КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXIV, роман

Потребно време за читање: 11 минути

XXIV

Самотата како слобода

Го прочитав на Интернет неговиот роман „Многу љубови во брз живот“. Не ме прашал досега, но ако ме праша не знам дали ќе му кажам дека не ми се допадна. Има многу недоследности, во приказната секогаш не успева сосем да ги измеша фикцијата и факцијата, а неретко дури ги изедначува. Тоа е особено забележливо кога се обидува да ги разграничи, па би рекол дека стануваат два сосема различни и паралелни света. Недоследен е и стилски, особено меѓу долгите и кусите реченици при употребата и изоставувањето на интерпункциските знаци. Не е секогаш успешно ни претопувањата на минатото несвршено и сегашното време.  Не ме прашал досега, но ако ме праша веројатно би му препорачал да се наврати на него и некои поглавја да преработи.

Зошто не би му одговорил ако ме праша? Зошто би се воздржал? Просто затоа што добро го научив Дамјан како писател. Толку е самокритичен, што ако се согласи со моето мислење веднаш ќе се нафати да го преработи целосно или да го избрише. Често нагласува дека најголемата предност на објавата на дела на Интернет, на пример во однос на хартиената форма, е што може во секое време да поправа, преправа, доправа и само со притискање на компјутерската тастатура да избрише, да уништи; како создаденото да не постоело, како никогаш да не го напишал. Што и за мене, се разбира, е посебна тема за опстојна дискусија.

Како да е, во „Многу љубови во брз живот“, поточно во животната приказна на Галена некако само по себе ми се наметна овој дел од пред крајот на животот на Лина, Дамјановата мајка:

„Откако се омажи за Методиј, Галена имаше неколку мажи, но со ниеден не истраја повеќе од едно годишно доба. Исто за време на живеачката со него и по неа. Го изневеруваше? Според неа не, никако! Другите мажи ѝ беа како попатни епизоди, безначајни авантури, како игри на страстен секс. А според Методиј тие беа само „доказ на нејзината загадочна убавина и стројното тело“. Да, тој ги знаеше сите нејзини мажи, не се преправаше дека не знае. Стоеше настражна сè додека ѝ траеше врската, а потоа, во времето меѓу една и друга на нејзиното „Да знаеш дека не те изневерив. Знаеш дека само тебе те сакам“, ѝ одговараше кусо „Знам и не се сомневам“.

Некои врски ѝ траеја подолго. Најдолгата речиси годин дена. Некои многу кусо, ден-два или само ден или само ноќ. Најдолгата со Силјан, десет ипол месеци.

Силјан беше средовечен стасит маж. Човек не би му дал повеќе од четириесет и пет-шест години. Вдовец, татко на две големи ќерки, на седумнаесет и деветнаесет години, од брак со верна и болешлива домаќинка, смртно прегазена на крстосница, на пешачки премин, со мотор што го возел млад дрогиран моторџија. Ќерките не ја одобруваа неговата врска со Галена и тие беа главна причина за раскинот, за неприфаќањето на од него понудениот брак; се разбира, со претходен судски развод со Методиј.

По завршувањето на врската со Силјан, сексуалните врски на Галена станаа уште покуси и позачестени. Ни самата на себеси не можеше да си објасни зошто. Можеби зашто имаше љубов со Силјан, дури посилна од со Методиј? Можеби. Или затоа што единствено со него имаше рожба, машко, до смрт таена од Методиј? Најверојатно. Таа тајна најмногу придонесе за нејзината ненадејна смрт од срцев удар? Рожбата, пак, нејзиниот син Богатин, израснат во дом за деца без родителска грижа, ниту знае, ниту сака да дознае. Баш поради нејзините многубројни мажи? Многу веројатно. Тој, веќе семеен човек, оженет, со два сина и ќерка, добро ситуиран и виден книжевник, најмалку два-три пати во годината ја посетува семејната гробница на Градските гробишта. Да, ја смета за своја, семејна, и им пали свеќи на Методиј и неговите предци. На Методиј најмногу за неговата блага дуиша и големото и чисто срце. Знае каде е погребана Галена, во семејна гробница на Силјан, но не оди да ѝ запали свеќа. Зошто? Ја осудува? Не ја признава како мајка, а ни Силјана како татко? Тоа најпрвин“.

Дамјан Истиноски ми вели дека сум можел да изберам друг пасус. На пример за брзиот живот на Галена и чувстото на самотност на Методиј. Или за наспоредниот живот на Галена со Методиј и Силјан. Според него, целото дејствие на романот е сублимирано во поглавјето за самотата како лична слобода на Богатин. Ама нејсе.

Не го оставив да ја заврши нашава средба со забелешката за мојот избор:

-Како дозна дека Лина ти е мајка?

Дамјан:

-Зошто ти е важно тоа?

Јас:

-Мислам дека е важно во врска со самотата и твоето формирање како мислечка и творечка личност, па и како влијателен колумнист…

Ме прекинува со насмевка:

-Да, да, и посредно и непосредно. Нели?

Потврдувам со кимање на главата.

Тој замислено:

-Лина беше преубава. Признавам дека не успеав, ама уште немам доволно зборови да ја опишам нејзината убавина во романот. Затоа и не се обидувам детално да ја опишам убавината на Галена…

Лина ме посетуваше во домот сè додека не пораснав, не созреав, не почнав да се осамостојувам, да заработувам сам за живот. Ретко, два-три пати годишно. Скриено. Ми ја претставуваа како моја далечна роднина, втора братучетка на моја мајка почината при моето раѓање. Живее далеку, па не може да ме посетува почесто.

Еднаш спречи да ме посвои млад брачен пар. Направи драма при моето излегување од домот. Парот го убеди дека станува збор за голема грешка. Не сум за посвојување зашто таа се грижи за мене во името на моите родители кои немаат материјални можности да ме одгледуваат. Имав тринаесет години.

На средбите Лина најмногу ми зборуваше за самотата како слобода. Ја поврзуваше како таква со играта и авантурата наспроти љубовта, но и со празнотијата во човечкото срце. Притоа, и играта и авантурата и љубовта како преживеано минато. Од каде знам за нејзините љубови и страсти, за нејзините мажи? Знаењето на Методиј за Галена и дознавањето на Богатин во романот е пред семејната гробница, на последниот погреб на негов роднина жив, братучедот Гроздан. При погребувањето на Андреј, синот единец на брат ми, ми пријде една стара жена сета во црнина, накај седумдесет. Исправена, стамена, со лице без брчки. Ми се претстави како Евдокија Смирноска, од родот на дедо ми Славе. Рече дека знае за мене. Досега немала можност да ме запознае. Живее самотно во друг град. Кога ѝ реков дека и јас живеам самотно слободен, таа воздивна длабоко и рече дека тоа на Смирноски им е предодредена судбина. Тоа ме збуни. Ѝ реков дека никој во гробницата не живеел сам и најмногу затоа е семејна. Таа ме погледна продорно и кратко дорече:

„Мајка ти Лина го мина животот брзо и самотно, со многу љубови. Но слободна. Внимателно погледај ги и добро промисли ги годините на раѓање и умирање во семејнава гробница…Знаеш дека ти си последен и ќе бидеш во неа, со нив…кога ќе ти дојде редот“.

Ми дораскажа за мајка ми нешто што не го вградив во романот:

Татко ми Методиј ја сакал многу, а таа постојано се обвинувала себеси дека не му возвраќа еднакво, во сè. Значи, и љубов и брачен живот. Всушност, за неа бил неподнослив товарот на невзаемност. Заедно со невзаемноста и неважност и неволност, и неверност и невредност. Сето тоа кон и за самота како слобода? Можеби, но секако заедно со вина, со конкретни самообвинувања.

Ми го дораскажа за мајка ми Лина и ова: сè до пред умирачката мислела дека има за што да живее, но не живеела вистински. Барала, а не знаела што, се надевала, а сè клучно и пресвртно што одлучила било залудно. Јас сум бил нејзина најголема грешка.  

Од колумните (поентите)      
на Дамјан од Истин        

1. Во заштита на македонскиот јазик

Откако станавме и сè повеќе стануваме свесни за сериозното загрозување на нашиот идентитет (веќе збришан?!) , некои актуелни и акутни прашања, непосредно поврзани со него како сами да почнаа да се наметнуваат. Иако се такви од многу одамна, со децении наназад.

Едно од најакутните (за актуелноста не треба да се трошат зборови), ако не и најакутно, е секако одбраната на македонскиот јазик. Намерно не го употребив зборот од насловот на прилогов („заштита“), затоа што сметам дека сме сè уште прилично „комотни“, „толерантни“ во однос на сè она што му се прави, а уште повеќе сами му правиме на сопствениот, мајчиниот јазик. На пример, дали знаеме дека имаме Закон за заштита на јазикот и колку го применуваме?

Прилично „благо“ и „наивно“ ми звучат прашањава:

„Како да се подобри употребата на македонскиот јазик во наставата и во секојдневниот живот?“ и „Дали е тоа задача на факултетите или, пак, на државните институции?“

Став како предупредување: треба насекаде да се негува културата на убаво говорење, да се внимава како се употребува јазикот, каде се греши и заедно со јазичните стручњаци да се научи правилната употреба на македонскиот јазик; притоа е мошне важен статусот или поставеноста, важноста на македонскиот јазик како еден од сегментите на ова наше современо живеење.

На Генералната конференција во 1999. година УНЕСКО го прогласи 21. февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик, а во 2000. е прпомовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам. На 26. септември се одбележува и Денот на европските јазици. (Во 1998. година стапи на сила Европската повелба за заштита на регионалните и малцинските јазици со која се потенцира лингвистичката разновидност и повеќејазичноста.)

Статистичките податоци велат дека во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и австралискиот континент. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување. Околу 200 земји се наоѓаат пред предизвикот да ги сочуваат „малите” јазици и да се погрижат тие да се употребуваат заедно со светските.

2. Со силата на аргументот, а не со аргументот на силата

Да, станува збор за одамна осознаена и развивана-практицирана суштина на демократијата која е повеќе од очигледно дека свесно и намерно се заборава, дури се напушта, дури се исклучува. Затоа што не „соодветствува“ на денешната стварност?!

Аргументот на силата се применува мошне успешно не со „втерување“ страв во коски, туку со предупредување, всушност „добронамерно убедување“. Притоа најмногу се користи економската соработка, а во „заднина“ е дипломатијата. Се разбира, како во сè друго, особено во политиката тоа е последното нешто што ќе го признаат политичарите, дипломатите, државниците.

Вообичаено:

„Не чувствуваме притисок од никаде. Имаме многу јасна, искрена и отворена политика. Сакаме компромис, сакаме да се најде решение, но ако не се најде, поради евидентна одговорност на другата страна, тогаш…“.

Со други зборови, постои интензивен интерес за решавање на проблемот, се разгледуваат сите можности, но има сериозни проблеми…Значи, има две позиции, а подобрата ќе го реши проблемот. Двете страни сакаат решение, па ќе се бараат нови идеи. Вообичаено, на крајот, за аргументот на силата да „изгледа“ колку може повеќе сила на агументот, се потенцира нужноста од конструктивност, соработка, партнерство…

Секогаш актуелна интегрирачка сила на аргументот поврзана со опстанокот и напредокот на државата и општеството: исполнување на прифатени-преземени обврски, ефикасно законодавство, реформа на судството, на јавната администрација, подобрување на бизнис климата…

Една интересна синтагма за аргументот на силата во дипломатијата заслужува посебно внимание: „булдожер дипломатија“. Која воопшто не е дипломатска. Јас засега само ќе ѝ ја спротивставам познатата и во минатото и сегашноста широко применуваната „дипломатија во ракавици“.

3. Би било смешно да не е трагично или трагикомично

Констатацијата во насловов сè почесто ја слушаме и читаме од промислувачите и аналитичарите на нашите севкупни состојби, особено економските.

На и за многу нешта навистина ни преостанува единствено да се смееме, ама бидејќи не ни е до смеење, а не сме се научиле на плачење (без оглед на „болките“), почесто сме трагични (за жалење) или трагикомични (како кловнови во циркуска арена). Ние, а не состојбите. Од проста причина што не сме и не можеме да бидеме рамнодушни, па констатацијата е всушност наша индивидуална и колективна реакција.

Дали навистина состојбиве се толку трагични или трагикомични што веќе не ни се смешни, па ниту ние му се покажуваме такви на светот?

Одговорот би бил смешен да не е трагичен: Да! Ем состојбиве, ем оние што ни ги прикажуваат „по нивно“. Кога ги имам на ум „нив“, ќе морам да се корегирам: „тие“ се многу потрагични односно трагикомични, отколку што се смешни. „Ним“ одамна им се смеевме, но во меѓувреме разбравме, дознавме, дека се такви „по природа и општество“; демек непоправливи, па затоа веќе меѓу нас и во нас не предизвикуваат ниту смеење, ниту плачење, туку само трагично или трагикомично „(не)расположение“.

Шегата настрана, овојпат ќе посочам само на три нешта кои станаа „дежурна тема“, а „тие“ (сè уште се прашувате кои?) мислат дека можат да ни ги прикажуваат „мртви ладни“. И нам и на светот.

Најнапред, за продавањето „успешна приказна“:

Прашање прво: ако ја продаваат, ред е да кажат каква е досегашната продажба, колку се заработило со (од) неа и каде одат парите (во која ставка од државниот Буџет). Ако не продале ниту еден „примерок“, под итно да се преиспитаме продажбата. Па ако се покаже и докаже дека не знаат да продаваат, да ги смениме и на нивно место да поставиме стручни, способни и компетентни продавачи. Ако, пак, успеале да продадат барем неколку, да видиме каде „чкрипи“ продажбата, поради што таа не е „помасовна“, и „во ôд“ да ја поправиме со заеднички сили. Можеби има проблеми со „производот“-„приказната“, особено нејзината „успешност“? А да не е во прашање конкуренцијата во регионов и пошироко?

Во секој случај, „продавањето“ на Македонија како „успешна приказна“ без никаква дилема одамна беше смешно, а веќе стана трагично или, поблаго речено, трагикомично. Следствено, и „продавачите“ се такви зашто не можат да бидат инакви.

Од друга страна, ако е во прашање „симболично продавање“ (без пари), поточно „подарување“-бесплатно им ја раскажуваат на оние што се уште имаат трпение да ја слушнат (ако има такви, бидејќи одамна им е позната во сите детали), тогаш, за трагичноста односно трагикомичноста повторно да се врати во фазата на смешното, „раскажувачите“ би требало да сфатат дека нешто под итно мораат да сменат во нејзината содржина. Најдобро би било на нејзиниот почеток.

Предлагам ваков почеток:

„Македонија како библиска земја, со култура и традиција што се длабоко втемелени во развојот на светската цивилизација (писмо, уметност итн.), со извонредни стручни и интелектуални капацитети…“.

А кога ќе се дојде до содржината за моментните состојби, нека ја понудат приказната во повеќе алтернативи и перспективи, па белким на тие што ја слушаат ќе им прозвучи нешто од нив како реално прифатливо. Што се однесува на крајот…најдобро ќе биде да го остават за крај. За барем тој на крајот да биде смешен или трагикомичен, а не трагичен. Сосе „раскажувачите“.

Второто нешто се однесува на Македонија како „привлечна дестинација за странски инвестиции“, попрецизно со добар, солиден, перспективен бизнис амбиент.

Сосема накусо: ваквата „порака“, поточно „покана“ за инвестирање би била смешна да не е трагична од проста причина што токму тие на кои им се упатува (странците) бараат во Македонија да се создаде поволен бизнис амбиент ако сакаме да дојдат со „спасоносните“ инвестиции. Би било смешно односно трагикомично да не е трагично, ако на ваквата порака-покана не се возвраќа со податокот дека во однос на странските инвестиции нашава држава е последна или помеѓу последните во регионот, Европа и светот. Кој да инвестира во корумпирана бизнис-дестинација?

Лично мислам дека ќе ни биде многу полесно ако во меѓувреме научиме барем да се смееме на трагичното. Зашто ова што се прави со нашава државичка и што ни прават нам како на нејзини почитувани граѓани (?!) не е веќе ниту трагикомично. Сè повеќе е апсурдно и ступидно.

4. Политички (пре)групирања

Вообичаено, во едно демократско плурално општество пред секои избори почнуваат политичките (пре)групирања кои не ретко прераснуваат во политички турбуленции во буквалната смисла на зборот. Тие се случуваат како „предигра“, а е вообичаено групирањето најпрвин да започнува во опозицијата. Можеби е поточно тоа да се нарече здружување за „окрупнување“. Процесот е сосема нормален и очекуван.

Сакам да укажам на нешто кое како негативна „последица“ веќе се случува и допрва ќе се случува на македонската политичка сцена. Имено, според многумина политички аналитичари станува неможна појавата на нов политички субјект кој во најмала мера рамноправно ќе им конкурира на големите коалиции. На пример, се сеќаваме на еуфоричното појавување, омасовување и успех на ДА. Се разбира, конкуренцијата претпоставува алтернативност (во тоа е нејзината суштина), што значи дека на македонската политичка сцена во догледно време не е можна алтернатива. Но, од друга страна бројни политиколози, политичари, аналитичари и колумнисти укажуваат токму на нужноста од нов политички субјект кој ќе понуди нова политичка платформа-програма; дури и нов начин и стил на политичко дејствување. Притоа, најчесто се посочува на тн. „граѓанска опција“.

Политичките групирања, прегрупирањата и турбуленциите допрва ќе се случуваат на македонската политичка сцена.

5. Независни медиуми

Независноста на медиумите е една од тн. „дежурни теми“ поради едноставна причина: претставува мошне голем проблем, а е еден од столбовите на демократијата. Па ако медиумската независност кај нас е „дискутабилна“, тоа значи дека во не мала мера е проблематичен натамошниот развој на демократијата.

Независноста во која било област на нашето севкупно живеење не постои, освен ако не ја изедначиме со објективноста. Па, колку сме објективни, како граѓани, активисти (партиски, невладини итн.), интелектуалци, во третирањето на секојдневните прашања и проблеми? На пример, во критикувањето на власта? Ова е круцијалното прашање кое секој од нас барем одвреме-навреме би требало да си го поставува. Притоа, секогаш треба да се има предвид дека независноста односно објективноста е условена најмногу од знаењето, стручноста, способноста и искуството. Така е во развиениот свет, со одамна поставени критериуми и „правила на игра“, со изграден и постојано-континуирано надградуван систем на вредности.

Како е кај нас?

Кога станува збор за независноста на медиумите, укажувам на нешто што или не се акцентира доволно или воопшто не се спомнува. Имено, кај нас медиумите се зависни, без исклучок, најмногу поради материјално-финансиската зависност. Се разбира, ја имам предвид пред сè политичката- партиската зависност која е и најзагрозувачка кога е збор за демократијата, а се реализира токму преку материјално-финансиската. Можна ли е новинарска независност во ваква „констелација“?

Тврдам дека е можно, но е најнепосредно поврзано со упорноста и тврдоглавоста, Тврдењето го темелам на следново:

Најголемиот број медиуми, кои досега беа „успешни“ на спонзорско- маркетиншки план, од ден на ден се соочуваат со сè повеќе проблеми од егзистенцијална природна. Станува сè поочигледно дека стопаните на медиумите веќе не можат да ги држат „под свое“ квалитетните, искусните, авторитетните новинари (изигрувајќи уредници без „милиграм“ новинарско- уредувачко знаење и искуство) бидејќи нивната цена е  и допрва ќе станува сè поголема (со растењето на свеста за сопствените вредности, авторитетноста, влијанието). Веќе не може да се „игра“ на медиумскиот пазар со насобрани татини и мамини бизнисменски „детишта, односно приучени ноинарчиња. Станува неопходно ангажирањето на новинари-професионалци-со големо новинарско искуство и афирмирано име, јасно дефинирана и конзистентна програмско-уредувачка концепција и политика, па…

Дали ви е познато дека сите светски медиумски куќи имаат свои новинарски школи? Дали ви е познат некој наш медиум со призната, афирмирана, почитувана новинарска школа?

Неспорен е заклучоков: колку си повеќе професионален, толку си помалку зависен.

Вистинските професионалци се независни во вистинската смисла на зборот.