството на сулфур, бензен и аромати.

Но, каква е еколошката слика на Македонија во моментов? Одамна алармантна! Толку алармантна што почнав лично да се загрижувам дека е предоцна за неопходна радикална промена. Мислам пред сè на здравјето на сегашните и идните поколенија:

Почва отруена со тешки метали, диви неконтролирани депонии, канцерогени материи во водотеците, помори на риби, сомнителна вода за пиење, фабрички оџаци без филтри, високи концентрации на јаглеродмоноксид и чад во воздухот.

Големите индустриски погони работат неконтролирано и безмилосно ги загадуваат почвата, воздухот и водите. Профитот е неприкосновен и нему му се жртвуваат основните животни претпоставки-квалитетна почва, чист воздух, незагадена вода и здрава храна.

Почвата во Скопје со децении се труе со тешки отровни метали-олово, цинк, бакар, кадмиум, жива и други штетни материи. Најзагадена е покрај железарницата, цементарницата, рафинеријата…Загаденоста на почвата е еден од посериозните еколошки проблеми, особено поради фактот што е потребен подолг период за да се деконтаминира земјиштето.

Состојбата на велешките деца беше првиот сериозен аларм за незавидната еколошка состојба во земјава. Како последица од штетните ефекти на работата на топилницата, во Велес се евидентирани голем број малигни заболувања, а постојано се зголемува стапката на морталитет. Велес стана парадигма за загадувањето во Македонија.

Републичкиот завод за здравствена заштита секоја година ја испитува исправноста на водите за пиење во земјава. Постојано над 44% се неисправни, со забележливо присуство на голем број бактерии.

Дека загадувањето е трајно злосторство врз здравјето на населението, потврдува и постоењето на стотици диви депонии низ целата земја. Кои никој не ги контролира. Само депонијата Дрисла работи според некакви стандарди. Најголемиот дел од ѓубрето во земјава се пали на повеќе од илјада импровизирани депонии. При палењето, во воздухот се ослободуваат канцерогени материи, а почвите на кои се наоѓаат депониите и подземните води под нив се загадуваат трајно. Неретко овие депонии се извор на храна за животните.

Според третманот на сметот, Македонија е една голема депонија. Селектирањето на отпадот, кое во светот, па и во најблиското соседство се практикува со години, кај нас е сè уште на ниво на експериментални проекти.

3. Секс, дрога и нафтен rock & roll

Потсетувам на една веќе дамнешна „лекција“ по демократија од најдемократската држава на светот. Предизборна: апсења, истраги и обвиненија не за да се „намалат“ шансите за победа на противникот, туку за да се „расчисти“ теренот на најголемите државни приходи.

Нешто што е сè уште незамисливо кај нас. Не за друго, туку само затоа што било, е и секогаш ќе биде сè „чисто и бистро“. Мислам пред сè на професионалната етика која е, нели, на највисоко можно ниво.

Скандалот кој „избувна“ и како силен земјотрес ги потресе САД содржеше битни одредници на славното мото: секс и дрога, со тоа што во „rock & „roll“-от беа вплеткани Владата и нафтата.

Имено, американски владини лица одговорни за наплата на концесии на нафтени компании за дупчење беа обвинети за кршење на професионалната етика. За некои од нив со истрага беше утврдено дека примале подароци, од вечери до влезници за концерти, голф натпревари, потоа шмркање на кокаин, опијанување, пушење на марихуана. И сето тоа на работно место! И уште плус: промискуитет, односно „сексање“ со вработени во нафтени компании на кои подоцна им доделувале дозволи.

Одделот во кој работеа обвинетите службеници (Канцеларија за управување со минерали-MMS) собира милијарди долари годишно од фирмите кои дупчат на американско тло.

Двегодишната истрага, за која беа потрошени 5,3 милиони долари, изнедри шокантни резултати. Во извештајот беше наведено дека станувало збор за „системско злоставување и промискуитет на мала група индивидуалци која не се однесувала ни малку во согласност со владините етички стандарди“. Со нагласка дека тие не само што не ја работеле својата работа, туку не ја работеле зашто буквално биле во кревет со водач(к)ите на компаниите кои требало да ги надгледуваат. Тоа беше наречено „култура на етичка пропаст“.

Мошне интересна изјава на „истражувач“:

„Вработените ни рекоа дека чувствувале оти требало да се дружат со претставниците на индустриите за да ја задржат „пазарната интелигенција“ и за да можат поефикасно да ја вршат својата работа. Немало кршење на етиката зашто со цел успешно работење морале „да се впуштаат во интеракција“ со фирмите со кои работеле и се сметаат за исклучени од важечките правила поради важноста на нивните функции“. И „дообјаснување“: „сексуалните односи со забранети лица по дефиниција не можат да значат пропишано растојание“.

Од нафтените компании кои учествувале во митото („веќе одамна“ е периодот меѓу годините 2002. и 2006.) беа спомнувани „Шеврон“, „Шел“, „Хес“ и „Гари Вилијамс Енерџи Корп“, како и 19-мина вработени во агенцијата во Денвер кои примиле прилично голем број подароци во најмалку 135 прилики. Сè проследено со „братска атмосфера“ во Денвер.

Скандалот беше само една од низата неволји кои им се случија на Службата за енергетика, а која веќе била под истрага поради нерационално располагање со приходите од концесиите и склопување на симулирани договори за вадење нафта на државни подрачја.

Нешто слично како скандалот кај нас ниту се случил, ниту има некаква шанса да се случи. Следствено, и да се открие со „доследна и принципиелна“ истрага. Не оти немаме концесионерство, напротив, туку затоа што немаме тло за дупчење и „не пиеме нафта“.

Нам некоја си ЕУ ќе ни држи лекција и ќе ни ја поставува како услов за членство во неа борбата против корупцијата, криминалот и „ти реков- ми рече“?!

Што? Како и кај нас, и во земјите-членки на ЕУ не е можно да има секс, дрога и концесионерски rock & roll? Дека професионалната етика не доаѓа ни во ни под прашање? Кој вели да? Кој вели не?

4. Бојата на западната демократија

Какви бои има западната демократија? Има ли доминатна? Веројатно е зелено-сината (САД-Европа), но не треба да се заборави и на жолтата (европските ѕвезди; се сеќавате на „Подвлечено со жолто“?). Црвената е нејзино минато, особено затоа што се смета дека е најмногу недемократска. (Таму кајшто ја има, на пример во Кина и некои латиноамерикански држави.) А портокаловата (како „премин“ од црвена во жолта)? Е, неа демократијата дефинитивно ја (из)губи.

Дали со новите светски економски трендови западната демократија полека станува доминатно сива или безлична? Ај заедно да размислиме, мислејќи само на едно „нешто“: светската хибридна војна што од ден на ден разгорува сè повеќе.

Познато е дека последната децениска Струдена војна помеѓу двете супер сили (поранешен СССР и САД) се водеше со сите раасположливи економски, политички, воени и пропагандни средства, а со цел да се порази или барем понижи проитивникот. Освен трката во вооружувањето, двете страни се натпреваруваа и во културата, науката, спортот. Таа заврши со „Перестројката“ на Горбачов, распуштањето на источниот воен сојуз-Варшавскиот договор и распаѓањето на Советскиот сојуз.

Денес светот е поинаков од вчера. Ако вчера САД беа „најдемократска земја на светот“, ја имаше демократијата во толку големо „количество“ што дури ја извезуваше, сега веќе не е тоа. Особено по големите економски и финансиски тектонски потреси во кои се покажа нејзината економска (не)моќ и (не)способност да ги издржи подолго време. Н е може ни да ги „распредели“ низ светот, да направи „светска“ рамнотежа. Особено кога е збор за нивните последици.

Несомнен „индикатор“: спомнатото губење на боите на западната демократија! Која, пак, во изминатиот повеќедецниски период многупати ја покажа својата деструкција на личен-индивидуален и колективен план (национален и меѓународен). Напоредно со тоа губење: доминација на бојата на „црното злато“ и безбојната, односно сината боја при горење. Без оглед на турбуленциите на нивната цена, директно и индиректно поврзани со залихите на нафта и гас.

А бојата на нуклеарните подморници, на новите интерконтинентални балистички ракети, на новите ракетни системи, на ракетниот штит, на биолошкото и хемиското оружје, на пандемиските зарази, на „вирусната војна“, на злоупотребата на активното вмрежување, на Интернетот, на…

Сè во природата и општествата на светот најбрзо и најлесно се препознава според доминантната боја (невозможно единствена). Која во моментов е бојата на западната демократија? Не ќе е изнијансирана.

5. Имаме ли ние демократија?

Демократија? Ја има некаде? Постои ли демократско општество или демократска држава во апсолутна или „релативно апсолутна“ смисла? Која е разликата помеѓу „помалку“ и „повеќе“ демократија“? Можно ли е да биде „доволна“?

Прашањава се само дел од многуте кои одвреме-навреме, а особено во оваа наша „современа модерност“ си ги поставуваме или, поточно, просто сами ни се наметнуваат. Кои постојано ги промислуваме и на кои постојано бараме одговор.

Од сајтот на ООН на Интернет:

„…демократијата е процес кој може да се оствари само со полно учество на меѓународната заедница, владите, граѓанското општество и поединците“.

Од Резолуција на Генералното собрание на светската организација:

„…демократијата е универзална вредност, заснована на слободната волја на народите да го одредат својот политички, економски, културен и општествен систем и во целост да учествуваат во сите аспекти на животот…Демократијата има заеднички обележја во сите делови на светот, но ниту една земја или регион не полага исклучиво право на неа“.

Потсетување на она што се знае за демократијата, а одвреме-навреме, во време-невреме се подзаборава или заборава:

Според дефиницијата во енциклопедиите и лексиконите, демократијата е власт на народот, каде што врховната моќ му е дадена на народот и се извршува непосредно преку него или преку негови избрани претставници. И тоа во услови на слободен изборен систем.

Најчесто се цитира дефиницијата на американскиот претседател Абрахам Линколн, имено дека демократијата е „власт на народот, од народот и за народот“.

Иако често се користат како синоними, постои суштинска разлика меѓу демократијата и слободата: демократијата е збир на идеи и принципи за слободата, но и збир на практични акти и процедури коишто се формирале во текот на историјата. Со други зборови, демократијата е инстутиционализација на слободата.

Интересна констатација на Честер Е. Фин, професор по педагогија и јавна политика на Вандербиловиот универзитет и директор на мрежата Educational Excellence Network:

„Може да се прифати како несомнен фактот дека луѓето повеќе ја сакаат слободата од угнетувањето. Но, тоа не е исто како да кажеш дека може да се очекува демократскиот политички систем сам да се воспостави и да се одржува. Напротив, идејата за демократијата е трајна, но практиката е несигурна“.

Со право се вели дека демократијата мора да се знае и постојано да се учи незнаеното за неа. На пример, мора да се знаат и постојано да се бранат нејзините столбови (од авторитарните водачи и тоталитарните режими): сувереност на народот; власт заснована на согласност на владејаните; владеење на мнозинството; права на малцинствата; гаранции за основните човекови права; слободни и праведни избори; еднаквост пред законот; соодветна законска постапка; уставни ограничувања на власта; општествен, економски и политички плурализам; вредности на толеранција, прагматизам, соработка и компромис.

И во ова наше демократско време е нужно да се потенцира дека демократијата е нешто повеќе од обичен збир на уставни прописи и процедури кои определуваат како функционира власта. Таа, пак, е само еден елемент во општественото ткиво на голем број разновидни институции, политички партии, организации и здруженија. Тоа се нарекува плурализам. Во демократското општество функционираат илјадници организации од приватниот сектор, невладини организации, некои локални, некои на ниво на целата земја. Голем број од нив играат улога на посредник меѓу поединците и комплексните општествени и државни институции, чиј дел се самите; пополнувајќи ги улогите што не ѝ се дадени на државата и давајќи им можност на поединците да ги остваруваат своите права и одговорности како граѓани на демократско општество. Тие на различни начини ги застапуваа интересите на своите членови-поддржуваат кандидати за јавни функции, расправаат за разни прашања, се обидуваат да влијаат врз политичките одлуки. Преку нив поединците имаат можност да учествуваат и во власта и во своите заедници.

Во демократијата моќта на власта е со закон јасно дефинирана и прецизно ограничена. Во приватните сфери на демократското општество граѓаните ги истражуваат можностите на слободата и одговорностите на самоуправата.

Се изделуваат 7 клучни зборови за демократијата:

-слобода (историјата на слободата е историја на отпорот; историјата на слободата е историја на ограничување на моќта на владетелите, вели еден историчар);

-правда („Секој човек поседува неповредливост која е заснована на правда“, вели Џон Ролс);

-јавност („Кога би морал да решавам дали е подобро да се има влада без весници или весници без влада, ниту еден момент не би се двоумел да го изберам второво“, рекол Томас Џеферсон);

-одговорност („Кој е против политиката, всушност е за политиката која се спроведува врз него“, мисли Бертолд Брехт);

-интегративност („Секој да се смета како еден, а никој да не се смета како повеќе од еден“, напишал англискиот теоретичар на правото Џереми Бентам во својот напад врз аристократскиот став дека животите на некои луѓе се повредни од други);

-плурализам (Махатма Ганди рекол: „Под поимот демократија јас подразбирам еднакви шанси, како за најслабиот, така и за најсилниот“);

-рамноправност: еден атински граѓанин во една од драмите на Еврипид, пред речиси 2500 години, вели: „На богатството ние не му даваме никаква посебна моќ; гласот на сиромавиот има авторитет“).

„Демократија е да си: слободен, одговорен, рамноправен, интегриран; и да имаш осет за плурализам, за јавност, за правда. (Преземено од „Школа за демократија“- http://www.demokratija.org.mk/).

Да, сето тоа и уште многу други неспомнати нешта во овој прилог се дел од демократијата.

Најважно од сè: демократија никогаш доволно!