13. Оти било
Било според трагите во стениве
камењава и запустенава земја
во овој простор
со време некогашно и сегашно
а и според знаците и гласовите
во расфрланиве соголени коски
на сите страни на свеста
на ветер на сонце на месечина
со ѕвезди
со облачни со ведри неба
било според писмото древно
сè уште недоодгатнато мислено
создавачко непорекливо
од свет на непризнаени дела
на првородна цивилизација
а и според сонот за живот
во рожбена песна преполна
ведрост тржественост
дека во ниедно жизнено срце
ниту угаснало ниту ќе угаснат
оган сосе домашно огниште
на распаќе на ветромет
оти било како да не било
како веќе да нема да биде
човек стамен достоен доблесен
макар сам макар единствен
во овој простор
со време некогашно и сегашно
кој ќе продолжи на само нему
догледлив пат до последна цел
по која никој не ќе може
да го порази рамновесјето
меѓу природата и слободата.